Конфликти: „Ќотекот излегол од рајот? Или не? Како што изгледа, човештвото има вродена способност да ги стави „сите во една соба да се фатат за коса.“ Сите тие војни и конфликти, ќотек…Зошто?
Всушност во кој дел од денот има потреба од создавање конфликти? Зарем не е доволна оваа борба што ја водиме со самите себе? Зошто не можеме едноставно да се согласиме и да живееме во хармонија?
Пред неколку дена случајно ја зедов в раце книгата со наслов „Мир, Љубов и Слобода“ од Том Палмер. Бев навистина љубопитна што се крие меѓу кориците. Дали ова е уште една од оние книги со клише теми? Признавам, немав трпение и веднаш почнав да ги прелистувам страниците, но набргу се вратив на почетокот и ја прочитав со целосно внимание. Кога ја затворив и последната страница, сфатив дека Палмер, свесно или несвесно, делува како ментор за решавање на глобални проблеми. Неговите совети звучат како да доаѓаат од некој што има диплома за „најдобар миротворец“ и „експерт за избегнување на кавги.“
Во целата книга, клучен збор беше војна и сè околу нејзината природа. Ми стана јасно зошто книгата се вика „Мир, Љубов и Слобода.“
Палмер истакнува дека конфликтите ја одразуваат нашата човечка природа и нашата неспособност за разбирање и комуникација. Тој предупредува дека ако мислите дека сè може да се реши со една бескрајна дискусија на интернет, се лажете. Тоа е како да се обидувате да воспоставите ред со некој што смета дека „знаците за ограничување на брзината“ се само сугестии, а не правила. Но, нема да го казните поради тоа!
Слично на тоа, како што некои родители го оправдуваат тепањето на децата со изговор дека е „за нивно добро“, така и многу војни се оправдуваат како неопходни за „високи цели.“ Но, какво добро може да излезе од насилството? Дали казнувањето навистина води кон разбирање или само создава нови рани? Војните, оставаат зад себе само разрушени животи и трауми, наместо ветениот мир.
Мирот, како што јас го разбирам, не е само „отсуство на војна,“ туку активен процес на градење хармонија и разбирање. Го споредувам со напорот да се одржи семејниот ручек без да се претвори во политичка расправија. Ако „својски“ се потрудиме, ќе сфатиме дека „слободата не е само право, туку и одговорност.“ Можеби ќе најдеме начин да се согласиме без да учествуваме во уште една „Војна на световите.“
Затоа, следниот пат, кога ќе се најдете во расправија која изгледа како да е поважна од глобалната безбедност, запомнете: можеби е време да го примените разумот: „детето ќе го натепам за негово добро“ не е решение ниту за семејните, ниту за глобалните конфликти. Наместо тоа, Време да го оставиме насилството како далечно, несакано сеќавање. И убедувањето дека „ќотекот излегол од рајот“ најдобро да го оставиме во минатото, како неважен остаток од една ера што не знаеме дали сме ја надминале.
За да изградиме подобра иднина, да се ослободиме од погубните практики на насилство. Да се потрудиме да ги разбереме и решаваме конфликтите преку дијалог и емпатија. Вистинската сила не лежи во наметнувањето на својот став преку сила, туку во способноста да се создаде мост меѓу различните гледишта и да се постигне договор кој ги почитува сите страни. Токму тоа е основата на мирот и напредокот. Дефинитивно, ќотекот излегол од пеколот.
Пишува: Ромина Марковска