Живееме или сме зависни од животот? Поинаку би рекле, кој го живее нашиот живот?
Какви ни се мислите таков ни е животот, нели? Барем така велат. Така тврдат со векови. И навистина, она што го мислиме, веројатно е клучно за тоа како ќе го доживееме она што го гледаме. Мислиме ли убаво? Стремиме ли кон убавото, новите идеи, позитивното, она што треба да го задржиме, да го чуваме и никако да го изгубиме или едноставно сме робови на некое „ново“ општество? На трендовите кои (велат) постојано се менуваат. Следиме ли правила или од толку слепо следење на правилата, станавме конфузни и повеќе не знаеме што гледаме. Што перцепираме и колку го вреднуваме сето тоа, а откакако случајно ќе „скивнеме“ некоја информација, зависни ли стануваме од неа?
Дали можеби стигнавме до таа точка што веќе не знаеме да заклучиме што е добро, а што е лошо_
Робови ли сме на технологијата? Колку сме заситени со сето она што ни го нудат, а што е пак тоа што ни го нудат. Како да не гледаме производ, а не тераат да го купиме. Да го имаме. Најинтересно е што сето тоа ужасно ни треба и стануваме зависни… Зависни од паметни телефони, од лоши вести, црни хроники. И потоа, нормално се обвинуваме затоа што сме изгубиле толку многу време назад, а сме свесни дека оној кој ни го продавал „измислениот“ производ и не стуткал во таа машина на виртуелното, не искористил и повеќе нема назад.
…Но, веројатно од секогаш било така. Робови сме на секојдневието.
Стануваме очајни во понеделник, работиме без волја и го чекаме вторник со малку повеќе енергија, за потоа во среда да сме истоштени, а на крај од четвртокот, да почнеме да се радуваме дека доаѓа петок и започнува викенд. А тој петок, секогаш кратко трае и повторно одново. Понеделнички, безволно. Со работни часови кои мора да ги исполниме, со шема по која мораме да одиме. Не мотивираат, не инспирираат, а потоа не користат како некое испуфкано парче од Баленсијага. Ни докажуваат дека сме станале бренд кој продава вреќи за ѓубре. Но, ни од тоа богатство не се богатиме. Дозволуваме ли да живееме по таа рутина? А како да ја избегнеме кога постои целиот овој притисок? Како понатаму со сметките, со финансиски ескалации, немирниот сон. Децата, училиштето, кредити… И секој живее во оваа „машина“. Никој не циркулира. Но, се вози. Во круг. Во безизлезен круг.
Не. Ова не е текст кој ќе ве натера да бидете среќни, да имате самодоверба и да бидете некои најсилни и моќни чичковци паричковци кои не смеат да се откажуваат од својот таргет и цел. Не ве убедуваме, нити пак ве мотивираме, само констатираме… Да не се лажеме дека живееме како што сакаме! Туку, што понатаму?
Тешко е да се живее со ваков мајндсет нели?
Ни велат, црпете енергија… Не прашуваат: „А како ги полните батериите…?“ А ги полниме ли? Знае ли некој како?
П.С. Текстот е инспириран од илустрации што ги најдовме на Pintrerest. И не значи дека не можеме да промениме ништо, само треба да научиме како, а тоа како можеме да го размислиме само сами. Без клише вестите, психолошки анализи од лаици или виртуелни видеа чие времетраење ни ја одзема можноста САМИ да го разгледаме тоа КАКО!