Заљубен во својот одраз: Легендата за Нарцис! Стара е повеќе од две илјади години, но денес одѕвонува погласно од кога било. Во светот на селфија, филтрирана реалност и постојано самопромовирање, приказната за младиот човек заљубен во својот одраз нè предупредува што се случува кога љубовта кон сопствениот лик станува опсесија.
Кога си премногу заљубен во себе – и тоа те чини сѐ!
Во грчката митологија, Нарцис бил син на речниот бог Кефис и нимфата Лириопа. Од мали нозе бил толку убав, што сите се вљубувале во него. Но, неговото срце било студено. Емоциите на другите – ирелевантни. Пророкот Тиресиј го предупредил: „Ќе живееш долго, само ако никогаш не го видиш својот одраз.“
Нимфата Ехо била една од жртвите на неговата емоционална незаинтересираност – исчезнала од тага, оставувајќи зад себе само гласот. А кога Нарцис конечно го здогледал сопствениот одраз во водата… почнала трагедијата.
Кога си заљубен во својот одраз – до точка на уништување
На еден извор, изморен од лов, Нарцис го здогледал својот лик. Бил опиен од сопствената убавина. Пакувал бакнежи кон одразот, но водата секогаш се повлекувала. Денови минувал покрај изворот – без сон, без храна, без реалност. Само тој и својот идеализиран лик.
Кога конечно се срушил од исцрпеност, покрај него останала само Ехо – шепотејќи му го последниот поздрав. На местото каде што умрел, никнала бела, кревка и тивка билка – нарцисот.
Од заљубеност во себе – до дијагноза
Денес, нарцисоидниот пореметувачки образец е медицински призната состојба – претерана потреба за восхит, отсуство на емпатија и верување во сопствената извонредност. Сите имаме моменти на самодоволност, но кога тие стануваат начин на живот – настанува емоционален пустош.
Митот за Нарцис е античко, но вечно предупредување: ако ја изгубиме врската со другите, ќе се изгубиме и себеси.
Во светот на селфија – дали гледаме, или само се гледаме?
Во време кога идентитетот се филтрира низ социјални мрежи, кога срцето се мери со лајкови, а огледалото е најблискиот пријател – приказната за Нарцис е потребна повеќе од кога било. Таа нè потсетува дека убавината не е во совршениот кадар. Таа убавина е во трагата што ја оставаме зад нас.
Совет за крај: Љубовта кон себе е здрава, но само кога не ја заборава другата страна на огледалото – човечноста.
пишува: Ромина Марковска