Вујко Вања во Народен Театар Битола – Осврт
„Трагедијата на староста не е во тоа што човек старее. Tуку во тоа што останува млад по душа, и сака на секој начин да живее. А живеењето е најретката работа на светот. Повеќето луѓе само постојат. И се отуѓуваат.“ Би тргнале од ваквиот аспект потенциран во постот на Билјана Крајчевска, драматург на претставата „Вујко Вања“ на А. П .Чехов во режија на секогаш автентичната Софија Ристевска. Имено во петокот имавме чест да присуствуваме на премиерата на претставата „Вујко Вања“ во Народен Театар Битола.
А после возбудата дека ќе одиме на театар, очекувавме уште една актерска и режисерка мајсторија над штиците што живот значат. Но, можеби не толку брилијантна како оваа. Не поради тоа што се сомневавме во екипата, туку поради самиот Чехов и смелсоста да се постави на сцена. Ете како го доживеавме целиот процес, приказна, претстава.
„Што кога животот е изигран според погрешна матрица и менталниот притисок на времето, едноставноста и што кога монотонијата ги руши бариерите на постоечкото? Така, лишени од сопствената слобода, идентитет и препознатлива конфронтација со своето его што некако излитено се препознава во деновите што изминале, ликовите на Чехов „брутално“, а сепак извесно латентно го претставуваат епското прашање на постоењето. И што сега? Чехов не може да се разбере достаточно. Тој се чувствува. Фабулозното сознание дека животот минувал во отсуство на мотив, амбиција, храброст и рутинска проверка во огледало со круцијалното задоволство од само едноставното задоволство на благодарноста: „Добро е што и денес се разбудив и што сум жив.“
Но, доволно е ли само тоа? Кога умираме и кога ќе се одмориме?
Софија Ристевска ја разработила токму таа позната „чеховска пауза“ во поинаква смисла. На сцената гледавме ликови кои пренесуваа меланхолија, а зборуваа енергично, брзо и пренесуваа некаква емотивна фуриозна (навидум) амбиција. Апсолутно спротивно од она што една меланхолија го претставува, а тоа е она бавно влечење на репликите. И како да тоа беше она брилијантното. Умешноста да покажеш меланхолична и досадна атмосфера, а сепак да глумиш енергично. Чувствувавме темпо, акција, енергија, а сепак го чувствувавме Чехов во секоја реплика. Ја чувствувавме таа тага, непријатност, незадоволство и каење кое се случуваше во провинцијалното во „Вујко Вања“.
Она што (барем јас сум научена), е да гледам нешто што ја апстрахира таа смиреност и доследно пренесување на една иста линија, на која и недостасуваат благи амплитуди.
Разликата помеѓу сценското презентирање на приказната и она што го читаме на хартија на пример, е токму во ефектот кој треба да донесе возбудливост. Тоа е мајсторијата на театарот. Да бидеш возбуден, а на крај да го доживееш истиот ефект од она што е напишано на хартија. Во случајот ефектот на тага, развлеченост на емоциите, рамнодушност.
Уметноста елоквентно зборуваше и преку сценографијата која лично ме фасцинира. Јасно е дека претставата односно приказната може да се претпостави само кога ќе се погледне сценографијата. Имплементацијата на огромниот метален свод, кој на крај ги затвора ликовите како во кафез, изигра улога на повторно кратење на крилјата на соништата. Инклузивно се вметнува и фактот дека тоа се соништата на секој од нас. Во тоа време, во друго време, а во ова сега и овде. Неминовна беше музиката и ефектот на светлото кое точно знаеше „како да се претстави“.
Дали е доволно да живееме доследно почитувајќи го правилото на природното, анималното или рутинскиот код на секое „живо“ битисување: размножување, спиење, хранење. И повторно одново.
Јасно е дека Ристевска и Крајчевска темелно го проучувале тој психолошки момент и смело се фокусирале кон апсолутната длабочина на постоењето. Исто толку темелно беа изиграни и ликовите на Чехов. Нашите актери брилираа на сцената на Битолскиот Театар и совршено одговорија на режисерката и драматуршката задача.
Петар Горко, ја играше насловната улога на 47 годишниот Вујко Вања. Горко играше со неверојатна динамика и круцијално е да се забележи дека во ни еден момент не го тргнавме вниманието од главниот лик. Неговиот внатрешен конфликт беше неизбежно заприметлив и драмскиот карактер беше доловен во секоја смисла. Петар Горко уште еднаш докажа дека е круна на нашето театарско глумиште кој би посакувале да го гледаме почесто.
Никола Пројчевски, кој го играше фаталниот доктор АСТРОВ, МИХАИЛ ЉВОВИЧ, со секогаш присутниот енергичен актерски манир ја пренесе таа слеаност на ликот со природата во таа провинција. Како да „тоа е тоа“ и мора да играме по правилата на природата. А кога постојано го повторуваш „тоа е тоа“, всушност се слеваш со правилата, (во случајот со шумата). Го дишеш воздухот во таа шума и го идентификуваш интелектот и искуството со (навидум) убавото во кое сите се уверуваме.
Важно ли е да сме среќни токму онаму каде што сме или несреќни на она место каде не припаѓаме? Кога ќе се одмориме?
Кога сме кај тоа, изненадени бевме од фасцинантната трансформација на актерката Катерина Аневска Дранговска која ја играше улогата на Софија Александровна – Соња, внуката на Вујко Вања. Трудољубива, добра, наивна и незаприметлива. И некаде помеѓу свесноста за нејзиниот физикус кој во драмата е прикажан како неизмерно „грд“, Софи само изгледа незаприметливо, а според нас, токму овој лик ги носи и чува сите заклучоци. И најмалите ликови во една претстава, можат да имаат голема улога. Катерина маестрално ја одигра Софи, а монологот ескалира и прозвучи низ последната реплика: „Ќе се одмориме.“
Во улога на СЕРЕБРЈАКОВ, АЛЕКСАНДАР ВЛАДИМИРОВИЧ, професор на универзитетот во пензија, не фасцинира и актерот Александар Димитровски.
Сребрјаков исто така култен лик на Антон Чехов, Димитровски го изигра феноменално. Со некако потполна негрижливост околу останатите, на сцената ја прикажа себичноста на Владимирович, а од друга страна неопходното и исто разочарување од староста. Како да овој лик се бореше со времето, „таблетите“ кои на крај не одржуваат за уште тоа „малку“ на овој свет и дискутираше за борбата со младоста и незадоволството дека таа одамна заминала. Најдраматичниот момент беше што Сребрјаков до некаде сака и да се откаже од таа борба, но сепак постои стравот од заминувањето од светот. Плашливиот звук на куршумот од страна на Вујко Вања, евидентно се постави како израз на почит кон животот, понекогаш колку и да е тој беден, мизерен и на работ на залезот на сонцето. Димитровски пристапи апсолутно сериозно кон креацијата на ликот кој апсолутно конкретно и точно беше ВНАТРЕ во приказната.
Костимот на убавата ЕЛЕНА АНДРЕЕВНА, неговата жена го облече Јулијана Мирчевска.
Како и секогаш кај Мирчевска беше евидентна професионалноста и посветеноста кон креацијата на ликот кој всушност требаше да биде главен центар што за миг излезе од она баналното на останатите. Мора да ги заприметиме и костимите на Јулијана кои ја докажаа таа респектирана улога. Облеката ја прикажува душата, а може и да ја измачка, притисне, да не излаже. Црвената боја докажано е дека е боја на страста, огнот. Самиот живот кој го носи таа, всушност го акцентира мигот на неисправност помеѓу оној кој се гледа во огледало и оној истиот човек кој перцепира. Контрастот на луксузните фустани, придонесе за олицетворение на некое извесно феик урбано во доследно провинцијално, а истовремено откри колку може да ја маскираме сета таа тага што ја носиме во себе.
Птиците беа нахранети, но никогаш не полетаа.
И тоа “пили – пили“, не беше воопшто смешно низ репликите на ВОЈНИЦКА, МАРИЈА ВАСИЛЕВНА мајката на првата жена на професорот во улогата на Марија Стефановска која се повеќе не изненадува со нејзината актерска способност да го донесе еден лик разбирлив, да го оживее. Да го потенцира неговиот капацитет и моќ да ја владее сцената и на крај да не поистоветува со истиот.
Валентин Дамчевски точно го носеше костимот на ТЕЛЕГИН, ИЉА ИЛИЧ, пропаднат спахија и ја претстави истата претензија. На сцената да ја видиме таа навидум борба со тагата. И некогаш тропаш на масата и велиш доста е…И прекоруваш и се трудиш да избегаш, но лесно се откажуваш или живееш по некои туѓи непишани правила, ограничувања, монотонија.
Според нас, претставата не би била одлична ако кога ја напушташ театарската сала, не се завртиш кон сцената со прашања. Не такви прашања кои би се задржале на она неразбирливото или што сме гледале. Туку на прашања кои би си ги поставиле лично. Прашања што би ја разбудиле сопствената реторичност. Ова би го преведила како извесно поистоветување со ликовите и целиот тој емотивен ролеркостер што на сите ни се случува. И иако „Вујко Вања“ е дело објавено во 1899 година, може да биде, да се игра, да се постави и да се живее и денес.
Ова беше необично и брилијантно уметничко театарско искуство што заврши во громогласен аплауз и најдолго враќање на бис. Претстава што топло ја препорачуваме.
Осврт на: Елена Трпковска Наумовски