Во вселената живот? Ако е како нашиот – поарно да не постои

vo-vselenata-zivot-ako-e-kako-nashiot-poarno-da-ne-postoi

Во вселената живот? Ако е како нашиот – поарно да не постои. Телескопот Џејмс Веб откри траги од живот на друга планета. А ние тука? Се самоуништуваме – со гордост.

Додека се клоцаме околу политички граници, мразиме заради боја, вера или статус, додека инфлацијата ни ги празни новчаниците, а војните ги полнат гробиштата – вселената реши да ни пушти мал знак. Можеби дури и предупредување: има живот во вселената.

Живот во вселената

Телескопот Џејмс Веб, технолошки гениј што гледа подалеку од нашите предрасуди, откри нешто што не можеме лесно да го игнорираме: на егзопланетата K2-18b, која се наоѓа на 124 светлосни години од нас, научниците детектирале присуство на диметил сулфид (ДМС) – молекула која на Земјата ја создаваат исклучиво микроскопски морски организми. Со други зборови: знак од живот.

Можеби таму некаде има живот.

И тоа живо – ако е среќно – сè уште не изумило граници, пари, твитер или реално шоу. Можеби уште не знае што е жица за погранична безбедност, ниту пак знае како изгледа човек со автоматска пушка и со цврста увереност дека прави нешто „во името на татковината“.

K2-18b е во „животна зона“. Таму можеби има вода. А каде што има вода, има и шанса. Но еве ја иронијата: додека таму можеби се раѓа нешто слично на живот, овде кај нас – веќе со векови – животот се гаси сам од себе..

Во сенка на откритието што може да го смени нашето разбирање за местото во универзумот, луѓето на Земјата се расправаат за картофи, верски обичаи и кој кого навредил на интернет. А научниците од Кембриџ, предводени од професорот Нику Мадхусудхан, ни покажуваат дека не сме уникатни во космосот – ама ние упорно се трудиме да бидеме уникатни во самоуништување.

Ако таму некаде некој нè набљудува, веројатно се чуди: зошто овие суштества, со толку потенцијал, избираат толку болен пат? И ако има живот таму, се надеваме дека нема интернет. Ниту историја на човештвото.

Џејмс Веб можеби нè приближува до одговорот на прашањето „Дали сме сами?“

Но дали сме вредни да не бидеме?

Повик за размислување: Како ќе се сетиме на нашата Земја кога ќе дознаеме дека, всушност, не сме единствените во вселената – има живот и на друга планета.

Или можеби тоа откритие ќе ни ги отвори очите за она што го правиме тука?

Што ако за неколку децении друг погледне на нас и се запраша:

„Како може да се поврзат интелигенцијата и самоуништувањето?“

пишува: Ромина Марковска

[post_tags]