Она што најчесто забораваме, е да ги научиме нашите деца да бидат среќни, и тоа долго да им потрае. Забораваме да им кажеме колку е важно да го негуваат и сакаат своето тело. Бидејќи им треба за следните 70тина години… Како да си го сочуваат разумот бидејќи и тој треба да ги служи наредните 70тина години.
Клаудија Лутовска
Мартин посегна по марихуана, секојдневието му е исполнето со по неколку џоинти. Јави тикови на десната рака, а и расеаност. Но, чувството му е одлично, се чувствува хај, и тоа го прави среќен во тој момент. Кога ќе престане дејството на марихуаната е тажен, мрзоволен. Ја купува од уличен дилер, завиткана во некоја најобична хартија. По некое време станува раздразлив, а неговите мисли не се јасни. Кога човек знае што зема и зошто зема, знае ли кои се последиците? Но, знае ли Мартин што точно имаше во старата хартија, со што го нахрани своето тело и својот нервен систем? Знае ли Мартин кои му се последиците од земање на нешто за кое не знае кој што ставил во тоа?
Кога повозрасниот, наставникот и родителот ќе им објаснат на децата и на младите колку е важно да го сочуваат умот и разумот, колку е важно да си го сочуваат телото здраво, кога еден млад човек ќе добие информации за да се соочи со се што му се нуди, можеби и ќе размисли пред да посегне.
Психијатарот Л.А. вели дека она што го има на пазарот е комплетно нејасно. А на младите и на децата им се нудат различни типови на мешавини од дроги, кои најчесто ги земаат во комбинација. Од тоа има трајни оштетувања, процесот на лечење скоро е и невозможен. Последиците се застрашувачки.
Разговараат ли за ова, а и за сите последици потоа, родителите со своите деца? Размислуваат ли младите дека нивното тело е нивниот доживотен храм, нивниот ум нивниот доживотен двигател. Доколку го оштетат, тоа ќе им се провлекува за цел живот, а животот треба да е долг и среќен.
Истото се однесува и на храната која ја јадеме. И на водата која ја пиеме, и на алкохолот и на цигарите, и на сите задоволства кои се моментални. Дали прво ние знаеме кои сме и како да се грижиме за нашетот тело и здравјето, а потоа, тоа да го пренесеме на младите луѓе, кои треба удобно да патуваат во животот.
Алкохолот исто така станува застрашувачка комбинација, кој ионака сам по себе ја дестабилизира состојбата на разумност.
Марија е девојка која обожава да се напие. Но, после 3тата чашка не е во состојба на себе контрола. Плаче, раздразлива е. Има потреба од конфликти, и најчесто сето тоа завршува со ужасни сцени кои само и наштетуваат. Таа вели: „Ми се пие, и ќе пијам, ништо не ми е“. За каде се подготвува Марија? За каков живот? Дали ако се соочи со себе си е задоволна со своето издание, дали тоа нејзино издание во сегашноста ќе и донесе добри резултати кои ќе ја прават среќна подоцна, ја знае ли својата иднина? Има ли соништа за иднината, за својот изглед и здравје по некоја година?
Моќта на свесноста, на разумноста, на сопствената самопочит, на сопственото постоење, на сакање на себе си, на сакање на својот изглед, своите вредности не го носи младиот човек кон пороци, туку наротив го носи кон планирање.. Кон визија, креирање на своите постапки, одразување во општеството со свои вредности.
Немоќта на себе пронаоѓање, неосознавање на своите потреби, не заглавуваат во бегство од реалноста, во дребулии кои можат да направат последици со кои подоцна ако се справиме сме имале голема среќа.
За каде се подготвуваме? Ова е вистинското прашање.
Каде се гледаме себе си? Како какви личности…? Што ни е важно да постигнеме и каков живот сакаме да живееме? На овие прашања одговорите треба да се случат уште во адолесценцијата. Опшетството се повеќе ги збунува младите во оваа возраст нудејќи им опции на достапност на сите можни пороци, и што е најстрашно, наместо да им помогнеме да се прифатат, ние – опшеството им ги дозволуваме фрустрациите кои водат до себе-не-прифаќање, да посегнат против сопствената природа и сопствената предодреденост, и да бараат бегство во промените на своето битие. Збунетоста да ги доведе до заблуда, а фрустрациите да ги воведат во погрешни хаотични одлуки, каде со себе го повлекуваат и целото семејство.
Немам мандат да зборувам од кои психолошки состојби се вовлекуваат младите во оваа состојба, но, како мотиватор, би сакала да дадам можност за размислување во насока на превентива од запаѓања во оваа состојба на збунетост. Ако повозрасните посвесно ја одиграат улогата на родител, воспитувач, станат пример и олицетворение на среќа и љубов, верувам ќе се избават многу млади и ќе го следат примерот на воспитувачот. Ќе ја примат среќата, за која честопати се вели дека е „заразна“.
Среќен човек кој е опкружен со несреќни луѓе, влијае со својата љубов кон групата и несвесно им ја пренесува својата состојба, размислувања, визија, на некој несвојствен начин им ја предава својата среќна енергија. Но, збунет млад човек сеуште неосвестен е многу важно со кого е опкружен, влијанието на погрешна околина само ќе го повлече кон себенепочитување со последици.
Не случајна е индиската поговорка дека во секој човек има два волка, зол и добар, кои секогаш се во војна. Победува оној кого го храниме.