Еден од најзначајните современи македонски писатели, Венко Андоновски беше гостин во Книжевниот клуб Утопија во Битола. Се одржа вечер посветена на неговото најново дело „Александар јава на запад“, книга што самиот автор ја определува како „книга пред роман“.

Настанот, кој предизвика исклучително голем интерес и беше исполнет до последно место веднаш по објавата, уште еднаш потврди дека Битола располага со жива, внимателна и книжевно писмена публика, подготвена за содржини што не нудат лесна нарација, туку бараат вклученост и мисла. Разговорот со Венко Андоновски брзо излезе од рамките на самото дело.



Се отвори кон пошироки прашања за современиот човек и неговата состојба.
„Стануваме бесчувствителни суштества, кибернетички ликови“, истакна авторот. Андоновски, посочи на процесот на постепено губење на чувствителноста во општество што сè повеќе функционира преку автоматизирани модели на однесување.

Во таа насока, книжевноста, според Андоновски, не е украс, туку нужност. „Треба да се плаче“, рече. Не како повик на сентименталност, туку како показател дека човекот сè уште поседува капацитет за доживување. „Ако читањето не донесе до ваша промена во животот, тоа не е читање. Тоа е само вртење на очите по страниците“, додаде, нагласувајќи дека вистинското читање подразбира размислување и дејствување.










Особено внимание беше посветено на јазикот и неговата улога во современото општество.
Андоновски предупреди дека голем дел од говорот денес се сведува на „празнословие“… На инфлација од зборови без тежина, при што, како што истакна, човек со текот на времето учи нешто што ретко се вреднува, а тоа е да молчи. „Молчењето е важна работа“, нагласи, правејќи разлика меѓу молчењето од страв и молчењето како избор на разбирање.
Новата книга „Александар јава на запад“ отвора повеќеслојна нарација во која историјата, симболиката и современоста се преплетуваат. Преку идејата за оживување на историски фигури и нивно движење низ современиот контекст, делото го проблематизира односот кон националниот идентитет, двојните стандарди и искривените вредности, користејќи иронија и апсурд како клучни поетички алатки.








Во текот на вечерта беше отворено и прашањето за вредносниот систем во современото општество. „Свесноста за доброто е најмногу загрозена“. Истакна Андоновски, предупредувајќи дека релативизацијата на доброто и злото води кон постепена ерозија на цивилизациските темели.
Сепак, разговорот не заврши со песимизам. Во една од поедноставните, но највпечатливи мисли, авторот истакна: „Среќен ме прави насмеан човек“, оставајќи простор за надеж во враќањето кон основните човечки вредности.
Книжевниот клуб Утопија, преку вакви настани, продолжува да се позиционира како значаен алтернативен културен простор во Битола, каде литературата не се третира како форма, туку како жива мисла што се споделува и преиспитува.
