Реномираната писателка, поетеса и преведувач ќе биде дел од специјалната априлска средба на Книжевниот клуб UTOPIA. Вечерва, со почеток во 19:00 часот, во просториите на Utopia Private Members Club во Битола, ќе се одржи нова средба на книжевниот клуб, на која специјална гостинка ќе биде еден од најистакнатите гласови на современата македонска литература – Лидија Димковска.
Димковска е авторка со импресивна биографија и меѓународно признание. Како писателка, поетеса и преведувач, таа е позната по своите дела што продираат длабоко во прашањата на идентитетот, миграцијата, личните и колективни граници, како и болките и парадоксите на современиот Балкан. Нејзините романи и поетски книги се преведени на повеќе европски јазици и редовно се предмет на академска и книжевна анализа. На оваа средба во Битола, вниманието ќе биде насочено кон прозните остварувања на Димковска, особено врз романот „Резервен живот“ – добитник на престижната награда „Роман на годината“ во 2012 година, како и на Европската награда за литература во 2013 година. Публиката ќе има можност да дискутира и за другите дела, меѓу кои „Единствен матичен број“, „Скриена камера“, и „Но-уи“.
Организаторите на настанот истакнуваат дека ова е ретка можност за директен книжевен дијалог со авторка чие творештво со децении гради мостови помеѓу поезијата и прозата, меѓу Балканот и Европа, меѓу интимното и политичкото. Влезот за настанот е слободен, а сите љубители на литературата се добредојдени да присуствуваат на оваа вечера исполнета со зборови, мисли и книжевна магија.