Зошто оној за кого не очекувате успех, успева побргу?
Тајната за успех, и тајната на успешните луѓе е комплексен систем. Систем на изграденост на личноста… На воспоставени релации со околината, изоштрена интуиција и рискантност, посветеност и знаење, и пред сите овие карактеристики, чувство на самодоверба.
„Изброј до три, пред да кажеш/направиш нешто“, „размисли, па кажи“, „три пати мери, па сечи“. Многу често слушаме дека паметните молчат, мудрите го одредуваат вистинскиот момент.
Тогаш зошто младиот човек најчесто избрзува? Која е тајната на еден успех?
Сакајќи да се докаже, да ја задоволи потребата од да биде пофален, да се истакне, неговата брзоплетост, најчесто го води до губење на интересот. Или многу почесто некој друг да ја зло/употреби неговата идеја или информација.
Во последните десетина години, низ народот има еден муабет. Муабет „дека децата од село успеваат побргу од градските деца“, како се случи тоа?
Кога родителите кои се на едно незавидно ниво, немаат завршени факултети, тие на своето дете се радуваат како на Бог. Со тоа ја развиваат неговата супериорност и посебност, создавајќи му чувство на енормен успех. Во градските средини, кои сеуште се сметаат за средини на интелектуалци, родителот чие дете е студент, не му дава на значење. Со тоа самодовербата на овој млад човек е минимизирачка. Желбата да се успее, дури и тенденцијата и амбициите на младиот човек од село се поттикнати, станува незапирлив. За разлика од него, градскиот млад човек станува летаргичен. Амбициите не се поттикнати, се сведени на ниво на редовен успех кој секој го може, и се е далеку од чувство на супериорност. Со тоа му се убива амбицијата за напредување, со самата минимализација на успехот кој го постигнува… Во стилот „денес секој може да заврши факултет“.
Родителот, во процесот на воспитување ја создава базата и определбата на младиот човек. Ја трасира, односно на некој начин ја кодира неговата иднина.
Има ситуации во кои мајката или таткото уживаат деспотски карактеристики. Во овие случаи, нивните деца се долго време потиснати во сенката на родителот. А тој, истиот не им ја дава важноста на постигнатите резултати и успеси. Од таа причина овие личности се подолг временски период од животот под влијанието дека не можат да постигнат успех.
Во поново време, за жал некои млади луѓе да го избегнат или ублажат ова чувство, стануваат зависни од наркотици… Од живот без тенденции и амбиции. Како лек доаѓа растеретувањето од ваквата состојба со заминување од домот, или брзо и моќно освестување кон целата ситуација, со целосно ослободување од емоциите, кога таквата личност ја губи и емпатијата.
Уште еден голем проблем кај оваа категорија на млади луѓе со ваков тип на родители е што овој родител никогаш не е задоволен со своето дете, и секогаш е под притисок да го поправи, да го омаловажи и да му каже како треба. Чувството на вина, никогаш не може да биде основа за напредок.
Од еден сосема друг аспект се вели „никогаш не му завидувај на оној кој успеал, зошто никогаш не знаеш што тој жртвувал за успехот“, што е многу вистинито. Некој ја жртвувал својата слобода, некој своето време, некој својот приватен живот, некогаш е сето тоа и многу поскапо платено.
Има и една мекдонска мудрост од старо време која вели „да не те праша староста, што правеше во младоста“, или ја поврзувам со онаа кога кучето во лето не бара куќа, а во зима ја нема, или штурецот кој свирел додека мравките собирале храна.
И еве како една ретроспектива, секој млад човек треба да се осознае што порано, да ги надмине сите бариери, свесно, кои го гушат и спречуваат на патот на сопствената визија, и да се освестува и станува мудар, препознавајќи вредности и полнејќи се со знаење. Таквиот млад човек станува свесен и за својата вредност, и може поскапо да се продаде на пазарот на трудот, да пронајде место за себе и тогаш кога местата се веќе пополнети.
Ана, на интервју за кариерни можности доби многи унтересна понуда „иако не сте го завршиле факултетот, јавете се да отвориме место за приправник за вас лично“ – ова беше кажано од претставникот на голема престижна компанија која препозна во Ана колега.
Верувајте дека „некој“ гледа и тогаш кога воопшто не се надевате.
За „Разбуди се“ пишува: Клаудија Лутовска