„Ако македонскиот јазик е идентитетот на нашиот народ, тогаш и знаковниот македонски јазик е дел од тој идентитет“
Во систем во кој владее вечниот апсурд, во систем кој секогаш е ограден и се „крепи“ над маргините на општеството, театарската претстава „Улаф сте“ или „Are you crazy“, го истакнува стереотипот, недоволната информираност, апстрахирањето од индивудуалната, а потоа општата свест кон глувата заедница. Всушност, распадот на едно општество, започнува токму од тоа. Од целосната незаинтересираност на поединците кон проблематики кои ги интересираат ранливите групи.
Глуви ли сме за проблемите на глувите лица во нашата земја?
„Зборуваме, зборуваме, зборуваме…“ Ќе рече Кристијан Танчевски кој преку еден збор наместо целосен монолог во „сценичен“ дел на претставата, изведе брилијантни актерски трансформации на човек кој нема оштетен слух и се наоѓа во различни расположенија: Зборуваме – оговараме! Зборуваме – потенцираме! Зборуваме – навиваме! Зборуваме – советуваме! Зборуваме – се претставуваме! Зборуваме – дебатираме…
Но, што се случува со глувиот човек кој преку затворот од кутии на сценската креативна поставеност, ни долови една „пригушлива“ атмосфера или изолација во која всушност се наоѓаат неговите мисли? Дали и како ТОЈ зборува? Дали има со кого да зборува и кој е начинот на комуникација?
„Вам ви е убаво кога шетате низ Широк Сокак, ќе си мафнете, ќе си направите муабет, јас немам со кого…“ – ќе рече Мартин сопственикот на првото знаковно кафуле и пицерија „Улаф сте“ во Битола, кој всушност е херојот и инспирацијата за Јован Ристовски, режисерот на претставата.
И музиката сооддејствуваше со истата емоција што доведе до „хипертензија“, емоција што заболи до балчак. Не тетеравеше низ звуците на напнатост, тензичност, хаос од она што го слушавме како перцепиенти кои се поистветуваа со ликовите и низ солзи ги слушнавме нивните проблеми.
„Мислата на глувите лица течи многу поинаку. Тие не разговараат и не размислуват на исто ниво како ние. Ова е многу тежок процес затоа што еден актер, уметник, најпрво мора да мисли како глув, па потоа да ги научи знаците, за на крај да ги игра на сцена. Ова не е класичен процес. Конкретно за оваа претстава, имавме 3 месеци актерски проби, а за сериозен класичен текст се потребни од 8 до 12 месеци.“ потенцира Јован Ристoвски, режисерот на претставата.
Имено, Наталија Ристеска беше фокусот кој исто така го „украде“ нашето внимание. Можеби до крајот, верувавме дека девојката навистина е дел од борбата која останува беспредметна, секогаш со зборовите: „Почекајте!“. Веруваме дека не случајно режисерот ја избрал актерката, бидејќи нејзиниот нежен физикус и полетност, се разбира и неверојатниот талент, беа совршено имплементирани во личност која во скромен „костим“ зборува за големите нешта кои ние за жал, сме ги доживувале дури и како невидливи.
Претставата беше толку тивка, а толку гласна: „Ние сме гласот на глувите“, ќе истакне режисерот и ќе ја потенцира недоволната поддршка кон оваа заедница од страна на надлежните институции, државата.
Трогателно, бурно, шокантно! Токму така допреа до нас актерите. Со претенциозен наметнат темперамент и екипа што брилираше во една енергија. Молк кој требаше да тропне со нозе или да шлукне со раце за да не потсети дека овие луѓе постојат.
Маја Андоновска Илијевски со елегантно достоинство и леснотија, уште еднаш го докажа исклучителниот актерски талент. Со јасно верување во мислата на ликот, неговата борбеност и интенција за она што сака да го каже тој, Андоновска Илиевска ја исполнува и најтешката задача.
И Никола Пројчевски уште еднаш го докажа својот уникатен пристап кон процесот и преку автентичен потпис, на моменти го одигруваше она лудило на секој ѕвер во нас. На лакомоста, егото, партијата, политиката, непристојната шегата и недоволната емпатија кон глувите лица. Играта на зборови или говорот на телото, се оние кои ја донесоа оваа претстава толку близу до нас.
Потенцираните мимики и гестови, не беа само делот каде актерите укажуваа гордо на она што го научиле, а тоа е знаковниот јазик, туку сакаа и да го задржат фокусот кој финишира во громогласен аплауз. Сандра Грибовска настапи со иста енергија која се вклопи во мозаикот на оваа приказна. Експресијата и артикулациите кои совршено беа имплементирани во напати емпатична улога, до целосно омаложувачки контескт и дискриманција кон глувите лица, бравурозно ја експонираа суштината.
Незаменлив пристап кон улогите, исклучителна евокоативна моќ! – Марија Стефановска владееше во намерата за без цензура да ги истакне екстремните промени на ликовите. Стафановска ги допре клучните точки на ескалација и кулминација и потоа не спушти на дното кое патем не потсети дека е реалноста.
Би рекле дека Ристевски не оствари само театарски проект, туку расправаше и за бруталноста на животот која навистина треба да се разбере како цела философија. Сите моменти во животот и начинот на кој ги гледаме приказните, во еден час се завртија од другата страна. Ние бевме неми, а тие беа оние кои многу гласно зборуваат.
Слушаме ли со ушите или нешто друго е она што ќе ја разбере таа тегобна приказна? Центрирани во оваа реалност, за миг суровоста го „разголи“ својот дрес код и ни се претсави на сцената во Центарот за Култутра во Битола.
Темпото беше онаа солуција која на овој нетипичен проект со наслов „Are you crazy“ или „Улаф сте“? му даде душа, визија, експанзија на пораката што заврши испишана на голем натпис:„Стандардизација на македонскиот знаковен јазик.“
Потпирајќи се на искуството и размилувањето околу процесот на режисерот, со наклон до земја и стоечки овации им честитаме на целата екипа.
Претставата, во продукција на АТО, ќе ја доживее својата премиера на 16 Јуни – Петок во 20:00 часот.
Осврт на Елена Трпковска Наумовски