Дали понекогаш љубовта може да се разгледа како сурово плеснат коментар од страна на реалноста? На што сѐ сме подготвени кога љубиме? Што е вистинска љубов и дали можеби некогаш љубовта е оправдување, изговор за да го направиме она што всушност сме. Она што е длабоко потиснато во нас… Лудоста.
Осврт на: Елена Трпковска Наумовски (Нена)
…И токму таму се среќаваат ликовите од претставата „Жиголо“ во обидот да се пронајде вистинската смисла на животот. Смислата на љубовта. Имено, „Жиголо“ е праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски, а во режија на Благој Мицевски. Ова беше првата претстава за оваа година на Битолскиот театар.
Во врска со синопсисот… Ова е драма комедија, а приказната го следи бракот и љубовната приказна на Амели и Франческо. Амели е болна од рак, но болничарот Франческо криејќи се зад титулата „доктор“, тоа го чува во тајност од својата сопруга која е веќе во депресија и се сомнева дека нешто не е во ред со нејзиното здравје. Франческо го прифаќа предлогот од пријателот Оливие и станува Жиголо со цел да заработи повеќе пари и да му овозможи лекување на сопругата. И Елиса, мајката на Амели ќе се сретне со Жиголо, а Жиголо ќе има и средба со психијатарот на Амели – Карине… Заплети, љубовта, животот, искреноста…
… …. ….
Претпремиера, 20 часот, најубавото време – време за театар. Време кога можеш да си дозволиш на ТИ да си со фантазијата… Со магичниот свет… Да се преиспиташ и да играш заедно со приказната пред тебе над штиците што живот значат.
Почетокот
Морам да признам дека она што најповеќе ми асоцираше на театар (оној визуелен елемент) е таа дебела тешка црвена завеса. Моментот на исчекувањето што се крие зад неа е можеби таа магијата што ме привлече во овој свет. Но, како што стареам, сфаќам нешто друго. Театарот започнува уште кога ќе му погледнеш в очи на сценографијата. Тоа е првиот контакт со непознатиот пријател – претставата што „допвра“ ќе следи. Или ќе те заинтригира или не. Како кокета, што или знае да заведува или ќе поминеш покрај неа без или едвај да ја забележиш. За мене претставата започнува уште кога влегувам внатре, во театарскиот хол и седнуваш на столот.
…И следеше бомбастична реакција од умот. Она што прво ме погледна в очи, беше портретот на Фројд поставен во еден агол. Уште од самиот старт знаев дека ќе не набљудува. Но, што всушност ќе каже. Она што е брилијантно е самата работа и целиот процес на режисерот. „ Во голем дел од работите што ги правам се потпирам на случајноста и интуицијата... Кои потоа ги канализирам. – рече Благој Мицевски за umno.mk. Фројд случајно се појави на некои фотографии во дел од моите инспирации, но со својата анализа стана неизоставен дел од нашата сценографија и претстава. Мудро нè набљудува и нас и публиката.“ Ок, добро сум констатирала за Фројд. Одиме понатаму…
Она што лично ме понесе, пред да го пишувам овој осврт… Беше моментот кога мислев дека гледаме навидум обична пиеса, приказна која секако не опушта без никаква ексклузивност, мистериозност… Но, штом седнав над тастатура, се посомневав во сопствената констатација. Ова не е обична претстава, приказна, текст… Но, што е она што ми направи тригер? Која е крајната цел?
Дивијаштвото најчесто го вртиме кон себе си. Од тука, би ја искористила фразата на Салвадор Дали: „Единствената разлика помеѓу мeне и лудиот е што лудиот не знае дека е луд, јас знам“. Колку сме искрени дека всушност сите сме понекогаш луди? Луди ни се идеите… Или луд ни е контекстот што му доаѓа како сторителинг на приказните кои ги создаваме во различните фази од нашиот живот? И дали сами ги создаваме или колку и да звучи сурово, имаме потреба од некоја катаклизмична драма. Колку од нас сме искрни пред сѐ, пред самите себе? Дали режира судбината или понекогаш и таа сами си ја кроиме?
Визурата која Мицевски како режисер ја изгради во претставата, до некаде зборуваше за јазикот на социјалниот реализам. На човечкиот живот кој понекогаш се држи и на маргините на општеството, но и над своите маргини. Сепак, уште од самиот почеток, се запрашавме дали сето ова е возможно. Апро по, дали е се фикција или реалност. Но, сепак, заклучивме понатаму, голема е веројатност и можноста, приказната да се имплементира во реалноста и оваа идеја да се случи.
И некаде помеѓу умешните дијалози на овој нов современ македонски текст на Игор Кузмановски, се крие таа некаква лична потреба по идентитетот. Потреба која всушност скоро и е невозможна во рамките на еден човечки живот. Но, како што човек старее, веројатно паѓаат маските, изборите и човек се соочува многу повеќе со себе си – ќе забележи Соња Михајлова за нејзината перцепција кон ликот, кон Елиса.
Од тука, веројатно Мицевски го „третира“ и презентот, во контекст на динамичниот и рапиден развој на технологијата… Или поточно на социјалните мрежи. Потребата од презентирање на некој „идентитет“ пред целиот свет или гладот и љубопитноста кон тоа како другите се претставуваат на социјалните мрежи. Која маска ја имаат во виртуелната реалност.
Музиката значително го засили самото доживување на претставата. Светлото не ја играше во целост улогата на лик, како што во многу други претстави знаеше да го облечи тој „костим“. Но ја заврши работата како дополнителен ефект кој ја размрда емоцијата. И во цела таа драма, не сопна насмевка на нашето лице, која зборуваше за елементите на комедија и сатиричен пристап кон целиот феик на актуелната реалност. Стереотипот на едно семејство – сопруг сопруга и бабата како не толку посакуван гостин од зетот.
Ми се допадна токму тој типичниот пристап на исклишираното време кое го живееме (барем на Балканот) веќе милион години, а она што е апсолутно „далеку“ е што дејствието е концентрирано во Париз. Толку далеку, а толку блиску. Меѓу редовите, сепак екипата не го избегна „романтизирањето“ на појдовната тема и не ја заобиколи целта. Љубовта и разгледувањето на истата како разочарување, како борба, како експлозија, како гротеска на која му се смееш в лице и правиш пари од неа. А како поента над сето тоа, љубовта како нешто што го забележа Амели, главниот женски лик во текстот: „..Најважните нешта во животот како љубовта, прегратките, насмевките, се бесплатни во животот што станува сè поскап, а луѓето се поевтини. “
Елегантната костимографија и маските во кои завршија сите ликови, го донесе очекуваното, но и латентно посочи на тајните кои сите ние ги криеме. Дали сме ние кога ја немаме таа маска над лицето или можеби сме ние кога таа е на нас.
Прецизно структурираните сцени со скоро константна присутност на актерите на сцената, дозволи уште еден момент каде публиката слободно можеше да ја „скивне“ секоја емоција на ликовите, актерите и тогаш кога „не се внатре“.
…Кога се соочуваме со суровите неправди кои неочекувано доаѓаат како подмолен гостин и тропаат на врата (во случајот болеста на Амели), го чувствувавме тој очај. А токму тој очај може да не донеси до една самоуништувачка апатија, како што умешно го долови Марјан Георгиевски со водечката улога на Франческо кој станува Жиголо. Копнежот за стабилност на еден човек. Копнежот кон успешен брак, топол дом, совршена приказна и бескрајна љубов, станува негово неподносливо исчекување, токму поради одлуката која „мора“ да ја донесе. Да стане жиголо за да собере пари за лекување на својата сопруга. Деградирањето е од секој аспект, па и лажната титула дека е доктор, а всушност е обичен болничар, уште повеќе го соголува ликот кој се срами од сопствениот живот, па се фаќа на секоја сламка со надеж дека ќе излезе од тоа лимбо.
Од друга страна Никола Пројчевски со таква леснотија го донесе ликот на Оливие кој бескрупулозно од едена страна не изиритира, а некако и ни стана допадлив неговиот цинизам и недоволната емпатија што всушност зборуваше токму за општествениот систем кој се држи над маргините. Сѐ за пари, нели? Пројчевски во негов познат стил со посебен потпис и автентичен динамичен театарски израз, внесе посебна енергија во Жиголо.
Беше изненадувачки возбудливо како Маја Андоновска – Илиевски, го претстави ликот на психијатарот – Карине. Разочарана жена која стравот од староста и осаменоста го крие зад маската на индиферентност, исто толку цинизам, разочараност. Со скоро антиципативни гестови, Андоновска не убеди во тагата и хаосот кои ги видовме во Карине.
Марија Стефановска која ја толкуваше Амели – сопругата, предизвика иритантна напнатост, а раскажа за актуелните прашања околу анксиозноста, болестите на современото општество, стравот од смртта и всушност секогаш неоснованиот страв. Нагласената експресија на емотивниот крах, финишира со предизвикување сожалување, емпатија, но и едно „Леле аман“…Гнев кон Амели, поради губењето на битката, пред воопшто да го знае својот непријател.
Брилијантно одиграните ликови заслужија огромен аплауз, а кога сме кај брилијантноста, Соња Михајлова (мајката на Амели – Елиса), не натера да го препознаеме тоа театарско искуство кое со маестрална актерска игра, ја зачини цела приказна со хумор, блеснувајќи како светла точка помеѓу сцените. Знаеше да те насмее. Да те запраша зошто и како излегува тој порив да бидеш зависник од ниските страсти. Можеби, до некаде би рекла дека улогата на Пројчевски и Михајлова го носеа скоро истиот порив. Оној кој не се грижи многу околу последиците и ја користи љубовта како алатка за задоволување на анималните и потребите од моќ. Но, сепак постои таа маска.
За крај, претставата не запраша, дали реалноста може да не претвори во немоќни, во заложници на сопствените кошмари?
А тригерот? Тригерот беше во искреноста. Крајната цел е искреноста. Колку сме искрени и дали живееме во фикција или реалност?
Како и да е, Битолскиот Театар ја размрда публиката и уште еднаш докажа дека е бренд со посебен потпис.
Жиголо – претстава, драма – комедија, која мора да се најде на Вашиот репертоар.
Фотографии: Ивона Кочов