Колумна – Тажната приказна за утринскиот стар хартиен весник!

Утро. Јас и алармот. Господин Буден и утрото. Секогаш иста приказна. Го тераш да ти досадува, а потоа го мразиш затоа што го прави она што си му го наредил. Го навиваме ли и ние така животов? Бреј… Што ми текнуваат вакви мисли. И тоа сабајлечки, без тутун, без кафе.

Се исправам на креветот, се влечкам до ивицата, ги ставам влечките, палам цигара додека мислам на горко кафе и се гледам во големиот прозорец. Го гледам цел град. Трчаат. Сите одново го туркаат денот. Брзаат за некаде. За тоа познато роботско,,од – до”. За тоа слепо верување во една европска убавица и жими мајка оти ќе станеме како нив. Веќе шмркам големи голтки од утринсково битолско кафе и „скролам“ колумни. Белким ќе „украдам“ нешто! Што ме потсети дека во целово утро…Фали еден мирис. Не е на жена, не е на афера, не е на цвеќе. Фали мирис на весник. На онаков стар весник. на хартија. Чудесно е како тој елегантно се вклопува во нивната игра. Во играта на мирисот на кафе и мирисот на дим од цигарата. Утрински дим, кафе и весник. Имаше ли нешто подобро!?

Сакав да кажам нешто друго… Се обидувам да ве доближам до темава. Приказна та!

До онаа приказна што ми се случи пред некој ден! Некој ден пред дождот кој како никому ништо покри сѐ. Ја изми, ја избриша. Ја нема ни на вести! Ни на социјални мрежи… Но, има ли доволно вода да не измие дождот од цел срам? Големо интро нели? Ок, сори.

Некаде помеѓу лошите утрински здивови, испотената толпа од врелото сонце, измачениот народ кој бескрајно чека долги редици обидувајќи се да ги плати сметките…(Сигурно веќе претпоставувате каде бев), се сетив на тие весници. Во аголот, седната на едно столче од административната зграда која кај нас секогаш изгледа комунистички со темно зелени ѕидови и тапети кои полека се лупат, една стара бабичка читаше весник. И дури останатата „толпа“ меѓу која и јас, скролавме по телефоните со бесрамни обиди да им ѕирнеме во приватноста на нечии животи, за кои да разграничиме сигурно сакаат да бидат видени, таа бабичка читаше весник. Ги има ли уште? Се продаваат ли уште? Постојат ли весниците, а со нив дали постојат и овие луѓе?

Имено, ова е тажна приказна, така да подгответе ги солзите…

Предупредувам, не е за помладата публика, на која дрско, но вистинито веројатно и онака не ѝ е гајле. Таа беше нежна, со неколку брчки… Си носеше марамче и постојано си ја бришеше потта на нејзиното лице.

Кога стигна мојот ред, како некој си господин Буден или господин воспитан од „старо кино“, се наведнав на кај бабичката и ѝ дадов предност. Кога кутрата застана на редот секако со мали бавни чекорчиња кои ме благословуваа поради тоа што ѝ дозволив да оди преку ред, за среќа или несреќа, го слушнав нејзиното прашање. Но, најповеќе ме запрепасти одговорот.

И да не должам многу. Женичката немаше ништо од нејзината заштеда на својата сметка. И ја потрошило некое гомно кое се нарекува нејзин внук и кој веројатно е воспитуван по ова новово…кино ли? Или како и да се вика. Фала Богу, како вистинси балканци, во нашите глави ликот веднаш е коцкар, расипан човек, идиот. Но, сепак се трудам да ги оттргнам мислите и се „пикамво еден ќош од умот“ . Како и да е… Бабичката повторно ми заблагодарува, си го зема шамивчето, белата марама и си ги брише солзите. Се влечка со тешки чекори и заминува. Сите го слушнаа муабетот. Сите се тажни. Владее меланхолично чувство, кое се разбира не е нити чувство нити значи некој си живот.

Со тетеравење, некако поминува и тој час во банка…И кога таман, си помисли дека кошмарот е можеби завршен, сфаќаш дека секогаш има уште до дното. Сега само било пробиено. Никогаш не мислете дека е крај и дека не може да биде полошо. За жал, секогаш може и никогаш не е крај!

Попладневно кафе, разговор со пријатели, и таман си мислиш дека тоа е само уште еден обичен ден на еден обичен човек од нашите простори, од државата, од Европа, од светот, слушаш нешто друго. Завивање на сирени кои никој не ги слуша. На гуми што цвичат и брза помош која никој не ја гледа, на живот кој го има само на паметните телефони. Истата бабичка ја гледам на улица како беспомошно лежи. Сите ја одминуваат, сите се крстат…Се плашат! Молчат…

Не Господа, не е пијана! Господа не е луда! Не е злобна! Таа е само некое кревко девојче што израснало во прекрасна жена, родила деца, а децата и родиле многу внуци, за сега едниов… да ја убие. Никогаш не може да се пробие дното! Само може да се допре! Секогаш има уште…

П.С. Со оваа колумна, немам намера да ви подигнувам никаква свест. Нити ве терам да бидете хумани. Тоа се празни муабети! Само сакам да ве претставам како изгледате! Колку понекогаш сме ниски, а толку „големи’“ во паметните кутии. Шмркам голтка од кафето и повторно скролам на телефонот додека низ мислите ми врие едно: Купи си весник! Нема подобро од мирисот на стара хартија, тутун и утринско кафе! Но, внимавај на приказна тa. Само да не е тажнa!