„Послушај како чука срцето на св. Наум“ . Во насловот на овој текст стои насловот на песната на македонскиот поет Наум Целакоски од 1963 година. Св. Наум Охридски Чудотворец ( 830-23 декември 910), средновековен научник, писател, учител, основоположник на словенската писменост и македонската писменост и просвета.
Денес неговите мошти се изложени во манастирот што го носи неговото име „Свети Наум.“ „Чудата и благодатите на св. Нaум биле побројни од звездите на небото“ – се вели во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 21ви мај 1740та година. Првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19 век.
„Св. Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето.“ – се вели во книшката со триесет чуда, преданија и кажувања за св. Наум од српскиот епископ во Охрид, владиката Николај во 1925 година.
Св. Наум остана запаметен како чудотворец со моќта да лекува најразлични болести кај луѓе од разни вероисповести. Тоа се случувало за време на неговиот живот како и по неговата смрт. Култот на св. Наум сјаел на поширок простор и до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Зраците на неговото дело се простирале и до Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта. Делата на св. Наум Охридски-„ Канонот за апостолот Андреј “ и „Канононот за пренесување на моштите на Јован Златоуст“ уште долго, долго време ќе раскажуваат како чука срцето на св. Наум.