„Животот не ти е даден само за да бидеш статистичка бројка.“
Случајно се конфронтиравме со цитатот и како автори кои сакаат да ве разбудат, размисливме околу неговата суштина. Ок, можеби е очигледно што сака да каже писателот, но колку го практикуваме ова? Апро по, дали градиме некој нарцис од себе си со лажна самодоверба кој мисли дека мора да е баш тој кој дели од светот или пак сме премногу скромни. И во едниот и во другиот случај, веројатно сме само статистичка бројка.
Изгледа дека сепак, работите се сведуваат на црно и бело.
Нема нијанси кои ќе го рашират спектарот на едноставноста, но сепак би рекле дека треба да се трудиме да ја најдеме таа средина. Златна средина! А постои ли таква? Веројатно токму во тој „златен пресек“ се крие вистинскиот живот. Во моментите кога ќе сфатиме дека не сме роботи и дека животот не ни е даден само за да преживуваме, ами да го живееме. Дека не дишеме само затоа што мораме, туку дека сме среќни што воопшто го имаме тој воздух. Дека не јадеме само колку да ја задоволиме потребата на ситост, ами уживаме, знаеме што јадеме, го знаеме благодетот.
Не сме само бројка. Повеќе сме од тоа, но сами се кодираме.
А потоа го забораваме кодот. И да е светов некоја огромна теорија на заговор, и да сме Џим Кери кој во филмот „The Truman show“ беше само лик од огромно шоу. И да е ова филм, па дајте да го играме како сакаме, а не како мораме! Затоа што не! Не сме само статистичка бројка!