Би се осмелил ли некој да ми ги контролира соништата? Има ли таков луд човек? Секако. Тука, денес, вчера, секогаш, но…
Хаос во сообраќајниот метеж во соништата. Хаос на пазарот на трудот. Отсекогаш било така. Секогаш имало некој кој намерно поминува на ЦРВЕНО.
И така одново си даваме надеж и божествено изникнуваме како феникс и се бориме. Лично, што ќе ти е животов без малку фитиљ и акција. Што ако не е жестоко? Е сега понекогаш станува и тензично, но… Тоа е намерно. Не е случајно.
…И дури пиевме кафе со пријатели, (овие мои „френдици“ и фениксов кој излезе како од некоја аладинова ламба и пак ми го затреси универзумот), онака лабаво по битолски, ѕиркаме низ темните очила. Што се крие зад сите овие луѓе што ги гледаме пред нас? Кои им се соништата и зошто не можат? Зошто не веруваат? Која е приказната што „не вози“?
Дали како општество, нација, земја, свет, земјина топка па дури и универзум, сме само изманипулирани?
А кој е пак тој што треба да го гледаме како Бог? Кој е пак тој истиот што сака да го слушаме како ѓавол и кој е пак тој некој што не ,,гони” како ангел? Тони ли социопатот во агoнија и доцна ли му е на овој феникс? Хм… Никогаш не е доцна! Никогаш милички ѓаволи, ангели, токсични, слаби, јунаци, предавници или заштитници. Имавте илјада светла и во сите блескавте во едно исто одело. Но, имаше нешто што ве издаваше. Заборавивте да верувате во себе и мислевте дека птиците ќе остарат в кафез.
Епа тие птици повторно летаат и им пораснаа крилјата. Нивните соништа се умножија, а вашите се поделија и од злоба останаа мали.
Веројатно се изменило лицето и вистинскиот профил на она духовното во кое треба да му веруваме. Да, да… Класично не манипулираа. Не ни сте виновни за тоа што немате дебела сенка, али нели ние бевме тимот. „Тимот кој победува“ и како што знаеме и барем малку умееме, треба да го растеме тоа дрво кое подоцна ќе му прави сенка на дебелиот џепарош во брендирано одело, со шток и пура во рака кој ќе се фали оти направил нешто сам. Суетно? Хм… Шток? Ќе да не е… Пура? Само во приказнава. Брендирано одело? (колку за илустрација)
Дали и кога правиме пари?
,,Далеку сме од богатство луѓе. И не само што сме далеку од целта, туку немаме цел.” Но, така велевме оти така не убедуваа. И не оти не знаевме, не оти не умеевме, едноставно сакавме. Мазохизам? Кој ни ги криеше соништата?
Знаете… Било кој уметник, циркулира во една посебна вибрација. Таа гони за напред и никогаш не и доста. Така да, ние одамна сме соочени оти би не гонело тоа никогаш доволно и затоа ни е доволно она што не е. На уметникот не му требаат пари. Му треба душа. На уметникот не му треба таа јахта и шампањ во таа јахта и слуга во таа јахта. Да ви преведам. Ете како гледа уметникот на таа „јахта“:
Кога би бил тој во таков луксуз од целото сѐ на некој, тој никогаш не би го одбрал ликот на „чичкото“ со златен ланец. Не би бил ни слугата, нити пак гостинот. Би бил можеби само некој случаен патник кој имал глупав ден, па некој пријател го поканил да се повозат. Би седел и би го гледал сонцето. Така би го мерел времето се до зајдисонце. Се до крајот на тој ден. Оти која е душата на луксузот без дејствие? Што е животот без тоа? Би бил само почеток и крај. А каде е кулминацијата? Каде се сплеткуваат и отклопуваат работите? Каде е спектакуларниот врв?
Што е животот без ни најмалку да се удавиш во обврски и некое извесно, свесно, намерно или ненамерно немилосрдие. Што ако седам јас на таа јахта. Не за „џабе“ ја споменувам. Оние кои добро ме познаваат, знаат дека често се шегувам оти еден ден ќе ја имам таа јахта, но не знам колку од нив ми го разбираат муабетот. Ова можеби е прв пат да раскажам што се крие зад целата поента. Ова навидум луксузно бродче ја симболизира само мојата амбиција, ништо друго, ништо повеќе. Не претендирам кон материјалното. И за тоа ме знаат. Не сакам брендови, скапи чевли, гламур. Сакам од ништо нешто. Најубаво е кога ќе направиш од ништо нешто. Тогаш тоа НЕШТО станува конкретно и има душа, а „бродчево“ е само предмет и метафора со која асоцирам оти се враќам во игра. И ќе ја имам јахтата. If you know what i mean. Како феникс.
…….
П.С. Не можете да ми одземете толку, колку што јас можам да создадам! И никој не ги контролира соништата! Ние одговараме за нашиот живот. Ние сме тие кои одлучуваат во кој сон, кој лик ќе биде главен. Важно е само „да се држи“ цврсто режисерската палка и понекогаш и тој некој си јунак од приказната во брендирана кравата, пура и гласен сарказам, треба да знае што ќе му нареди режисерот. А во мојата приказна, да јас сум режисерот и јас одлучувам што ќе прави секој во епизодата. А што одлучувам и барам? Епа… уште малку повеќе љубов, верување и насмевка. Без тој шток, брендиран костим и златни заби што всушност не знаат да се смеат. А вие? Што барате во моите соништа?
Пишува – Елена Трпковска Наумовски