Македонското научно друштво – Битола на 23 април 2025 година го започна свеченото одбележување на 65-тиот роденден со одржување на прес-конференција за медиумите на која беше претставена работата на Друштвото, но и планираните 65 настани со кои ќе се одбележи оваа јубилејна година. Истиот ден во 19 ч. во Музеј и галерија „Ранко Струмениковски“ – Битола беше отворена изложбата на ликовни дела од 12 реномирани уметници, членови на МНД и тоа: Стојан Апчевски, Милица Василева, Димитар Димитровски Такец, Ставре Стадим Димитров, Илија Кочовски, Димитар Кочевски Мичо, Павле Кузмановски, Јордан Манасијески, Ранко Струмениковски, Симеон Силјановски, Панде Петровски, Борислав Траиковски. Модератор на настанот беше галеристот Драган Ристевски, а во подготовката на изложбата освен него учествуваа Тања Струмениковска-Ристевска и уметникот Панде Петровски. Претседателката на МНД, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска ѝ се обрати на публиката со истакнување на дел од историјата на Друштвото, а говореше и за естетската комуникација на релација автор – дело – реципиент, а потоа ги покани присутните да го погледнат каталогот со слики од изложените дела и автори во издаваштво на МНД. За подготовката на изложбата како и за работата на Одделението за уметност при МНД зборуваше ликовниот уметник Панде Петровски, а за естетиката на изложените дела – историчарот на уметност – Владо Ѓорески. Изложбата ќе биде отворена до 5 мај 2025 година.