Сите сакаат слобода, ама само до таму додека не заѕвони алармот. „Најголемата трагедија на модерниот човек не е што нема слобода – туку што не знае што би правел со неа ако ја има.“
- Анонимус (можеби си ти)
Во време кога се колнеме во автентичност, а живееме филтрирани животи, слободата стана новиот затвор. Убава на Инстаграм, напорна во реалноста.
Не нè мачи диктатура, туку нешто полукаво – комфорна парализа. Го сакаме изборот, додека не дојде редот да избереме. Ја обожаваме искреноста, сè додека не нè удри право во егото.
Сме станале експерти за одложување среќа. Ќе се сакаме после, ќе простуваме кога ќе дојде… време. А времето секогаш оди босо, не тропа.
На душата ѝ треба повеќе од оброци со калории и животи со лајкови. Ѝ треба вистинска авантура. Да згреши. Да падне. Да сака нечисто. Да не знае. Да побегне. Да се врати. Да живее.
Слободата не значи „што сакаш прави“. Слобода е кога ќе научиш да не правиш ништо што не е по твоја мера.
Дали си слободен? Или само немаш никој што ќе ти каже „не“?