Синоќа Битола сјаеше во име на романтиката, на драмата, уметноста, културата и музиката. Пет нешта (би рекле елементи) кои го опишуваат урбаниот етер во градот под Пелистер. Серенадата некогаш била дел од стилот, била крик на љубовта и јазик со кого вљубените комуницирале. Најопејаниот град Битола, го враќа токму тој сјај и продолжува да ја негува традицијата со фестивалот кој се одржа втор пат насловен како „Ех таа серенада“. Камерниот оркестар на Битола веќе е бренд. Бренд со кој ние битолчани онака одважно и градски си се фалиме. А синоќа уште еднаш покажа дека во конзулска Битола музиката не застанува да го следи славејот. Имено оркестарот во живо ги пратеше познатите македонски музички легенди и новите сили на македонската естрада.
…И некаде помеѓу таа миризба на густа јулска ноќ, се роди уште една љубовна песна. Неповторлива серенада што одекна во срцето на Битола, за која оние кои ја создадоа, веруваат дека ќе се пее на запросувања и свадби.
Имено, станува збор за текст на Никола В. Ристевски. Музиката и аранжманот се потпишани од Мими Марковски, а маестралната серенада е во изведба на група Деспина. Песната се вика „Кажи, кажи, Широк сокак“.
Инспирирана е и посветена на вистинска битолска љубовна приказна, кој сега е крунисана со брак. Реакциите за неа беа одлични, па грмогласниот аплауз од публиката блесна, покажувајќи зелено светло за инфилтрирање на уште една магична серенада во првите редови на македонските евергрини.
Песната може да ја слушнете тука.