Како да се разберeмe? – Kако да ме слушаат и разбираат луѓето?! – Колумна на Клаудија Лутовска

да се разбереме

Разбирањето?! Една од потешките животни задачи, да се разбереме. Зошто не се разбираме?

На кој јазик треба да зборуваме за да се разбереме?

Кога прашував еден психолог кој е клучот на разбирањето, и на кој јазик луѓето се разбираат, тој одговори: „На јазикот на душите! Ако си ги галат душите, ќе им биде лесно! “

разбереме

„Не прави му го на другиот она, што не сакаш другите да ти го прават тебе“. Кога зборуваме, се почесто како да уживаме да упатуваме критика. Критиката е добра, но, кога критикуваме дали даваме и пример како е вистински и правилно, или сѐ се кажува со негативен тон? Како тоа воопшто допира до другиот?

Дали ако го подигнеме тонот, и со викање искритикуваме, ќе добиеме посакуван ефект? Или целта е нешто друго – да го повредиме другиот? Но, што со тоа, и што од тоа? На кој јазик треба да зборуваме за да се разбереме?

Приказната за разбирањето во семејствата оди вака:

Во едно семејство постојано се расправале, а во соседството друго семејство живеело во слога. Еден ден овие кои постојано се расправале решиле да погледнат и да видат што е тајната на слогата кај овие другите. Застанале крај прозорецот и еве што виделе. Таткото несакајки ја турнал вазната и се скршила. „Што направив мила“- свикал-„ова е твојата омилена вазна, колку сум јас несмасен“…“немој, не се обвинувај, јас ја ставив на работ од масата, не размислив дека лесно може да се турне и скрши, вината е моја“- рекла жената. Заклучокот бил дека кога секој ќе превземе вина врз себе си, и со почит и емпатија ќе го разбере другиот, разбирањето е присутно, можеме да се разбереме , а со тоа и квалитетната релација.

Многу мина знаат да кажат дека некогаш се склучуваа бракови, кои беа договорени и луѓето прифаќаа да бидат среќни… Да бидат заедно, да гледаат во заедничка димензија на иднината, да… Создадат семејство, да ги одгледаат децата, и цел живот да останат заедно, прилагодувајќи се еден со друг… Едноставно создавајќи хармонија за цел еден живот.

Гнев, критики, нервоза, нетрпеливост, ова се карактеристики за кои во некои поздрави опшества ќе ве упатат на лечење. А за жал кај нас оваа нарав стана секојденвие, и се почесто млади луѓе ги имаат овие карактеристики. Се вели дека кога е присутен стравот, присутни се и расправиите, но зошто страв? Од што тоа се плашиме? Од што бегаме кога треба да создаваме здрави релации? Зошто забегуваме во нетрпеливост и неразбирање?

Постојат природни лидери кои во опшеството се почитувани, а луѓето сакат да ги слушаат. Еве да ги анализираме нивните карактери и нивниот пристап. Вообичаено се тоа позитивни личности, личности кои не зборуваат многу… Личности кои кога зборуваат, даваат точни информации. Даваат примери… Никогаш не ги дискутираат другите, ни најмалку нивните недостатоци. Едноставно за овие луѓе сметаме дека се високо освестени личности, кои некако подлабоко ја зарбрале филозофијата на животот. Опшестените природни лидери се и природно добри методични и тактични личности.

Па, зошто секој од нас не одработи во своја корист дo освестување, каде ќе ја даде својата максимална карактерна ширина кога станува збор за другиот, особено оној кој ни е значаен во животот: партнер, партнерка, родители, деца, роднини, колеги…

Ана е на возраст од 45 години, и вели: „Мене не ми требаат роднини со кои не можам да се поврзам, не сме исти, и не ги поднесувам. Јас одбирам со кого ќе комуницирам, не ми е важно дали ми е роднина или не“.

Јасна е на возраст од 50 години, и таа е семејна матица. Не дозволува да се каже лошо, сите ги оправдува, наоѓа одговор за секого да го разбере и изнаоша начини да нема лутина во семејните односи. Секогаш ги одбира вистинските зборови, и има моќ на разоткривање на позитивната страна во секоја ситуација.

Ана, за разлика од Јасна, нема блиски релации со роднините. Со некои дури е и испокарана и не сака да ги сретне, држи лутина, и секогаш кога ќе се споменат нивните имиња бурно реагира.

За разлика од неа, Јасна и за најлошите ситуации нашла сила за простување. Нашла начин како да се разбереме. И како матица ги одржува релациите во добра кондиција. Нема лутење, не смее семејството да се дели, каде и да се крв се, тоа е нејзиниот одговор.

Ако патуваме во свесното, тогаш свесно го правиме изборот.

На прашањето „како да се променам? Јас повеќе не се сакам ваков?“, одговорот е дека тоа е најтешкиот пат, да го фрлиме стариот лик…. Старата верзија од која не сме задоволни и да воскреснеме една нова сопствена дименазија на личноста. Да создадеме човек каков сакаме да бидеме. Без лицемерие, пред се кон себе си, а потоа и кон сите други. Тоа е долг и исцрпувачки процес, вежбање, воздржување, освестување, и себе пронаоѓање. Но, сепак е можно, и сепак е корисно. Само кога сме задоволни со себе можеме да ги сакаме сите останати и се околу нас. Кога сме задоволни со себе ќе ја приметиме секоја убавина во овој свет. И пак некој ќе запраша, како да се постигне тоа?

Наједноставната техника е со запишување – кога ќе се даде визуелна слика на состојбата. На лист хартија запишете каков човек сакате да бидете и на друг лист запишете каков човек сте, но со многу точност без лицемерие кон себе си. Работете на тоа секојдневно и запишувајте ги своите постапки согласно своите цели. А од списокот „каков повеќе не сакам да бидам“, прецртувајте ги карактерните особини од кои се откажувате.

Ем ќе се разберете себе си, ем полека другите ќе почнат да ве разбираат и да ве слушаат, ем и вие ќе почнете да ги разбирате другите и да ви биде добро под закрила на разбирањето, кое неизбежно носи радост.