За себе вели дека не престанува да учи, постојано се труди да се надоградува и едуцира. Според неа процесот на учење е процес на поддршка затоа што како таа расте, така растат и нејзините клиенти. Токму тој е фокусот на нејзината доблесна и благодетна професија. Да биде нивна најголема поддршка. Емпатична, позитивна, достапна. Човек што го сака животот, светот. Таа е една од ретките личности кои секогаш се тука да ти го обојат и најтмурниот ден. Разговараме со Елена Џебар, лиценциран психолог, магистер по клиничка и советодавна психологија, психотерапевт и лајф коуч.
РАЗБУДИ СЕ: Често се збунуваме околу термините психолог и психијатар. Ќе ни кажете ли која е всушност разликата?
Елена Џебар: Психолог, психијатар, а јас би додала и психотерапевт. Да, дефинитивно ова се трите термини што многу ги побркуваат. Имено, ова се три различни професии. Психолог е некој кој дипломирал психолошки науки, односно наука за душата. Психологот не мора да значи дека работи со болни луѓе. Тој советува во моментот, помага во решавање на тековниот проблем, насочува. Но, не препишува лекарства. Психијатарот, работи со луѓе кои што се соочуваат со одредена болест и може да препише лекарства.
Психотерапијата пак, работи исто така со болестите. Ова стручно лице не работи само со здравите луѓе. Туку и со луѓе кои се соочуват со поголеми проблеми (почнувајќи од растројствата на личноста, анксиозноста и депресијата.) Но, секако постојат психолози, психотерапевти или пак психијатри кои што работат и со психозите и малку покомплексни случаи што најчесто се лекуваат и во клинички сетинг.
Она што јас би го рекла, и не само јас туку верувам и дека сите психотерапевти, е тоа дека психотерапијата е премногу добра за да биде само за оние кои што се само болни. Тоа не е нешто кое лекува само одредена состојба. На пример анксиозност. Напротив, таа е навистина добра за личен раст и развој. Добра за подигнување на квалитетот на живот, за намалување на стресот, полесно справување и така натаму.
Повторно би нагласила: Психологијата е само една подлога! Ние како психолози, не би можеле да навлегуваме во подлабока траума, туку само „површно“ ја разгледуваме. Психологот е тука најчесто да направи проценка, да даде психолошко тестирање и да го упати клиентот каде да продолжи понатаму.
Размислувајќи околу прашањето дали е табу посетувањето на психолог во нашето општество, Елена Џебар, ја запрашавме и како е сфатено тоа и како треба да се сфати?
Елена Џебар: Како психолог, би рекла дека во Македонија сеуште е табу. Но, само во помалите заедници, малите градови и кај постарите генерации. Ова е една професија која е во многу голем раст. Меѓутоа, она што ме радува е дека сѐ повеќе луѓе работат на себе. Во денешно време е сѐ подостапна модерната психологија која нуди многу книги, литература за личен раст и развој. Сето тоа помага да се отвори општеството многу повеќе на овие теми.
На прашањето како е сфатено посетувањето на психолог и како треба да се сфати, би одговорила дека голема маса го сфаќа како природен процес и нешто што е многу нормално. Додека пак останатите, истото го сфаќаат и доживуваат како нешто кое што е болно. Секој од нас во одреден период од животот, се соочува со анксиозност. И секој од нас во одреден период од животот е депресивен.
Депресивно расположение, односно она што ние го викаме депресивен, не е исто што и клиничка депресија.
И секако, да чувствуваш анксиозност, не е исто да имаш генерализирана анксиозност. Многу луѓе доаѓаат со анксиозност како чувство или со преголем стрес… Тие се преплавени. Потребна им е поддршка, потребна им е подобра организација како да се носат со тој стрес или пак се свесни за некоја траума која што ја носат во позадина. Затоа сметам дека е многу важно да се сфати дека кај психотерапевт и психолог не одат луѓе кои се болни или кои се луди. Напротив, доаѓаат да го видат склопот на своите мисли. Што е она што се случува во нив и како може истите да ги променат за да го подобрат својот живот.
Полека полека и со едукација мислам дека и старата генерација почна го прифаќа ова и да ја гледа таа разлика.
Мислам дека повеќето ќе сфатат дека психотерапевтот не е оној којшто им кажува на клиентите што да прават. Психотерапевтот само е тука покрај нив, им помага, ги води. Тоа е некој којшто слуша, следи, гледа и има посебен третман кој трае најмалку 3 месеци. Затоа што тоа не е нешто кое со една средба може одеднаш да се реши. Сепак нормално, зависи и позадината или за што доаѓа самиот клиент и за што се обраќа.
РАЗБУДИ СЕ: Со кој проблем најчесто се соочуваат пациентите?
Елена Џебар: Јас најчесто работам со личности кои што сакаат да си го подобрат квалитетот на живот, личности кои што сакаат подобро да менаџираат со себе и своето време. Да постигнат некои повисоки, поголеми цели, да си ја подигнат самодовербата и секако најчести се растројства на личност, анксиозноста и депресијата. Тие три барем се најчести кај мене. Не работам конкретно со психоза и со мали деца. Работам со постари адолесценти, меѓутоа моите колеги и тоа како работат и секако за тоа е потребно посебно искуство и поддршка. Би рекла дека во нашата држава има премногу квалитетен кадар кој работи и во Македонија и во странство.
РАЗБУДИ СЕ: Како живеат младите денес? Колку тие имаат потреба од терапија? Што мисли Елена Џебар како психолог?
Елена Џебар: Младите денес, барем во Македонија живеат во еден период кога се ескпериментира во образовниот систем што според мене е ужасно. Како да експериментираме со некои промени кои се далеку од нашата убава балканска автентичност која сметам дека треба да ја негуваме, а не да ја уништуваме.
Ќе го споменам и сајбер булингот кој порано го немало. Порано децата не биле толку изложени на видео игри, на социјални мрежи, и било полесно родителот да постави граници и да ги заштити своите деца.
Чувството на потиснатост и дека не сме доволно добри, е нешто кое ние со векови наназад си го носиме. Истото го чувствуваат и младите. Но, дали ним им треба психотерапија? Би рекла дека, психотерапијата кај многу луѓе може да донесе многу голем раст и развој, меѓутоа тоа не значи дека личноста не може да работи сама на себе. Младите треба да го апстрахираат негативното, да не ги слушаат сите медиуми кои често пренесуваат лажни вести и да стремат се повеќе кон некој попозитивен или растечки мајндсет.
РАЗБУДИ СЕ: Може ли секој да си овозможи да посетува психотерапија?
Елена Џебар: Секој кој што може, секако е убаво да си посетува психолог или психотерапија. Има премногу во нашата држава и мислам дека нема изговор за оние кои што немаат финансии иако постои едно такво мислење дека ете тоа е многу скапо. Конкретно во Црвениот крст на Македонија има бесплатна психотерапија скоро во секој град. Сметам дека е дојдено едно време каде луѓето почнуваат да немаат толку доверба, време и капацитет. Токму затоа посетувањето психотерапија е место каде можат да допрат до својата автентичност и да видат кои се нивните вистински потреби и што е она што го сакаат за себе и својот живот.
РАЗБУДИ СЕ: ,,Стресот е знак дека сте ги поставиле границите многу блиску!” Кои се нашите граници?
Елена Џебар: Стресот е знак дека сме ги поставиле гранците многу блиску, a тоа е само доказ дека ние можеби не сме свесни дека имаме физички граници, емоционални граници, материјални граници и т.н. Значи постојат многу видови на граници и доколку почнеме да се едуцираме дефинитивно ќе почне да расте и квалитетот на нашиот живот односно ќе можеме многу полесно да менаџираме со стресот. Имено, кога не сме свесни за нашите граници најчесто сме многу под стрес односно почнуваме да се преоптоваруваме и не знаеме кога да кажеме не, а на што да кажеме да. Некои луѓе имаат и т.н. превртени граници, како што јас ги нарекувам. Тука алудирам на оние кои кажуваат ,,не” дури и на работи кои за нив се здрави. Затоа, би рекла дека треба да научиме кога да кажеме не, а кога да. Повеќе околу ова, може да следите на мојот поткаст.
Сепак нешто кое би сакалa да го нагласам е дека границите не се тука за да не разделат од другите, туку напротив да не зближат. Границите се тука за да не заштитат, а не за да го повредат другиот.
А нешто кое го гледам како проблем токму кај денешната младина (ако се навратам на претходното прашање), е тоа дека многу често границите се поставуваат арогантно, а не асертивно. Или пак постојат и такви случаи каде некои воопшто не ги поставуваат и остануваат на една позиција на пасивност, на потиснатост, за потоа (навидум од ништо), да избувнат. Научете да поставувате граници, да се следите себе, да ги откриете вашите потреби. Научете и да ја слушате лутината, затоа што таа е првиот знак дека некаде имаме проблем со границите или пак некој ни срушил наша граница.
РАЗБУДИ СЕ: Што значи да се познаваме себе си и дали знаеме да сме перцепиенти на убавото или сме заглавени во песимистички стереотип и конзервативизам?
Елена Џебар: Да се познаваме себе си е тешко. Зошто? Затоа што ние постојано се менуваме затоа би рекла дека има нешто каде што ние потполно ќе може да бидеме свесни за себе туку секој ден ќе доживуваме нови и нови свесности за себе. Она што јас го предложувам им го кажувам и на клиентите и на пријателите и јас го практиувам е пишувањето на дневник кое што секогаш мене ми носи една себерефлексија до каде сум.
Тешко е да им се докаже дека животот е убав на оние кои се во депресивно расположение. Тие некако имаат тенденција да го гледаат животот црно – бел. Јас сум тука за да ги потсетам дека животот е убав и да ги поттикнам да се разбудат.
Како што вели познатата изрека: Замисли да се разбудиш утре без сѐ за кое што денес не се заблагодари! Како ќе се чувствуваш?
Мислам дека тоа е еден многу убав простор да видиме дека да можеби мене денес ми е лошо, можеби ова е лош ден, ова е лош период. Ми се случиле многу лоши работи, но јас сум тука и си дозволувам да тагувам, да плачам, да сум заглавен/а и да останам на ова место каде што печи и боли, но да не заборавиме дека постои виножитото после дождот.
Дека ние не сме црно бели туку во нас и во светот има многу бои. За оние пак кои имаат поконзервативни сфаќања, би рекла дека верата е таа која го дава позитивното. Вербата во Бог, вербата во себе, вербата во универзумот или кој како и да си верува.. Всушност се верува и дека депресијата не е ништо друго освен губење на верата.
Луѓето што се успешни на ваков или онаков начин имаат силна верба и се отворени за нови знаења, нови сознанија.
РАЗБУДИ СЕ: Секогаш ги поддржуваш мајките и ја подигаш свеста околу постоењето на постпородилна депресија и анксиозност. Ќе ни кажеш ли во кратки црти повеќе околу оваа ,,проблематика”?
Елена Џебар: Изненадена сум колку постои стигма околу ова прашање. Имено, постојано се тврди дека порано не постоела постпородилната депресија. Жестоко и гласно зборувам дека тоа не е така. Во минатото не можеле да си ги објаснат промените во психата, па верувале во бајачи. Жените имале постпородилна депресија, но можеби сето тоа било помалку болно од денес…Зошто? Затоа што жените имале помал стрес, не работеле, а и да работеле, имале повеќе помош.
Сметам дека е особено важно да се подигне свеста околу ова прашање. Ако сакаме подобар свет, мораме да се грижиме за мајките, но да не ги заборавиме и татковците кај кои исто така е можна појава на депресија после породувањето на нивната сопруга. Сепак ова е индивидуално прашање, но најважно е да се напомени дека кога во едно семејство доаѓа бебе, се случува голема промена и потребна е огромна поддршка, а наше е да не осудуваме. На секого може да му се случи се, а ни психолозите, психотерапевтите и психијатрите не се супермоќни. Па и нив може да ги стаса било која психолошка состојба или болест.
РАЗБУДИ СЕ: За крај, која порака би ја споделила со нашите читатели?
Елена Џебар: Среќна сум што се повеќе луѓе, инфлуенсери, друштва, заедници зборуваат токму за менталното здравје, па од тука она што некако би им го споделила на сите читатели е да зборуваат гласно! Да се борат за себе и да не стравуваат. Да побараат помош и поддршка затоа што ние сме општество кое што се менува и треба да се менува! Од тука, да не заборават дека промената е нешто кое што е всушност многу убаво, и можеме да бираме да старееме или да растеме. Јас некако сум повеќе за второво.
Елена Џебар, како лиценциран психолог има многу да ни каже, да не научи, утеши, да ни ја подигне самодовербата. Топло ви препорачуваме да ја следите на нејзиниот инстаграм профил.
Пишува: Елена Трпковска Наумовски