Промени? Зошто се плашиме од нив? Тие не се закана, туку шанса за раст и нов почеток. Откријте како да ги прифатите и да стигнете до успеси.
Промените се моќни. На почетокот изгледаат како хаос, но токму тие го осветлуваат патот кон нашето идно блаженство. Единствената константа во животот е – промената. Па зошто тогаш ја третираме како непријател, наместо како сојузник?
пишува: Ромина Марковска
Што нè кочи?
Стравот. Несигурноста. Навиката.
Ги гледаме промените како ризик, како нешто што ќе нè исфрли од сигурноста на познатото. Но, што ако најголемиот ризик е токму тоа – да останеме заглавени? Колку нешта сме пропуштиле само затоа што не сме се осмелиле?
„Сè што сте сакале да бидете, вие веќе сте. Само дозволете си себеси да го откриете тоа.“ – Сидни Шелдон
Темнината пред светлината
Добро прочитавте. Кога Стивен Спилберг бил дете, се плашел од темнината. Татко му му рекол:
„Секогаш поминуваме низ темнина пред да ја видиме светлината.“
Таа реченица му го променила животот. Научил дека стравот не е крај – туку премин.
Но, многупати во животот поминуваме низ темнина, стопати – и се прашуваме до кога. Секогаш се чини дека светлината е премногу далеку или не постои воопшто. Но, ако продолжиме да чекориме, постепено ќе откриеме дека светлината навистина е таму, на крајот од патот.
Слично размислувал и Нелсон Мандела:
„Не се плашиме дека сме слаби. Се плашиме дека сме моќни над секоја мерка.“
Мали чекори, големи промени
Големите промени почнуваат со мали чекори. Џ.К. Роулинг го напиша „Хари Потер“ како самохрана мајка, во кафуле, со бебе во количка. Почетокот ѝ бил тежок, но никогаш не се откажа.
Има и многу други инспиративни животни приказни како и онаа на Харланд Сандерс, познат како Полковник Сандерс – основачот на KFC (Kentucky Fried Chicken)
Роден во далечната 1890 година во Индијана, Сандерс имал исклучително тешко детство.
По смртта на татко му, на петгодишна возраст, тој бил принуден да се грижи за своите помлади браќа и сестри, што го натерало рано да научи да готви. Низ годините, работел различни работи – од возач на параброд, преку осигурителен агент, до оператор на бензинска пумпа.
Во своите 40-ти години, Сандерс почнал да служи оброци на патници во малото кафуле покрај бензинската пумпа што ја управувал во Корбин, Кентаки. Токму таму го усовршил својот рецепт за пржено пилешко со 11 тајни зачини, кој подоцна станал основа за KFC (Kentucky Fried Chicken). На 65 години, откако неговиот бизнис пропаднал поради изградбата на нов автопат што го заобиколил неговиот ресторан, Сандерс одлучил да започне одново. Со малку пари од социјално осигурување, почнал да патува низ САД, нудејќи го својот рецепт на различни ресторани во замена за процент од продажбата. Иако бил одбиен многу пати, неговата упорност резултирала со создавање на еден од најпознатите синџири на ресторани во светот.
Неговата приказна е доказ дека промените не се ограничени со години или околности – тие се прашање на одлука.Така е со сè во животот. Промените не значат губење – значат раст. Секој предизвик носи нова можност, секоја пречка може да стане лекција.
Направи чекор.
Светот е полн со можности – но само за оние што се храбри да ги прифатат. Ти си само еден чекор од животот што го посакуваш. Осмели се.
Извори:
Приказната за Џ.К.Роулинг:„Фотографијата на која е прикажано кафулето каде што Џ. К. Роулинг го пишувала првиот дел од „Хари Потер“ е преземена од Fashionel.mk.“
Приказната за Полковник Сандерс: „Преземаена од:Официјалната веб-страница на KFC
Фотографијата со билбордот на Hartland Sanders Restaurant:„Преземена од KTCHN Rebel