Прочка: Предизвик за Егото. Да. Добро прочитавте. Простувањето е предизвик за егото – бара правда, но не знае да прости. Предизвик за умот, кој ги брои гревовите како долгови – без да ги отпише. За болката која удобно се вселила во срцето, стои како трофеј и не се дава со години.
Но, дали и твое ослободување? Прочка не е обично „извини“. Тоа е пресуда што ја носиш против себе – да го ослободиш оној што ти згрешил. Да му дозволиш да замине или да остане без каење. А, најмогу, да си дозволиш себеси да се ослободиш.
Замисли го Христос на крстот. Измачуван, предаден, понижен. И во тој момент, кога секој би викал „Одмазда“, Тој вели: „Оче, прости им, не знаат што прават.“
Што знаат тие што ти згрешиле? Дали се свесни за раните што ти ги направиле? И ако не се – зар тоа не е уште поголем тест за тебе?
Простувањето не е слабост. Напротив. Тоа е сила што ја имаат само ретките. Тоа не значи дека исчезнува болката, но значи дека ти не дозволуваш таа да владее со тебе.
Прочка не е само традиција. Не е формалност. Таа е револуција на душата. Тест за срцето. Најголемата победа над себеси.
Да простиш не значи да заборавиш, ниту да оправдаш. Тоа значи да престанеш да бидеш заробеник на болката. Да одбереш мир наместо товар. Да создадеш простор во себе за љубов, наместо огорченост. Да му дадеш можност на животот да продолжи без товарот на вчерашните неправди.
Простувањето е избор и тоа тежок. Но, кога ќе го направиш, ќе сфатиш дека токму во него се крие вистинската сила. Да бидеш ослободен од гневот, да го зграпчиш мирот, да го вратиш сопствениот дух.
Денес, ако кажеш „Прости ми“ – кажи го од срце.
А ако некој ти каже – прости му навистина.
Зошто простувањето не те прави слаб.
Те прави слободен.
пишува: Ромина Марковска