Пресуда во бесмислената приказна за апсурдот и страните на светот – колумна на Марија Трифуновска Тасеска

„Зајакот добил покана, онака добро скоцкана, во две пликоа. Да, не во едно, ами во две оти два дупло повеќе од еден е. Тоа бил битен документ со официјална судска пресуда за прекршок и како таков, во едно плико, не го собрало едниот лист, па морало да се скоцка во две, правоаголни.

Едното плико жолто, а другото црвено било оти белите се потрошиле. Предната страна од белиот лист на кој стрчел полукруг од превртен филџан со чај, била сместена во црвеното плико. А, задната страна од листот, со останатиот дел од кругот од филџан со чај, била сместена во жолтото плико.

Зајакот бил логичар и смислар, единствен од тој вид, таму останат. Другите такви, совреме патот си го фатиле и во друго место (полесно за живеење со логика и смисла) си се населиле. Тој, кутриот, со корените на љубовта кон домот останал таму врзан. Милувал дома да си седи и светот само во својата глава, по логика и смисла, да си го крои.

Надвор владеел хаос и страшен метеж оти веќе не се знаело каде се север и југ. Двете страни си одлучиле постојано места да си менуваат и сите збунети уште повеќе да ги дозбунуваат. А па, за исток и запад, немаше ни место ни збор оти им снема секаква трага. Се избришале од постоењето. И надвор сега, никој не знаел кај тера, а пак сите секаде само итале без да стигнат некогаш некаде.

Така и зајакот, еднаш, куферот го спаковал, излегол и кон земјата на смислата тргнал. Арно ама, немало ни пат, ни знаци, па за брзо се премислил и не можејќи во безредието да се снајде, дома си се вратил. Уште куферот го немал отворено, кога писмо добил. Почнал со ред, црвениот плик го отворил, а таму на предната страна од листот прочитал и место и време.

Место: Кај дрвото со гранки.
Време: Кога Сонцето од исток ќе блесне.

Го отворил вториот плик, жолтиот, а таму била задната страна од листот каде стоело:
„Желката го тужи зајакот бидејќи ја претицал во бавно одење. А факт било (оти сите знаеле) дека таа најбавна е.“

Зајакот немал време ни да се зачуди, ни реакција на таква бесмислица да извади, кога умот му се помрачил бидејќи најдолу на листот, со молив допишано било (им снемало мастило):

Пресуда:
Смрт за смислата и логиката и доживотен затвор за зајакот кој ја навреди желката. Обвинетиот е осуден поради кривично дело „нанесена штета и навреда на желката и непочитување на фактот (што нормално е и закон) дека желката е најбавна тука.“

И секако, во место каде законите се за ред и за заштита на доброто на сите, не смее да се прекршуваат. Престапниците во најбрз можен рок се казнуваат. А зајакот, осуден, уште ни глава од листот не кренал кога „оп“ со лисици задните шепи му ги стегнале и на предни шепи го натерале да оди, превентивно, за пак некој да не навреди и уште некој закон да не прекрши, та ќе нема со што да го казнат, построго од ова не можело да биде.“

Ако приказнава ве натера да се чудите, верувајте, потполно ве разбирам. И јас уште се чудам како мора овде да постојам и само да го голтам сервираното без џвакање. „Па имајте малку осет бре.“ Вака сама на глас си зборувам и си велам дека сигурно има некои кои со нас овде долу што живееме, мајтап си играат. Залаците преголеми за голтање се, нема веќе со што да се убедуваме дека уште треба да трпиме.

Ох, издолжив, знам. Ако приказнава целосно бесмислена ја најдовте, замислете мене, која живеам овде, како ми е!

Простете што ви го одзедов овој час. Да немав потреба маката да ја споделам со вас, можеби и ќе научевте нешто корисно или не само едно нешто, ами и две а може дури и три. Којзнае, можеби по наученото, светот и повеќе смисла ќе имаше.

А сега, за домашна работа имате истражување да направите и на следниве прашања да одговорите:

Кој е на која страна во однос на Законот во приказната?
Кој е под Законот?
Кој е над Законот?
Дали воопшто има некој кој чекори заедно со Законот?

И уште нешто, не заборавајте творба за конкурсот да пратите.

Тема: „Апсурд без граници како ознаки за постоењето на држава“

Жанр: Апстрактен
Должина: Без ограничувања
Фонт: Со слободна рака
Големина на букви: Како оние на описменетите.

Прва награда: Кутија со смисла
Втора награда: Џокер за излегување од затвор
Трета награда: Мултидржавјанство за патување до исток и запад
Со среќа!

Пишува: Марија Трифуновска Тасеска

[post_tags]