Почина Џорџо Армани – модниот визионер кој двапати ја редефинираше светската елеганција
Светот на модата денес се простува од Џорџо Армани, легендарниот италијански креатор кој на 91 година почина во својот дом во Милано. Веста ја потврди неговата модна куќа „Armani Group“. Се нагласи дека Армани останал активен и посветен на работата сè до последните денови од својот живот.
Џорџо Армани, во младоста не планирал кариера и никакво инфилтрирање во модниот свет. Но, успеа да изгради глобална империја благодарение на својот инстинкт и визија. Во 1980-тите години, Армани ја променува традицијата на машката елеганција. Ја минимализира строгата линија на класичното одело… Ги отстранува нагласените раменици и внатрешните облоги, создавајќи кежуал, но моќен изглед што подоцна го прифаќаат и жените.
Така раѓа нов стил на „power dressing“ кој стана препознатлив во Њујорк, Холивуд и деловниот свет. Неговите одела, изработени од кашмир и фини материјали во темни тонови, се претвораат во симбол на авторитет и статус.
Италијанската јавност го нарече „кралот Џорџо“. А неговата работа доби признание и преку големи изложби, вклучително и големата ретроспектива во Њујорк во 2000 година.
Армани остави силен белег и во филмот. Неговите креации се прославија со филмот „American Gigolo“ во кој Ричард Гир го носеше неговото одело, создавајќи иконичен изглед на модерниот маж. Тој беше првиот дизајнер кој систематски облекуваше холивудски ѕвезди за црвениот тепих…. Од Џоди Фостер и Мишел Фајфер, до Џулија Робертс, Бијонсе, Лејди Гага и Џорџ Клуни.
Армани останува запаметен како човекот кој два пати ја преобрази модата. Човек кој зад себе остави наследство што ќе живее уште многу генерации.

Иако светот се простува со Џорџо Армани, неговите зборови и визија остануваат како трајно наследство. Армани не беше само дизајнер, туку и филозоф на елеганцијата, кој зад себе остави мисли што инспирираат и денес.
Во подолжение прочитајте неколку о неговите цитати, кои остануваат вонвременски.
- „Да се биде елегантен не значи да се облекувате нападно, тоа значи да се врежувате во сеќавањата на луѓето.“
- „Разликата помеѓу стилот и модата е квалитетот.“
- „Евтиниот пар чевли е лоша економија. Не штедете на главната работа: чевлите се основа на вашата гардероба.“
- „Сакото е сè. Треба да биде добро сошиено, совршено вклопено и прилагодено на тој начин што ќе се чувствувате самоуверено и пријатно.“
- „Елеганцијата е клучот за безвременскиот изглед, нешто што никогаш не излегува од мода. За мене, стилот е поважен од краткотрајните трендови.“
- „Ова е проблемот на современиот свет: никој не сака да ризикува, да биде тоа што е.“
- „Прифатете го она што ви е дадено и не се откажувајте. Не трошете го својот живот обидувајќи се да го промените она што не може да се промени.“