Paul Van Dyk доаѓа во Охрид – Музички електро спектакл што не се пропушта

Еден од најголемите диџеи на сите времиња, Пол Ван Дајк на 30-ти јули доаѓа во Охрид, каде што ќе настапи на плажата Горица 3, објави „Прагма продукција“.

Ова нема да биде прв настап на овој германски диџеј на македонска територија, а за потребите на овој спектакл ќе биде поставена бина по светски стандарди, надополнета со посебни ефекти, врвно озвучување и уникатно осветлување, кое е карактеристично за настапите на Пол Ван Дајк.

Електронската светска супер ѕвезда уште од раните деведесетти години ги поставува светските стандарди како диџеј. Во краток рок ја стекнува популарноста со мегахитот „For An Angel“, една од најголемите и највлијателните електронски траки на сите времиња. Со вроден талент за сценски настап, Пол е еден од артистите со најмногу остварени настапи низ светот, повеќе дури и од Боб Дилан, Металика, Аеросмит и Ролинг Стоунс!

Колку Пол ван Дајк со својата појава ги раздрма самите темели на музичката индустрија, говори фактот дека два пати е прогласен за број 1 диџеј во светот според реномираното списание „DJ Mag”, нешто што досега само неколку диџеи успеале да го постигнат во својата кариера. Добитник е на Греми награда за албумот од 2003 насловен „Reflections“, а досега има продадено повеќе од 5.000.000 албуми ширум цел свет. Пол Ван Дајк се здоби со репутација како не само еден од најплодните уметници, туку и како икона во електронската музика.

Ван Дајк објави два албуми кои се најдоа на врвот на топ листите во 2018 и 2019 година – „From then On“ и „Music Rescues Me“, кои наидоа на признание од критичарите. Тие беа направени во месеците по страшната несреќа во која Ван Дајк падна низ лошо дизајнирана бина за време на фестивалски настап во Европа на почетокот на 2016 година.

По неколку месечниот престој во болница,  каде што не беше сигурно дали  Ван Дајк некогаш повторно ќе може да оди, а камоли да настапува како диџеј или да прави музика, тој се врати во студио и почна да спојува претходни идеи кои на крајот ќе се претворат во албум.

Поминувајќи низ едно од најнесреќните искуства кои секој изведувач би можел да го замисли, Ван Дајк излезе од немилата судбина, со нова смисла за живот и подмладена страст за правење на музика.

Охрид повторно живее во духот на електронската музика и сцена.

Картите ќе бидат по промотивна цена од 500 денари до 20-ти јули, а истите може да се набават преку продажната мрежа на kupikarta.com и кај Аждер.