Зошто немам партнер/ка? Каде е грешката?
Не прави му го на другиот тоа, што не сакаш да ти го направат тебе?
Многу често ние повозрасните знаеме да кажеме дека нашите лекции од минатото во ова време не важат. Kако сѐ да се променило, дури и луѓето. Технологијата од една страна е благослов но, од друга страна ги направи луѓето заложници на промените.
На промените ретко кој е навикнат, и тешко се прилагодува. Зошто немам партнер/ка? Каде е грешката?
Од младите се почесто се бараат исполнувања на некои нови типови на норми и нормативи. Срамот стана непозната именка, а сексуалноста е доведена на работ на неразбирање и збунување. Сѐ е како во шок. Ако до пред десетина години материјализмот беше на тапет, сега сексуалниот хаос го опседнува и збунува младиот човек. Примерите на семејство се распаѓаат… А врските се сведуваат на моментално задоволство и неуреден однос, од типот пријатели со бенефит… Сега ни е добро, што е важно за утре… Без напредок на ниво на свест и припадност, едноставно само телесно моментално задоволство/незадоволство.
Ако едно време се пееше една песна „види што сме ти направиле од ќерка ти мама?“, сега се поставува прашање „што направивме од мажот?“
Иницијативата за врска, за припадност, за создавање на дом и семејство изостанува. Долната граница за стапување во брак веќе и не постои. Од друга страна, доколку се нема финансиска безбедност, повеќето сметаат дека воопшто нема моќност да се мисли на заеднички живот. Амбициите кај поединци доведоа до одлука за самохран родител, колку да си го осмисли животот. А и оние малку бракови кои се создаваат, се распаѓаат за некоја година.
И се поставува прашањето „среќни ли се овие луѓе вакви?“, по се изгледа дека не се. Ја бараат моменталната среќа во ситни задоволства, и штом се раздени и задоволството помине, повторно се несреќни.
Ми пишува една помлада пријателка, „и покрај тоа што ги паднав критериумите, нема радост. Ништо од мажите“. Размислувам, што тоа значи паднати китериуми, воопшто битни ли се?
За да се создаде сојуз, треба да се поврзете на повеќе нивоа. Треба да направите заедничка визија. И пред сѐ она што го викавме порано „почит и доверба“, јас би го превела на еден друг јазик, да си ги галиме душите. Но, за сето ова треба двајца со исто гледиште. Веќе пишував дека довербата е одлука, „јас одлучив да ти верувам“, и од тука почнува и сакањето, а со сакањето и прилагодувањето, разгалувањето, разбирањето. Зошто немам партнер/ка? каде е грешката?
На прашањето „Што е љубов?“ кое ми го постави девојка која сакаше силно да се вљуби, некако природно ми доаѓа да и одговорм „љубовта е огледало, во кое Тој ќе се погледне и ќе се види прекрасен, силен, добар, моќен. Огледалото си Ти. Оној ден кога волшебното огледало нема да ја кажува колку е прекрасен, почува да слабее и магијата на љубовта.“ Оние кои знаат да си ја галат душата, кои ќе погледнат во далечината, пред времето и сонуваат исти соништа, а сакаат да одат по исти патишта, ја пронашле својата Ендемска Градина, и нивната среќа и партнерство ќе траат.
Бидејќи моите текстови се мотивирачки и наменети за младите, еве да направиме еден тест. Изберете некој дечко/девојка кој/а ви се допаѓа и почнете да му ја галите душата со убави и тивко изговорени зборови, почнете да верувате и да гледате тоа во што тој верува и гледа. Што мислите? Што ќе се случи? Ќе се случи љубов… А потоа се зависи од двајцата вас на кое ниво ке го носите тој прекрасен однос.
„Никој не бега од добро“, оној кој бега, бега од некоја причина, загушување, критики, барање на полагање на сметки, немање на доверба, недостог на смирена комуникација, и на крај добиваме токсична врска, или едно низшто.
Љубовта би требало да е негде до вас, на дофат, но, неуредноста на сопствените ставови и однос ја бара љубовта и партнер от во бегство, во далечина, некаде во непознатото.
И секако, повторно стоиме на патеката која води во повеќе правци, а изборот и одлуките се само наши, премногу приватни.
Ќе го препознаете ли вашиот партнер во вашата близина, или ќе очајувате што го немате?