Паркот на чудовиштата: Морничавото ремек-дело скриено во Италија! Доколку слушнете за место наречено „Паркот на чудовиштата“, веројатно ќе помислите дека станува збор за сцена од хорор-филм или фантастична книга. Но, ова бизарно и фасцинантно место навистина постои! Сместен во густа шума во малиот италијански град Бомарио, овој парк крие камени џинови, застрашувачки суштества и мистериозни пораки, осмислени не за убавина – туку за шок!
Паркот на чудовиштата настанал во 16 век по наредба на принцот Пјер Франческо Орсини, познат како Вичино. По долго ропство и загубата на својот најдобар пријател во војна, судбината му задава уште еден удар. Тоа е смртта на неговата сакана сопруга, Џулија Фарнезе. Скршен од болка, тој го ангажира архитектот Пиро Лигорио, истиот што ја довршил базиликата Свети Петар по смртта на Микеланџело, за да создаде нешто што нема да воодушевува, туку ќе зачудува.
Во паркот ќе наидете на бизарни скулптури како огромен воен слон што зграпчува војник, џин што го сече својот противник на два дела како и чудовишна риба со зината уста. Но, најморничав од сите е Оркус – огромна глава со искривено лице во немиот крик на ужасот. Над неговите усни стои натписот: „Секој разум исчезнува“. Дали е навистина така? Единствениот начин да дознаете е да влезете во неговата утроба, каде што ве чека камена маса – совршена за мрачна вечера.
Паркот во 20. Век инспирирал многумина, меѓу кои и самиот Салвадор Дали, кој тука снимил краток филм… А мистериозните скулптури го инспирирале неговото славно дело – Искушението на Свети Антониј.
Доколку патувате низ Италија, овој парк се наоѓа на само два часа од Рим. Покрај него, можете да го откриете и шармантниот Бомарио како и историскиот Витербо (град во Италија, познат по своето средновековно наследство и мистични локации). Готови за морничаво патување низ времето?