Литературниот свет од неодамна создаде простор за уште едно импозантно име кое долго ќе го памети македонската книжевна сцена. Нејзините дела изобилуваат со прецизно градење на ликовите. Карактерите кои понатаму остануваат да живеат во нашиот ум како длабоки размислувања околу самиот концепт на битието. Таа е дипломиран правник и магистер по европско право и интеграции. Авторка на книгата за деца „Волшебната авантура” и романот за возрасни „Одмаздата на богомолката”. Брилира со автентичен стил во „Најслаткиот филџан кафе“ и со силна порака допира до тинејџерскиот фокус. Со елоквентен, а и длабоко писхолошки пристап, студиозно ја проучува и истражува приказната за Рајна Алексова во истоимениот роман „Сагата на Рајна“. Книга за најучената жена во градот на конзулите, првата аптекарка во Битола. Разговараме со една од најпрестижните авторки, омилена кај читателите Оља Петрушевска Томева.
Разбуди се:Која и каква мотивација ја натерала Оља Петрушевска Томева да влезе во тимлинот на книжевниот свет?
Оља Петрушевска Томева: Па не можам точно да кажам дека некој конкретен мотив бил иницијална точка да почнам да се занимавам со пишување. Тоа едноставно си го имаш во себе, со тоа си роден, и затоа природно ти доаѓа. Мене никогаш во животот не ми преставувало тешкотија да напишам било каков текст. Не зависно дали е тоа некој расказ или состав, кога тоа од мене се барало на училиште или пак сега кога треба да напишам некој стручен текст поврзан со мојата професија. Истото е и со поезијата, само треба да имам идеја што ќе пишувам и зборовите, стиховите сами си доаѓаат. Желбата е огромна, но времето е кусо. Работните обврски и обврските во семејството не ми дозволуваат да му се посветам на пишувањето толку колку што сакам.
Разбуди се:Кој е Вашиот литерарен влијател и која книжевност или извори Ви помогнаа во процесот на пишување?
Оља Петрушевска Томева: Тоа е нешто што се гради со години. Во различни периоди од животот читав различна литература. Морам да кажам дека најмногу читав до факултетските години. Читав буквално сѐ, и проза и поезија. Но, во тоа време омилени ми беа класиците, драми, доста време посветив и на македонската книжевност, но во последно време најмногу читам современата литература и најомилени ми се трилерите.
Разбуди се: Дали сметате дека Вашите книги се вклучени во актуелните општествени или културни контексти?
Оља Петрушевска Томева: Па секако. Мене инспирација ми се луѓето и сето она што се случува околу нас. Сакам да пишувам за вистински случки и настани, нешто што може да му се случи секому. Сакам преку моите дела да оставам порака. Така е на пример со Сагата за Рајна, приказна за една жена која постигнала многу во времето во кое живеела. Потоа Најслаткиот филџан кафе. Тоа е приказна за една млада неискусна девојка со која си поигрува животот и судбината поради недоволното животно искуство. Книгата за тинејџери каде згрешивме, која го опишува булингот и причините кои доведуваат до такво однесување на децата.
Разбуди се: Има ли некој автобиографски елемент во Вашите дела?
Оља Петрушевска Томева: Првата книга која ја напишав беше Волшебната авантура. Тоа е книга за деца. И да бидам искрена таа ми е најдрага. Најдрага бидејќи во неа се опишани заедничките моменти и игрите кои ги игравме со децата додека растеа. Всушност книгата е приказна која јас им ја раскажував а тие замислуваа дека тие се во приказната. Само во таа книга има елементи кои се лични. Но, искрено сметам дека автобиографско дело треба да биде заокружување на една кариера, нешто што доаѓа на крај. Но сепак тоа е само мое размислување и не значи дека сум во право.
Разбуди се: Вашите книги ја обработуваат комплексноста на човекот. Од градација на емоции до спој со она што се вика осознавање. Вашите ликови го поминуваат тој пат преку учење. Во својство на консумент на Вашите дела, за сликата да биде појасна, Ве прашувам: „И ликот на Рајна во Вашиот роман „Сагата на Рајна“ и ликот на Ема во „Најслаткиот филџан кафе“ се паметни личности, учат, осознаваат, но сепак завршуваат со филозовско – морална дилема. Или дилемата ја создаваат другите луѓе! Како го разбивате овој аспект?
Оља Петрушевска Томева: Човекот се раѓа како „tabula rasa“. Секој човек се раѓа без однапред одредени особини. Негови особини тој ги стекнува во текот на својот живот. Кога ќе се роди едно дете тоа е празен лист хартија, околностите во кои живее, однесувањето на неговите родители, влијанието на општеството, институциите, пријателите оставаат запис на празниот лист хартија и го градат неговиот карактер. И така секој од нас е посебна индивидуа со различен карактер и разбирање на светот. Оттука произлегува и различното делување и однесување на различните индивидуи. Секое животно искуство остава белег, така човекот учи. Сите ние најчесто учиме од своите грешки. Затоа во моите книги се толку застапени емоциите, бидејќи човекот е емотивно, социјално суштество водено во животот од своите емоции, кои некогаш може да го одведат и во погрешен правец. Каков ќе биде неговиот одговор на ситуацијата со која ќе се соочи е индивидуална и уникатна реакција на даден момент. Затоа повторно ќе кажам дека целта на моето творење е пренесување на порака. Сакам преку моите книги читателите да ги воочат туѓите грешки, па тоа да влијае позитивно на изборот на нивните правилни чекори.
Разбуди се: Како изгледа Вашиот креативен процес и како ги развивате карактерите на Вашите ликови?
Оља Петрушевска Томева: Секој пат пред да почнам да пишувам нова книга размислувам за темата. Кога ќе ја одредам темата, правам концепт. Одредувам делови на кои им ставам наслови, што ми преставува водилка во која насока да пишувам. Секој пат прво го градам главниот лик. Настрана ги запишувам неговите особини, карактеристики, изглед, околности во кои живее. Потоа ја создавам споредните личности и ги градам нивните карактери во однос на релацијата која ја имаат со главниот лик. Во зависност од темата, многу истражувам. Да кажам дека денес е лесно да се пишува на било која тема кога имаме толку достапни информации на интернет. Нема нешто што не можеш да најдеш. Истражувањето на интернет и анализирањето на различни податоци мене ми претставува предизвик и тоа ме мотивира што побргу да ја завршам книгата која сум ја започнала.
Додека пишувам често го препрочитувам текстот од почетокот, да бидам искрена дека понекогаш ми се чини како да не сум го напишала јас тој текст или целиот роман. Едно е чувството додека го пишуваш романот, едноставно живееш со него, а друго е кога го читаш, барем за мене е тоа различно, и покрај тоа што јас сум неговиот творец, поинаку го доживувам.
Разбуди се: Можете ли да споделите некој интересен момент од времето на пишувањето?
Оља Петрушевска Томева: Интересно е како дојдов до идеја да ја напишам Сагата за Рајна. Рајна е вистинска личност и затоа да се напише приказна за личност која постоела не беше воопшто лесно, особено што таа има внуци, роднини кои се трудат нејзиниот лик и дело да останат запаметени. Две години по ред, на истиот ден, на една утринска програма ја слушнав истата информација – На денешен ден е родена Рајна Алексова. Веднаш ме заинтересира приказната за единствената жена на територијата од Виена до Атина, која за време на османлиското ропство завршила факултет за фармација и добила указ од валијата да отвори аптека и да работи како аптекарка. Тоа е импозантна приказна за една жена борец, жена пред своето време, жена што си го сака родениот град и своите сограѓани и се труди на секој начин да им помогне.
Интересен беше моментот кога стапив во контакт со една од внуките на Рајна, таа беше пресреќна дека сакам да напишам книга за нивната баба, а јас исто така бев пресреќна бидејќи ми дозволија да пишувам за неа и ми ја пренесоа нивната приказна.
Разбуди се: Кои се Вашите очекувања во врска со влијанието на Вашите книги врз размислувањата на другите луѓе во заедницата?
Оља Петрушевска Томева: Во еден од одговорите погоре, споменав дека би ми било драго доколку преку моите книги помогнам некому да ги согледа туѓите грешки, и поради тоа да донесе правилни и не избрзани одлуки.
Разбуди се: Би ја споделиле ли Вашата главна порака или цел што сакате да ја пренесете до читателите преку овој разговор за „разбудисе“?
Оља Петрушевска Томева:Јас би сакала да им пренесам порака пред се на младите, бидејќи тие се нашата иднина. Најпрвин би им рекла да веруваат во себе и во своите способности, да се упорни, храбри и да не потклекнуваат пред препреките и тешкотиите. Животот не е лесен, но е убав и вреди да се вложиш себеси за подобро утре. И уште нешто, да си ја сакаат земјата од каде им се корените, да се грижат за неа, да си ја знаат историјата зошто само така ќе знаат кои се и од каде се, да си ги почитуваат и сакаат родителите, да помагаат кога треба и да бидат добри луѓе.
Разбуди се: Која е Вашата особена надеж во однос на Вашето влијание и придонес во литературата?
Оља Петрушевска Томева: Јас се надевам дека „Сагата за Рајна“ и „Каде згрешивме“ еден ден ќе станат лектири. Тоа се книги кои праќаат силни пораки и оставаат на крај простор за размислување и дискусија помеѓу професорот и ученикот.
Разбуди се: Вашиот следен проект и ако го има може ли да ѕирнеме во деталите?
Оља Петрушевска Томева: Како што кажав и претходно омилен жанр во последно време ми се трилерите. Затоа решив да се испробам и на тоа поле. Јас веќе имам напишано еден роман од овој жанр „Одмаздата на богомолката“, кој не го работев со поддршка на мојата издавачка куќа „Сакам книги“ ,туку самостојно ја издадов. Во моментов работам, еве да речам на еден вид на продолжување, но сепак тоа ќе биде и засебен роман кој ќе може да се чита сосема независно од првата книга. Повторно и во оваа книга, како и во претходните е преставен животот на една личност, која поради околностите и начинот на животот доаѓа до една состојба која е тешка, токсична и непосакувана како за неа така и за нејзиното опкружување. Тоа е приказна за двата најголеми човекови сопатници, љубовта и болката.
Разговорот го водеше Ромина Марковска