„Можеш ли да се потсетиш кој беше пред да ти каже светот кој треба да бидеш?“
Не му простувам на оној кој не го сака Септември. Не му простувам на оној кој не го сака театарот. Не му простувам на оној кој не знае оти на минус 30 една убава песна, мелодија, свирка може да те стопли исто толку многу како карирано дебело ќебе.
Не му простувам на оној кој не знае да се буди со кафе, со тутун и со две три приказни изронати во изненаден дожд. Не му простувам на оној кој не знае да му се радува и на тој дожд. Не му простувам на оној кој нема приказни, кој живее монотон и беспрекорен живот. Не му простувам на перфекционизмот и безгрешноста. На она се бело и мермерот низ дома. Не простувам во септември, па нека не ми простуваат и мене.
Не простувам ако не разбираат дека се плашиш да не пропуштиш нешто дури спиеш. Оти навечер твориш, оти наутро едвај чекаш да станиш за пак да напишеш… За одново да дишеш. Не простувам ако не сакаш да создадеш, а знам. Треба да простам.
Не ги разбирам, не простувам… Не му простувам на оној кој не се смее на најдобра шега и кој упорно е индиферентен. Не го сфаќам оној кој не знае да заплачи на филм, да се тргува со црното за малку боја и розово. Оној кој не знае да се ,,кини од смеење” на ситком. Оној што се немал барем еднаш ,,пробано” во хорор и шо не му испукало срцето ко орев. Не му простувам на оној кој понекогаш не сака дома да му мириса на топол оброк, на кифли, на манџа, на цимет… Не му простувам на оној кој не знае да ужива низ чаршија, низ пазарот. Оној кој не го сака овој град, оној кој не ги разбира распеаните пазарџии, колоритот на тезгите. Кој не го сфаќа она единствено место во кое животот течи и се раѓа одново и одново, без мака.
Не му простувам на оној кој мисли дека доволно е до кај 70. Не разбирам и затоа не простувам. Не ги сфаќам. Не им простувам што не сакаат да живеат вечно, што не разбираат оти младоста е она идилично место во кое сакаш душата да ти остане. Во кое се бориш со две три бели влакна и ги криеш. Не простувам без борба. Не знам без борба. Не ја сфаќам поентата на животот без борба, цел, таргет.
Не му простувам на оној кој толку лесно се соочува со брчките и индиферентно вели оти доста било, време е. Време е за седа коса. Не му простувам на оној кој не се плаши од смртта, а знам… Треба да му простам. Не простувам што се е проклето кратко, а јас… Јас не би си простила, ако живеам малку и само малку во ова најмалку. Не му простувам на неамбициозноста, на неповторното будење, на немањето желба да се разбудиш и да тргниш даље. Не простувам на квази интелигентните кои не се ни трудат. Не простувам на системов, на моловите, на креацијата на имагинарен роботски запад. Не му простувам на оној кој не знае да љуби, барем еднаш. Барем за момент. Барем еден час.
Не простувам на оној ко не дава шанса. Кој не ризикува и не сака да ѕирне. Не му простувам на моралот понекогаш. Не му простувам на оној кој суди. Не му простувам на човек кој не знае да даде комплимент, кој не знае да рече „Добро утро, Добар ден, Добра Вечер…Тука сум… Нека биде најдобро! Можеш! Можеш! “ Кој не знае да ти се насмее сабајлечки и да ти рече ајде денес да ни биди најубаво.
Не му простувам на оној кој не го сфаќа полното, чашата, секогаш… Не простувам на луѓе без душа, без уметност, без галама, малку џез блуз, а после рок… А не простувам и на маска што се крие зад таа труба што нон стоп труби. Не простувам ако барем еднаш не си го ислушал Аца Лукс до крај, а уште помалку простувам ако уверуваш оти не си го слушнал и обвинуваш. Не простувам ако не си пробал, не си се барал. Не простувам на оној кој барем еднаш во животот нема истресено коси и како луд има скокано на кревет и ко дете и ко „голем“.
Не го разбирам оној кој е совршен, кој има одело, кој мора да е најдобар. Не простувам, а сакам да простам. Не му простувам на оној кој барем еднаш нема здивено во средно. Нема избегано од часови. Скришно нема пробано тутун, се нема тетеравено од драма, романтика, филм. На оној кој барем еднаш не се обидел со поезија, со соништа… Не му простувам на оној кој не полудел барем еднаш во својот живот и кој ко Дали не си рекол оти единствената разлика помеѓу лудиот и мене е што лудиот не знае оти е луд, јас знам.
Не му простувам на оној кој не сака пријатели, кој не знае што се пријатели, кој сака исто. Досадно. Густо и мачно. Не простувам на никој, а понекогаш и не си простувам и себе. Не простувам што се чудат на убавото. Не простувам мегаломани, „инквизиции“, декрети, конзервативни…
„Можеш ли да се потсетиш кој беше пред да ти каже светот кој да бидеш?“ А сега… Можеш ли да си простиш поради тоа што си станал?
Пишува: Елена Трпковска Наумовски