Пред некој ден бев до фотокопир – скриптара да испечатам некои листови. Требаше да научам текст кој јас го пишував. Некој обид за повторно враќање на сцена, ама тоа не е важно. Важно е дека морав да ги научам тие неколку страни. По мое, најтешкото. И не е тоа важно. Важно е оти печатаров во продавницата (како и да се вика), им се расипал. А потоа не знам… Не „фаќал“ документот, или не знам… Не го читало уезбето… И сите тие технички „потребни“ глупости што му прилегаат на 21 век во кој случајно се најдов и јас.
И ете ти малер!!! Едноставно. Текстот се бриши. 21 век туку – така ми „експлодира“ пред очи. И си велам, аман зошто секогаш ми доаѓаат солзи во погрешно време? Но, потоа се тешам – Па едноставно некогаш и ти треба, да паднеш. Да заплачеш. Не е важно каде… Хм. Но, дали тие солзи мора некој да ги избрише. Дали можеби понекогаш не сакаме емпатија, бодрење… Доаѓаат луѓе, клиенти во продавницата и сите ме тешат. Ти можеш, ајде како така. Ние сите те сакаме, можеш. Ти си позитивна, ведра, како така?! Верувај во себе! Благодарам, им велам.. И си ги бришам солзите . Знаеш! Си велам. Гледаш сите те сакаат. Што ти е? Можеш!
…И така палам тутун на сред ручек време низ улици и сите ме гледаат како недолична. Оти сум жена, а жена не смее да пуши по улици. Нели? Хм… Им ги гледам сите тие лица. И сфаќам. Како да цигарата им значи дека сум полудела. А како да фактот што е два по пладне им значи дека уште толку сум полудела. Но, тие не знаат оти јас го знам тоа. Ако се изненадуваш на нечие лудило или твое и не ти е јасно, значи си луд. Јас знам и не сум многу изненадена. Ни од цигарата, ни солзите и лудилото, нити од овој попладневен час – два. „Но, дали всушност владее колективно лудило?“ – си велам.
И така некако ми се врти една строфа низ глава од Rolling Stones ( I can’t get no satisfaction ‘Cause I try and I try and I try and I can’t get no..)Јасно ја слушам јасно како небаре во живо сум на концерт… Доаѓам дома, ја соблекувам јакнава и го пишувам текстов. Или барем имам таков обид со оглед на нередот кој го направив кога врелото кафе ми се истури над тастатура и пет саати бришев. Имав обид за музика. Стварно искрено имав обид… Сакав да се впуштам во некој пријатен блуз или jazz afternoon и да си врти во позадина дури куцам над тастатура гласно. Ама знаете… Тоа беше еден од оние денови кога ништо не ти оди од рака и како да нејќиш! Како да не сакаш! На крај се одлучив за тишина. Ми треба мир си велам во ова време. А што е време? И дали мирот знае за погрешно време?
И тогаш. Некоја ,,будала” што ти иди како гостин во глава, ќе те сопне и ќе ти рече:,, Знаеш ли што правиш? ” / Не знам – ќе му речеш. – Врска немам. / ,, Тогаш зошто правиш?” – ќе те праша.
И се откажувам од пишување. Дремам над тастатура, нема адреналин, нема инјекција, ја нема таа крв… Ок, ќе земам некој седатив и ќе легнам уморно на кревет. Знам, си реков. Ќе го земам тоа розово плишано ќебе и ќе си ја покријам главата. Телото ќе го стуткам и конечно ќе сонувам.
И ете ти прашалник: А што ќе сонувам? Па она што сакав да го правам. Она моето. А зошто ако е мое да им го дадам туку – така? На друг да го живее… Што ли ми се случува, си велам и како дојдов до овој burnout? Откажување? Јас? Да не можам и не сакам? Хмм..
И блиску сум до поентата, што „одма“ ќе ви ја кажам: Свесни ли сме што ни направија со тоа постојано потенцирање дека можеме?
Каде и да е ќе го налутиме и Бога со таа лага. Со таа денска насмевка и едно големо феик на социјални мрежи шо свети од сегде. По молови, по натписи на маички, по медиуми, по психолози. ,,Ти можеш! Можеш! Можам! Не застанувај! Не се откажувај! Ти си сѐ! “… И ја влечкаш таа насмевка и тоа можам, можам, можам јас сѐ… Се дури не дојди ноќта и се преправаш дека само еден миг е доволен да се соочиш со себе си. Да сфатиш дека всушност и не можеш толку. Дека понекогаш си (или стануваш и те прават) себичен кон себе, кон другите, кон светот. Се фаќаш себе си оти си потонал во море од обврски, а животот ти поминал во тоа: „Морам да успеам. Морам. Знам дека можам!“ А истрошен си… Дали изгледа заборавивме дека нешто друго постои над нас? И дека можеби е време да го оставиме проблемот во божји раце. Во Бог или во што и да е тоа во кое верувате. Но, дали по секоја цена мора да верувате во себе? Дали ја имаме целата контрола на нештата и дали сами креираме лоши, тешки, љубовни, недозволени, дозволени, етични, неморални или морални, работни, кариерни, домаќински, безвезни или убави приказни? И си велам, да. Мојата констатација е дека постои тоа колективно лудило што се држи на маргините на општетвото и кое упорно те бодри и во ситуации кога не треба. Роботите кои ги сонувавме некогаш сега ни се толку достапни, па дури можеш и да избереш дали си сакал Chatgpt да ти „лупета“ со машки или женски глас. И замисли chatgpt нема негативен одговор. Само ти се извинува ако погрешил и те прави да се чувствуваш дека ТИ го владееш ова. Сте помислиле ли колку не трујат со тоа наше ЕГО? Веројатно токму тука осцилира тој општетствено монструозен хаос. Сите имаат што да кажат и не смееш да им се спротивставиш. Ние сите се знаеме. Се можеме, се можеме, се можеме. Ни се случува класично пумпање на его. Сакаш да имаш пријатели? Во право си – имај? Сакаш да немаш? Во право си, немај! Сакаш развод? Може, зошто да не! Сакаш пак да останеш? Да секако, ти си во право. Сакаш кариера? Ехее…
Нема како тебе. Биди силна до успехот. Ајде пробај, мачи се, бори се. И така, само трчаме до некоја цел. Ако некогаш мислевме дека трчаме, тоа било лага. Ете ова е трчањето драги мои. Немаме трпение за ништо. Не хипнотизираат со телефони и никакви видеа кои само шараат над екраните и скроламе гледајќи се во ништо, а брзајќи да го видиме она што подолу следи. Немаме трпение, ама имаме ЕГО!
И сега, како да човек во денешново „време“ не смее да си дозволи да падне. Како да сите ти се чудат кога сакаш да одмориш. Како да не смееш да одмориш, да размислиш… Но, како се размислува и кој размислува за тебе? Или преку тебе…? Морало да ги следиме трендовите, морало да правиме како што велат, како што диктира интернетот, системот, безредието што навидум изгледа како морална вредност и ти вели оти можеш, за на крај робот да ти ја превземи работата.
А само тој момент ти треба да му се препуштиш и… Потоа оди во комфор каде пак те пумпаат со тоа „можеш сѐ“, и плачи без солзи во реалноста. Изнаплачи се си велам само сега… вистински. Потоа наутро облечи ја таа блинг блинг маичка од молот на кој со големи букви е испишано: ,,Можам” (фала Богу на англиски) и прави се како да не е ништо. Можам им велиш. Те гледаат. Те сакаат. Ти се восхитуваат. Си црташ насмевка ко џокер. Си тетовираш формула за серотонин и ги забавуваш. Ги смееш, ги анимираш. Стално го имаш тој ас во џебот оти си знаел да ги насмееш. Ти можеш, ти велат. Ќе биде сѐ. Само трпение. И ти текнува на срцето шо си го отрул со веќе втора кутија цигари, а два е поручек. Си сработил за милиони, а овде пак е… само Понеделник.
Си сакал и можеш, но ти велат трпи. Ти не знаеш – те пресекуваат. Ти не знаеш ништо – ти велат. И се фаќаш себе си оти не знаеш. Како тоа до пред малку си знаел? Колку можеш без да знаеш, прашуваш. Ма дај ти тоа го умееш. И си викаш можам, знам, умеам. Кога тие ти велат. И пред да легнеш на перница… Го бришиш карминот.. Имаш само еден миг и бегај во реалноста, молчи и лути ги соништата или Бога. Во што веруваме и кој го одредува тоа време? Дали можеби и погрешното време е намерно? Дали можеби мирот знае дека е во погрешно време?
…И знам… Верувај и тогаш кога не веруваш. И во тоа најлудово време. И верувај дека еден ден се ќе биде добро, но дали некогаш човек треба да заплаче за да остави простор да циркулира тоа течение? Макар и во погрешното време.
П. С. Ако некогаш имаш некој проблем кој не знаеш како да го решиш, остави го во рацете на Бога. И верувај на неговото постоење во тебе, инаку би биле празни…
Пишува: Елена Трпковска Наумовски – НЕНА