„Понекогаш се преправам дека сум нормален, но потоа станува досадно и се враќам да бидам јас!“ Не комплицирам, тоа доаѓа спонтано!
Пред некое време во мала дискусија со пријатели, заглавивме во доста позната проблематика. Дали комплицирам (e)? И колку ни е гајле ако некој мисли така?
Прашањето е дали станува збор за медиокритети кои доколку им „нафрлиш“ сериозен разговор кој вклучува психолошки или (според нив) философски осврти, или уметнички пристапи, интернационализми и така натаму, веднаш те напаѓаат. Одеднаш, се случуваат опасни генерализации. Симптомите се детектираат и ти си конзистентно лудиот човек кој и не баш припаѓа во таа средина. И скришум или не, упорно се обидуваш да се вклопиш во друштво. Се правиш она што не си. И глумиш… нормален? А што е нормалното? Како што во еден наш текст напоменавме, НОРМАЛНОТО Е ИЛУЗИЈА – ОНА ШТО Е НОРМАЛНО ЗА ПАЈАКОТ, ЗА МУВАТА Е ХАОС!
Ок, треба да се вклучиме во општеството. Треба да се изградиме како личности и да развиеме колективна свест (во колективен хаос кој очигледно има некој евидентен „failier“ во системот). Треба да сме социјални, да сме во врска. Да не сме во врска! Треба да бидеме во брак. Да не сме! Треба да имаме две и повеќе деца. Треба да ги сфатиме сите типови на пријателства. На родители, на роднински врски и безврски!
Треба да бидеме „open mind“. А некогаш е премногу, па треба да бидеме конзервативни. Да го сфатиме, разбереме и практикуваме патриархалното! Треба да работиме, треба да бидеме убави, да бидеме слаби, згодни, силни, да бидеме ИН. Секогаш да ги следиме трендовите. (Без разлика дали ни се допаѓаат и ни се по волја). Да бидеме и културни и да се вклопиме во секое друштво, со сечиј вкус. Да се поклониме на шундот и секогаш на познатото „Не сум во право?“, да велиме: „Така е“. И над сето тоа, сме комплицирале?
А дали можеби ова не е доволно комплицирање? Кое секојдневие го креираме и дали мултитаксингот е само начин да зафркнеме повеќе работи во исто време?
Да се задржиме на темата. Зборуваме за маргините и непишаните правила. Нaгласуваат да сме упорни во дигиталниот свет. Да го сфатиме маркетингот, да ги разбереме правилата, да сме во тренд со виртуелното, да се фоткаме без престан и да глумиме што… Лудила!
Ни велат да живееме виртуелно, а да умираме во реалност. Да наздравиме до дното, а потоа да немаме мамурлaк. Дали сме нечија копија? Идеализираме ли некој свет кој всушност е далеку од нашиот? Дали треба да бараме и штитиме некои авторски права, а не сме ние? Колку сме искрени пред себе си и кој го уверуваме и лажеме? Чии интереси браниме? Наши или туѓи? Комплицираме ние или ни комплицираат тие?
Стварноста е само инквизиција(тортура) на „апстрактниот“ ум. – Уф колку ова звучи комплицирано нели? Виртуелниот свет ја реквирира играта на стварноста. Станува тензично да бидеш мултитаскинг во овој свет. Во општество на незадоволни функционери и апетитлии за повеќе. Во општество завиено во политичка дисфункционалност што е непроменета со децении, на лажни дипломи, актуари, титули, его! На човечка деморализација. Стануваме брутални, без цензура и срам од фактот што младите заминаа… Сите до еден. Од празните училишта, од најголемата болест на дваесет и првиот век: Недоволната писменост и стравот од книги!
Правиме ли крупна слика од она што го гледаме и она што го имаме? Кои сме ние?
„Понекогаш се преправам дека сум нормален, но потоа станува досадно и се враќам да бидам јас!“ – Но што е нормалното? И како што Салвадор Дали рекол (важи за сите, да не се етикетираме): „ИМА САМО ЕДНА РАЗЛИКА ПОМЕЃУ МЕНЕ И ЛУД ЧОВЕК. ЛУДИОТ МИСЛИ ДЕКА Е НОРМАЛЕН, ЈАС ЗНАМ ДЕКА СУМ ЛУД.“ Ех..кога сите би биле искрени!
Ќе ја развиеме ли колективната свест и ќе престане ли трендот на феик живот и лажна набоена(корегирана) среќа над социјалните платформи? До кога ќе се лажеме?
А јас? Ма не… Не комплицирам, тоа доаѓа спонтано! (Ок, можеби по малку)
Пишува: Елена Трпковска Наумовски