Востановувањето на одбележувањето на 11 февруари како светски ден на жените во науката, оваа година веќе прави цела деценија. Македонското научно друштво- Битола, оваа година со дебата, насловена „Жените и науката“, прв пат го одбележува овој ден. Претседателката на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, ја отвори дебатата и акцентираше дека е особено горда што во МНД се 43,7 жени, што е одличен показател, ако се земат во превид состојбите во изминатиот 65 годишен период.
За разлика од светските состојби пак, Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ може да се пофали со одлична статистика и со изразено присуство на жени во академскиот свет, потврди ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски. Тој е исклучително задоволен што системските бариери и предрасуди се надминати, бидејќи 60% од вработениот наставно-научен, научен и наставнички кадар – се жени. Радува фактот што кај асистентите 67% се жени, а кај доцентите 55% (67% кај предавачите), што значи овој тренд на родова еднаквост на УКЛО е загарантиран и ќе продолжи. На докторски студии добри 47% од студентите се жени. Пораката на ректорот Неделковски поентираше со заложба за натамошна грижа за родовата еднаквост и да им бидеме поддршка на жените во науката. Во дебата зеде учество и проректорката за студенски работи, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, како одличен пример за жена која својот дваесетгодишен академски ангажман го направила во техничките применети науки во делот на сообраќајот.
Проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ, ја изрази подготвеноста за поддршка на жените во науката и истакна дека одамна тој родов јаз, битолскиот УКЛО го има надминато и задоволството е огромно што податоците потврдуваат дека од овој аспект е подобро рангиран од земјите со најразвиена и демократска и научна традиција.
Во јавниот ангажман на жената (научниот, политичкиот) не е клучен натпреварот со мажот. Но, од друга страна, прашањата за економската независност на жената, нејзиниот напредок во животот и кариерата и уривањето на стереотипите се клучни моменти околу кои може да се концентрира женскиот активизам, што мора да се направи не во натпревар со мажите, туку заедно во партнерство со нив, истакна доц. д-р Анита Ангелевска која го модерираше настанот.
Единствено свесноста за прашањата на родовата еднаквост и еднаквите можности на жените и мажите го прави одржлив и подобар светот. Еднаквите права на жените и мажите се клучни за унапредување на мирот, одржливата демократија и економскиот развој. А, сето тоа носи и повеќе жени во науката.