„Да се осмелите, тоа е цената на напредокот.“ – Виктор Иго. Разбуди се и овој пат зборува за амбиција. За смелост за таргетирање на одредена цел и упорна борба околу освојување на таа мисија. Посебно се фокусираме кон приказна што се креира заедно со оние кои знаат што е успех. Оние кои ја будат свеста околу позитивниот исход и мисла. Како медиум што ја поддржува културата, образовниот систем и секако амбициозните идентитети на кои како општество треба да се гордееме, гласно поддржуваме иницијативи кои зборуваат за промени, за освојување врвови и смелост да се направи првиот чекор. Токму овие епитетите го опишуваат нашиот соговорник. Разговараме со Никола Пискачев, директор на ОOУ „Стив Наумов“ во Битола. Зборуваме за визија, упорност, амбиција... А кон што точно го фокусиравме нашиот разговор, прочитајте во редовите што следат.
Разбуди се: Кој е Никола Пискачев во деловниот аутфит како директор, а кој е надвор од него? Имаш ли посебен дрес код или костими кои мора да ги менуваш во зависност од приликите?
Никола Пискачев: Оние кои добро ме познаваат знаат дека јас сум истата личност без разлика дали носам костум, фармерки или спортски дрес. Сепак, колку и да ја менувам облеката не ја менувам енергијата што ја носам. Точно е дека облеката не го прави човекот. Но, сметам дека во деловниот свет треба да се има еден, во најмала рака кажано, достоинствен изглед. Искрено не ја следам многу модата 🙂 За мојот изглед се грижи мојата сопруга. Таа би рекол дека е далеку поинспиративна кога е облеката во прашање, а јас преферирам да носам облека која мене најдобро ми стои и во која се чувствувам најпријатно.
Разбуди се:Разбуди се не се занимава со политика. (Затоа далеку од тој аспект), што мислиш за Македонија? Будни ли сме? Кон што целиме и дали ќе постигнеме?
Никола Пискачев: Добро е што не се занимавате со политика, бидејќи политиката ја изгуби смислата. За мене политика е натпревар на идеи, знаења и донесување на правилни одлуки во точно време. Ако ја погледнеме Македонија и нејзината политичка сцена, веќе триесет години, со чест на исклучоци ние забележуваме многу лоши политички одлуки и многу погрешни и промашени избори на луѓе на раководни позиции. Наместо да разговараме за европска држава, пред очи ни заминуваат голем број на млади луѓе. Луѓе со енергетски импулс и со капацитет за промени. За жал, сè уште мислам дека спиеме… Дека е време за последниот воз, кој веќе заминува, да не разбуди и да смогнеме сили заедно да се качиме на него и со оваа наша генерација конечно да направиме промени на подобро за сите нас, за нашата татковина.
Разбуди се: Што му треба на Битола и битолчани според тебе? Доволно ли ни е или треба уште повеќе?
Никола Пискачев: На градот Битола му треба само луѓе со искрена насмевка. Од град на конзулите, клавирите и регионален центар ние стигнавме на ниво да не ја препознаваме нашата Битола. Станавме робови на секакви поделби. На критики, осуди па дури и ширење на омраза… Отсуство на емпатија и некако како да го испуштивме градот низ раце, а за тоа сме сите виновни. Просторот на креативни и искрени идеи некако замре. Остана во голем дел од луѓето злоба, завист неискрени пријателства и лажни насмевки. Здравата заедница се гради преку соработка и взаeмно поддржување. Кога ќе го промениме тоа и кога ќе им дадеме поддршка на проекти и личности кои знаат како да се развива овој град тогаш Битола ќе биде онаа старата како што е опеана во сите песни.
Разбуди се: Како педагог, што мислиш околу образованието денес? Грешиме ли некаде како родители, ученици…? А грешат ли можеби и оние кои ја имаат титулата учител (што според нас е една од најтешките професии)? Ако би се споредиле со воспитно образовниот систем во развиените земји каде сме ние?
Никола Пискачев: Критериумите за успешност во родителството се многу повисоки и променети. Западот ни постави високи граници за тоа што значи да си успешен на сите полиња. Ја изгубивме спонтаноста и интуитивното постапување на родител кон своето дете. Родителската самодоверба е сè пониска. Можеби ја изгубивме здравата хиерархија помеѓу родителите и децата. Постојат тон универзални правила за родителство кои родителите се трудат да ги применуваат.
Децата како семејни членови најчесто имаат многу права, а малку одговорности. Децата скоро и не излегуваат на улица, во природа. Сведоци сме на деца кои се сè помалку одговорни за своите постапки, млитави кон придржување до правила, незадоволни од себе, со ниска самопочит и слаби социјални вештини. Деца кои полека, но сигурно се оддалечуваат од природата, спортот растат во четири ѕида, пред разнобојни, светкави екрани… Да бидеме реални, детето кога ќе се роди не тргнува веднаш на училиште, туку расте со своите родители. Со самото тоа, детето основните делови од воспитувањето ги стекнува дома. Децата се угледуваат на родителите, учат од нив и верувам дека секој учител во детето ги гледа неговите родители.
Задача на учителот е првенствено да образува и да го надгради воспитувањето кое детето ќе го донесе од дома. Образованието е постојан процес на развивање и подобрување. За да се постигне успешно образование, потребна е соработка меѓу родителите, учениците и образовните институции. Исто така, е важно да се признае и поддржи учителската професија како една од најважните и влијателни во општеството. Во споредба со воспитно-образовниот систем во развиените земји, важно е да се разгледаат успешни модели и методи што може да се адаптираат на македонските услови. Воспитно-образовниот систем е динамичен и треба постојано да се приспособува на менувањата во општеството и технологијата.
Се соочуваме со предизвици, но и со можност за подобрување. Со заеднички напори и посветеност кон образованието, можеме да го збогатиме и подобриме образовниот систем и да создадеме подобро училишно искуство за нашите деца. Сите заедно родителите, наставниците, старателите, бабите и дедовците кои сме посветени на децата, мораме да работиме заедно и да преземеме одговорност за нивната иднина.
Разбуди се:Освен титулата директор на основно училиште, ти си и капитен на познат фудбалси клуб. Мораме да те прашаме и за фудбалскиот клуб ФК Јени Маале. Искрено се восхитуваме на вашата енергија. Јени Маале е повеќе од клуб. Пред сѐ е пријателство кое успевате да го негувате и одново да го преродите. Меѓу другото, кренавте прашина и во медиумскиот свет, па многу спортски магазини ве позиционираат како пример на кој треба да се огледуваат професионални клубови. Што значи да бидеш дел од оваа приказна и капитен на оваа екипа?
Никола Пискачев:ФК Јени Маале е љубовна приказна која ја пишуваме веќе 15 години. Место каде што се создава и живее љубовта кон фудбалот, место каде срцето чука и бие во согласност со духот на заедништвото. ФК Јени Маале е многу повеќе од обичен спортски клуб, туку семејство со заедничка страст кон фудбалот. Нашиот клуб е симбол на искрена и чиста љубов кон фудбалот, другарство без граници, тим за кој сите дишеме како еден, заедно плачеме на поразите и заедно им се радуваме на победите и сите заедно веруваме во спортскиот ферплеј, а другарството е тоа што не прави поразлични од другите клубови.
Како капитен на ФК Јени Маале, но морам претходно да додам, оваа титула која сум ја добил во животот ми е една од најдрагите, истовремено е предизвик и привилегија, страст и посветеност. Како лидер на тимот сносам одговорност за мотивација и инспирација на играчите, динамиката на играта и секако резултатите на теренот и успехот на екипата.
Разбуди се: Амбициозен си, упорен, секогаш позитивен и знаеш да не мотивираш. Од она што те познаваме, знаеме дека до сега сѐ што си наумил, си исполнил. Кој е рецептот? Премногу труд, визија, јасен план…Или можеби доволно е само да веруваш?
Никола: Во животот отсекогаш ме водела мислата дека не постои невозможна мисија или недостижна цел, туку само треба да се пронајде вистинскиот пат за нивно постигнување. Многумина ме познаваат како човек кој во секоја прилика сака да ги мотивира луѓето околу себе. Јас верувам дека и најневеројатните и најнеоставарливите цели може да претставуваат дополнителен мотив. Колку е поголем предизвикот, толку за мене претставува поголема движечка сила. Во животот ништо не ми било, како што се вели – „сервирано на тацна“. За секој успех сум морал сам да се изборам, при што имало и многу неуспешни обиди. Во мојот досегашен пат до успехот сум почнал од најниското скалило и при тоа сум се качувал постепено, во ниту еден момент не заборавајќи дека можам да се вратам назад.
Мојата досегашна животна приказна е исполнета со многу искушенија, па дури понекогаш и тешки моменти проследени со предизвици на кои никој не би им позавидел. Тие искушенија можеле да ме натераат да го изберам полесниот т.е погрешниот пат, но јас секогаш сум го избирал оној вистинскиот, иако тој секогаш без исклучок бил потешкиот. На искушенијата сум гледал како на предизвици чие што совладување ќе ми помогне да остварам некоја своја цел или да постигнам нешто повеќе. Истовремено, ваквите мои карактерни особини ми овозможиле да воспоставам и одржувам квалитетни релации со многу луѓе, да заслужам кредибилитет за себе, да изградам трајни пријателски односи, да создадам среќно функционално семејство, и да реализирам мошне успешна кариера.
Разбуди се: Што ќе се случи понатаму? Се задоволи ли твојот апетит или (верувам) стремиш уште кон поголеми цели? Дали е доцна и кога е доцна?
Никола: Никогаш не застанувам и секогаш се стремам да чекорам напред. Не сум човек кој се чувствува добро во комфорна зона, сакам нови битки, нови победи не се задоволувам со еден добиен натпревар. Сакам да освојувам нови врвови, и при тоа сум свесен дека да освоиш врв не е толку тешко, но да се задржиш на него подолго време е најтешко. Предизвиците се секогаш она што ме прават да бидам упорен, енергичен и истраен во реализизација на моите планови. Најголемата и најтешката улога во оваа фаза од животот ми е синот Војдан. А, во моментов сум насочен кон остварување на визијата на основното училиштето ,,Стив Наумов”, создавање на европско училиште со одлична инфраструктура и спортска сала, која е повеќе од потребна. Доколу веруваме во себе, во нашата енергија и идеи никогаш не е доцна да го оствариме она што го посакуваме.А за следните планови…😀