Интервју со Агим Џело – Забот – Креаторот на Металманија, најдолгата емисија на македонскиот етер

Металманија емисија

Автентичен, емпатичен, упорен и секогаш позитивен. Човек со изграден стил и неуморна енергија што знае да ти рече: „Можеш!“ …И како што се вели, секогаш има едно „ама“. Неговото „АМА“ или неговото „НО“, секогаш значат дека ќе биде подобро, дека сепак има уметност во Битола. Има алтернативна сцена, има инспиративни луѓе и талентирани млади. Дека има надеж и дека не се откажуваме. Човек кој навистина ја сака оваа наша конзулска Битола и неуморно се труди да го врати нејзиниот изглед. Неговото „НО“ значи дека ќе не биде, ако сакаме, работиме и веруваме. Човек кој ги поддржува младите таленти и оние кои креираат една будна приказна како нашата. Разговараме со Агим Џело – Забот, имено креаторот на Металманија, најдолгата сеуште актуелна емисија во македонскиот етер. А што си поправивме муабет, прочитајте во редовите што следат. Муабетот си го „тераме“ на битолски, со кафе и се разбира малку позадинско рокче. Разбуди се: Кој е Агим Џело? Од кај иди „Забот“?

Агим: Кај е Агим Џело? Да, полесно би било Забот од мојата емисија, Металманија… Бар така ме препознаваат во Битола. А надвор од Битола, Агим од Металманија. Роден во Битола, моментално тука фриленсер, а за потаму кој знае што ќе биде.

Разбуди се: Која е твојата приказна? Како Агим стана дел од медиумскиот свет? Желба или случајност?

Агим: Случајно далечната 1996та година, стапив во контакт со Тозо, газдата на Орбис телевизија. Ја предложив емисијата „Металманија“, тогашна HM TOP 5 листа. Ја прифати без приговор и она шо е интересно е дека тој период, на почетокот емисијата се емитуваше во живо. Беше дури и контактна. За чудо, огромен број на гледачи се јавуваа во живо… И нели тој период беа актуелни цедињата, па доделуваме оригинални. Така, од 1996 година, со година две паузи, емисија та „Металманија“ е дел од медиумскиот простор во нашата држава. Во Јануари 2005та продолжив со емисијата на Тера телевизија… Е со тој себап и Агим го има во медиумскиот свет. Покрај емисијата:)

Она што сакам и морам од нагласам е дека покрај мојата емисија „Металманија“, јас сум сум автор на неколку документарни емисии, поврзани со алтернативната сцена. Тоа се: ,,Антологија на рок музиката во Битола”, ,,За битолската рок сцена“ „Битолските кафичи низ времето“ и други. Сите овие видеа ги има на „You tube“. Своевремено кога ја „терав“ емисијата на телевизија, почнав да работам фриленсерски, она шо го работам до ден денес.

…Често снимам концерти, културни настани. Еден период работев за екипа на Авалон продукција, каде што ги снимав настаните кои тие ги организираат, за нивна архива. Исто така сум автор на еден интересен проект, кој не е поврзан со музиката, а тоа е Исхак Челеби Џамија и Хајдар кади Џамија – историски верски објект. Проект кој се реалзиира во Јули оваа година со поддршка од министерството за култура во соработка со екипа која ја одбрав и имавме одлична изложба. Но, работам и на доста други проекти. Нормално како фриленсер, имам слободно време, а кога ќе се вработам со полно работно време („некогаш“), можи и ќе легнам на брашното. Дотогаш ќе јуришам вака колку шо можам.

Разбуди се: Тука или странство?

Агим: Прашањето е дали Ќе ОСТАНАМ тука или странсво. Јас често правам излети, забегвам наваму натаму… Но, кај и да одам, после пак си се враќам тука. Нема поубо од тука, колку и да ни е очајна државата. Корените ни се сепак оттука.

Разбуди се: Следиш бројни фестивали, меѓу кои и познатите брендови како ЕXIT? Како е да си дел од нив? Шо пропуштаме, а ако тој е заклучокот, дали динамиката на времето во кое живееме, не ни дозволува да посетуваме вакви фестивали или во прашање е некоја извесна „конзервативност“?

Агим: Да, често сум присутен на огромни фестивали и концерти. Токму еден од нив е незаменливиот EXIT. Го посетувам фестивалот од 2005 година, со две прескокнувања од оправдани причини.

И не е само ЕXIT. Сум имал можност да сум дел од Belgrad calling, Sziget во Будимпешта. A сум бил и на многу други концерти како кај нас, така и во нашето соседство. Сум гледал настапи на познати бендови. Имав можност да бидам присутен на Iron Maiden до 7 пати, Metalicа – 3 пати, Deep Purple 4, 5 пати, Whitesnake исто така 4, 5 пати, и да не набројувам, за да не испадни дека се фалам:) Освен тука, не ја пропуштив приликата да ги гледам Ozzy Ozborne, Cradle of Filth, Obituary и други бендови кога сум ја посетувал Австралија.

Ние како држава, кaко град, можеме само да сонуваме фестивал од типот на EXIT. Секоја чест на луѓето кои шо ги организират настаните како Ohrid Calling, Скопје гори, Таксират, Д фестивал и слично.
Значи навистина кај нас се трудат од петни жили да направат нешто и тоа е за огромна почит, затоа што тука е тешко да се организира фестивал. А шо пропуштаме, па зар има поубо чувство да си на концерти… Или на фестивал и на сцена да гледаш бандови кои ти се идоли од детството. Ако го пропуштаме тоа, пропуштаме незаменливи моменти. Пропуштаме културно да се издигнеме. Пропуштаме спомени кои ќе се паметат за цел живот.

Разбуди се: Што е уметност? Каде е градот на конзулите? Според твоите статуси на фејсбук, забележуваме дека си некако носталгичен. Што се случува со музичката сцена во конзулска Битола? Колку се поддржува културата? Порано и сега?

Агим: Знаете, навистина сум носталгичен. Јас како дете паметам кога на ракометно се случуваа настани какви што нема денес кај нас. Нема ни од далеку… Зборувам за алтернативната сцена…А тие другите кои си тераат концерти со српска музика, тие немаат мака, си тераат, ништо не ги запира. Жално е шо во Битола се сведи на тоа да се радуваме на свирки по кафичи, со бендови кои колку и да се добри за жал, не можат да дојдат до израз пред поголем број на публика. Шо се случи, каде ја снема таа публика која беше дел од тие концертни настани, навистина не знам.

Но, со замрување на неколку кафичи од пред 15-20 години, ја снема и таа undergorund сцена. Со згаснување на Visage, Madera, Fluxus, Fleka, 2m и други кафичи од тоа време, ја снема таа генерација како публика на таков вид концерти. Добро што денес ги имаме „Везилка“ кои ете прават колку толку настани каде што има рок музика. За жал „Бар Чаршија“ згасна, но сепак има кафичи кои се трудат да го одржат во живот она што се нарекува алтернативна сцена.

Но, да се надеваме дека сепак има надеж дека младите ќе го вратат сјајот. И добро е шо сепак одредени бендови, концерти и фестивали добиваат поддршка од одредени институции. Инаку без поддршка од надлежните институции тешко дека ќе имаме концертни настани.

Разбуди се: Како што кажа, „Металманија“ е една од емсиите, можеби и единствена емисија, која најповеќе се задржа низ етерот со години. Што се случува сега со оваа успешна автентична идеја?

Металманија емисија

Агим: Како што кажав, Металманија е емисија која во македонскиот етер е над 25 години со краткотрајни прекини, а на задоволство на многумина сеуште постои и се емитува на Тера ТВ од 2004 година, а пред тоа од 1996 до 2004 година на ТВ Орбис. Емисијата се емитува секоја недела во 19:30 часот на Тера ТВ.

Целта е да се промовира македонската алтернативна сцена. Драго ми е што голем број бендови својот почеток го имаа баш тука. Со интрвјуа, со промовирање на нивните видео спотови, кои другите телевизии не ги емитуваат. Мило ми е шо низ емисијата поминаа, многу многу македонски рок групи од цела држава. До денес, една третина од емисијата е посветена на македонската алтернативна сцена, на фестивалите што се случуваат кај нас.

Како дел од меидумскиот свет, сум имал можност да снимам интервјуа со членовите на Apocalyptica, Kreator, Moonspel, Amorphis и уште многу многу други. Но, исто така сум имал и можност да се дружам со голем број бендови, но нивниот менаџмент не дозволувал снимање интервјуа.

Сега емисијата нема спонзори, но отсекогаш е така, затоа што во Битола тешко дека ќе најдиш спонзори да се рекламират или да поддржат ваков вид емисија. Секоја чест на одреден број луѓе кои кога можеле ете ќе клаеа една рака, шо би рекле ние Битолчани, за да помогнат колку можат. Но, тоа се месеци кои се бројат на една рака во споредба со тоа што емисијата опстојува повеќе од две и пол децении. Сепак, љубовта кон рок музиката е поголема од било шо друго и затоа, заради кеф продолжувам со реализација на Металманија. Секако, мрам да бидам благодарен на Tera Телевизија, за отстапениот простор. Воедно, морам да напоменам дека има периоди кога емисита се слуша низ цела Македонија на повеќе локални ТВ станици.

Разбуди се: Будни ли сме? Дали тука постои клима за одредени стилови? Колку можеме да бидеме свои?

Агим: Будни за будни сме но дали реагираме, дали функционираме, дали делуваме е прашање. Можеме да бидеме свои само со работа. Битола беше препознатлива по тоа. По различни стилви, уметност. Битолчани беа свои. Замисли, ги имавме Grom, Bt top, ги имавме Homo Sapiens, Cokance, Orion кои беа пионери на death metal музиката на Балканот, не само кај нас. Тоа беа бендови без кои не можеше да се замисли некој поголем анстан во Скопје, не пак во Битола. Тоа беа бендови, кои беа почитувани како кај нас, така и во соседните држави.

Со снимањето на документарниот филм „Аантологија на битолската рок музика“, јас имав можност да разговарам и да снимам интервју со дел од членовите на тие групи и во нивните изјави и тие се чудат што се случува во Битола денес. Еден алтернативен бенд треба да чека да се случи битолско кутурно лето или сличен настан на зима за да се појави и да сними на една нормална бина или сцена. Инаку, сите останати, свирки им се сведуваат на свирки по кафичи. Не дека не се квалитетни. Имаме одлични млади групи кои се трудат, свират, но не можат да дојдат до израз. Сепак, би поентирал дека сеуште колку толку има публика за такви настани. Има групи кои ја одржуваат битолската сцена во живот, а тие секогаш ќе ја имаат и поддршката и ќе имаат свој медиумски простор во емисија „Металманија“.