Без претерувања, наклон до земја за одиграната претстава на Марјан Георгиевски „Железно небо“ која овој месец повторно беше дел од репертоарот на Народен театар Битола. Брилијантен спектакл кој еден исклучително талентиран актер сам на сцена одигра милион ликови. Марјан внесе арома на суптилна сатира (или можеби нагласена), урнебесна смеа која од друга страна тензично со возбудлива напнатост, не носеше низ моменти каде претпоставувавме дека можеби сѐ трагично ќе заврши.
Сепак… Да ве воведиме во сето она што понатаму како публика го заклучивме. Накратко еве ја приказната. „Сопругата на Борис (Марјан Георгиевски) го изневерува. Заедно имаат ќеркичка, кредити над глава, неплатени сметки. Уште во воведниот контекстот, јасно е каде е позиционирано дејствието, каде живеат.(Или преадаптирано). За жал, немаме потреба од „име“. Епитетите опишуваат и дискутираат. Борис не успеал како писател и сега работи маркетинг за некоја компанија (од денешниве холдинзи на квази „газди“).
Разочаран од неверството на својата сопруга, Борис не знае што да прави. Во меѓувреме случајно присуствува на грабеж на банка, каде „сосема случајно“ го погодува со пиштол криминалецот. Полицијата е задоволна од него, криминалецот е во затвор, Борис е главна „фаца“ по весници! Банката е преблагодарна за неговиот јуначки подвиг и му врачува награда за паметење: КАЛЕНДАР! Но, криминалецот има татко и тука од љубовна приказна, се преминува во тензичен трилер…“ Баш како за кај нас! Започнува приказната на Калимеро!
Не откриваме ништо понатаму за приказната, но еве како ние како публика со една скромна рецензија ја доживеавме и оваа претстава на Марјан Георгиевски.
Приказната за еден човек кој во безизлезна ситуација кога се соочува со аферата на неговата сопруга, очигледно беше фантастичен предизвик за актерот. Атрактивната поставеност на сцена беше во совршен микс со визуелното, крикот на музиката, театарот и филмот во едно. На сцената видовме и почувствувавме сериозен презент на апсурдниот хумор кој всушност го претставува цело наше општество.
Бум и ролеркостер од емотивни реакции, возбуда во секоја една минутка, со секоја реплика и одиграна сцена. Екипата направила совршен проект. Театар со чие времетраење од час и половина, успеа да не остави без здив. Никој не се помести од седиште, никој не ни помисли да ја напушти салата. Георгиевски успешно се справи со повеќе ликови. Сите различни, со различни апетити, различна историја, интелигенција. Изгради карактери кои дефилираа на сцена и имавме чувство како да се „соочуваме“ со голема актерска екипа. Со голем ансамбл, а не еден човек. Суров реализам, кој брутално владееше со страсна доминантност за да се прикаже хаосот, општествената деморализација, дисфункционалност и крахираниот систем. „Катастрофа“ од емоции! Се разбира, во позитивна смисла, што зборува дека актерот ја постигна таргетираната цел. Сериозен проект кој ги запази клучните моменти и ги потенцира главните точки на животов: Соништа, распад, борба! (Барем според нас)
„Никогаш не сум ја изневерил. Бракот го сфатив како покер, добиваш и завршува се. Твоја е! Зошто ме изневери?“ – ќе рече актерот во една реплика што ние всушност ја прераскажуваме.
И секогаш спектакуларното прашање „зошто“? Се разбира реторика која во секој од нас владее. Зошто животов е ваков, што направивме, каде сега ќе одам, со кои луѓе се соочувам? Колегиве се лицемерни, ќе не „решат“ ли инфарктните кредити? Дали земјава во која сонував дека ќе станам нешто, ми стана најголем непријател?! Некако и постојаната тага ескалираше се до моментот кога сфативме (и сфаќаме) дека животот е предизвик. Не смееш да се откажеш и во тој момент кога ти ги одбројуваат часовите, минутите, секундите. Ништо не значи тоа тик-так, ако знаеш да се бориш, да се исправиш и да продолжиш.
Користејќи повеќе алатки кои ги зближува театарот и филмот, Марјан Георгиевски, заедно со Александар Димовски, создадоа вистински театарски моноспектакл што финишира во врвна претстава.
Мешавината од наивност и борба на ликот со конфузијата на мислите и ова „катаклизмично“ време и простор кој секој ден ни оживува на вести. Георгивски покажа како човек често се наоѓа во малерозни ситуации. Со нагласена сатирика и звучните ефекти знаеа точно во кој момент да бидат гласни или тивки, (што за мене лично е релевантен момент кој е рамо до рамо со текстот). Исто толку важно беше и осветлувањето, кое дури ја играше улогата на лик во цела ситуација. Како да почувствувавме каков би би бил животот претставен низ светлосни ефекти. Кога е тажно, е мрачно. Кога е добро, е светло или… барем посветло. Елегантно и едноставно поставување на елементи, кои беа во апсолутен сооднос со целиот материјал кој на ликовите на актерот му беше потребен. А како актерот се снаоѓаше со реквизитот и како го „возеше“ мизансценот? Уште еднаш…Брилијантно!
Ликот кој го толкуваше Маријан Георгиевски, ги украде нашите симпатии. И што да кажеме друго… Всушност се гледаше на крајот дали претставата беше убава или не! Железно небо финишира со громогласен аплауз.
П.С. Кафето не ви бега, одете на театар! Не знаете што пропуштате! Тик -так!
Пишува: Елена Трпковска Наумовски