Грациозно и навидум ноншалантно, како дрзок џентлмен со префинет хумор, животот знае да не сопне. Патем ќе ни намигне и ќе не остави со прашалници кои велат:,,Зошто баш сега?!”
Совршениот текст од Флоријан Зелер, во режија на Благој Мицевски,, Мајка” на актерската екипа ѝ понуди можност за врвна реализација на замислените карактери, претставувајќи автентичен крах на едно современо семејство.
Понекогаш невозможното е возможно само во неможност за пристап на токму тоа зло што може деструктивно да ни го изгризе умот, да ни го распара срцето и како гнилеж да заживее во душата. Токму и тоа се случува во оваа нова театарска сензација каде ликот на жената го ,,обременува” хаосот во услови кога човек всушност постигнува сè или во услови кога тоа сè станува осаменост.
И што сега? Што кога сме го направиле тоа?! Живот, семејство, деца… Рутината, хаосот, парите, современиов свет, бескрајната потрага по некој софистициран „баук“, потребата за забава, скап пијалок, секс, работа, пауза, богатство, љубов, тага, осаменост. Но, како што велат: ,,Нормалното е илузија. Она што е нормално за пајакот, за мувата е лудост.”
Апро по, освен извонредната актерска екипа: Петар Горко, Марија Стефановска и Антонио Китановски, актерката Соња Михајлова која навистина брилираше во главната улога, улогата на мајката, ни ја долови токму таа стега, јаз помеѓу одминатиот живот и нормалното наспроти имагинацијата (во случајов претставена спротивно од нејзиниот примат и значење), како ненормалност, лудост и халуцинација.
Во тотален париски шик, на баш тој француски ладен и елегантен начин, оваа жена се појави на сцената запознавајќи ја како ноншалантна, одважна, пуши цигари, пие скапо вино, носи високи потпетици и цел тој куп епитети што го знаеме за тој дамски кодекс како непишано правило на овие жени. Но, полека и шармантно, а и не толку ,,француски”, студот се разлева на подиум и гледаме една жена, која да бидеме фер, има ,,легитимни” поплаки кон сопругот како маргилизирана личност без цел:,, Останав внатре. Не направив ништо. Чекав.“ – вели таа наговестувајќи ја понатамошната мачнина што ве идентификува со ликовите.
Мајката скоро и да го губи својот идентитет преку комулативни (насобрани) загуби, а штом велиме загуби, помислуваме на предавствата на нејзиниот сопруг, повлекувањето на нејзиниот син и на крајот, губењето на нејзиниот сопствен разум.
Но, она што нам не натера да се запрашаме е од што се добива таа злокобна имагинација? Каде и како ескалираат соништата?! Убаво е да се сака, убаво е да се љуби, но која е границата и на љубовта? Љубовта на една дама кон себе си, љубовта на една сопруга, љубовта на една мајка кон чедото? А и обратно. На сопругот кон жената, на синот кон мајката. Кој е почетокот и кој е крајот?!
До каде треба да се сака и од каде треба да се пушти?!
Што кога љубовта станува притисок, гушење, опсесија, клаустофобија, пакост, клевети и злобни мисли кои е тешко човек да поверува дека всушност произлегле од најнежното нешто на овој свет. Од љубовта.
Осаменоста знае да биде себична и наметната! И до каде треба да се сака за да не се премине во лудост?!
Низ примамливиот ритам на дијалозите, не знаевме дали е тоа игра на умот или игра на реалноста. Која е вистината? Дали станува збор за комплетни халуцинации или во прашање е сечиј аспект за иста ситуација? Всушност, токму тука се крие брилијантноста на приказната која ни ја доловија актерите. Конфузноста која низ чадот од тутунот се ширеше низ салата и соживувањето со цела таа парадоксалност, стануваше сèпореално.
Гледајќи ја оваа претстава, како перцепиенти за момент ќе ви дојде да се штипнете и да сфатите дека не е вашето седиште она место над кое овој човек од публика можеби халуцинира. Тоа се случува во ,,длабината” на поставената сцена, но и тоа? Се случува ли? И колку време трае? А трае ли? Во која сцена е реалноста и каде е разумот? А има ли разум воопшто?
Сепак на крај сè завршува во прегратките на единствениот пиедестал на тагата, нејзиното височество: Осаменоста.
,,Чувствувам една огромна празнина! ” – Вели мајката, за на крај да кулминира во монолог кој ќе ви ги насолзи очите: ,, МАЈКАТА: А нам ни останува само споменот на оние утра кога станувавме толку рано за да им направиме појадок. Да. Лепчиња со путер и млеко. А потоа одевме на училиште. Чекоревме по утринските улици,еден до друг, и ја носевме малата ученичка чанта за да не се изморат премногу. Малите принцови. А пред училиште тие не гушкаа со толку доверба. Со толку нежност. Потоа исчезнуваа во училишниот двор, со другите синови кои исто така еден ден ќе ги заборават своите мајки за да си го живееат својот живот!”
Останува да одите и да ја проследите претставата за која мораме да финишираме со голем аплауз и задоволство дека сме погледнале нешто ново и поинакво, нешто светско, со париски шмек над нашите штици што живот значат.
Автор: Елена Наумовски