Луѓето не се грав, па ќе ги истребиме лошите зрна, и сѐ ќе биде чисто

Луѓето

„Луѓето не се грав, па ќе ги истребиме лошите зрна, и се ќе биде чисто“ – Колумна на Клаудија Лутовска

Генерализирањето на особеноста добар и лош, не е апсолутна вистина. Некогаш и добриот има лош ден, а некогаш и лошиот има добра вибрација. Не постои апсолутна точност за добар и лош. Теориите за позитивна енергија, најчесто не даваат големи резултати Луѓето не се грав од кој лошите ќе ги отстраниме, и ќе биде добро. Тогаш дали со себе изградување со сопствен инженеринг можеме да ги контролираме ситуациите? Се наоѓа ли сила и духовна освестеност, да се справиме и со лошите ситуации и нарави?

Често слушаме критики и жалби од типот: „Не можам да го/ја поднесам, не можам да го трпам, неверојатно е лош/а. Подобро би било да го нема“. Од друга страна, сакам да го споменам и Стокхолмскиот синдром кога поединецот станува зависен од емоциите кои му се предизвикани со тортура и мачење. Сето ова не носи во една насока на размислување. Можно ли е да се пронајде средина на мир, или тој сопствен мир треба самите да си го создадеме, но се поставува прашањето „како“?

Има доста луѓе кои се изолираат и живеат со домашни миленичиња. Едвам ќе каже добар ден на комшијата, и животот му е општествено изолиран, мачките или кучето се негов / нејзин свет, и секој ден е исполнет со миленичето. Но, потребата за комуникација им останала, тие разговараат- односно еднонасочно комуницираат со миленичето. Нивна девиза станува:

„Не можам да ги поднесам луѓето“.  Дали ваквата изолација ги прави среќни?

Најголемиот проблем кој ни создава главоболки се очекувањата, кога очекуваме другиот да реагира. Да даде и да реализира според нашите очекувања, и најлесно е да го осудиме тој друг човек кој не одговорил на нашите очекувања.

Ваквите луѓе немаат самокритичност. Нивното разочарување е насочено кон другиот. Не согледувајќи дека разочарувањето не е дека другиот не одговорил. Туку дека ние сме поставиле очекувања за кои можеби другата страна и нема никакво сознание. Ваквиот напад носи до агресија, неуротичност, расправии со нарушување на семејните односи и губење на дел од врските. Каде е во овие релации човечкото… Божественото, каде е емпатијата, љубовта, довербата… Каде е тука нашата големина да се разбереме, да воспоставиме сопствена удобна средина? Оној кој ја посакува таа удобност, има ли право да ја очекува од другиот, а тој самиот да не придонесе за истата?

Многу теории, многу емоционални мотиватори, ќе речат да ги отстраните токсичните луѓе. Добро, ајде да видиме кои се тие? За да знаете дека се токсични- лоши, тоа треба да го видите и да донесете таков заклучок. А ако го гледате лошото во луѓето, тоа значи дека не го гледате доброто, никогаш не е се црно или се бело. Кога почнувате да ги гледате лошите страни, тие стануваат видливи… И ќе се случи сите кои ги познавате да ги осудите и да ги отстраните од ваше опкружување. Што тогаш? Дали е вистина дека се сите лоши? Да или Не? Ете тоа е лавиринтот на умот, заверата на мислите кои ќе се рефлектираат така како што ќе го насочите умот.

Ако направите еден мал напредок да почнете да ја гледате добрата страна кај истите луѓе, да помислите на оправдување за постапките на истиот, цела таа група на луѓе кои сте посакале да ги отстраните, станува симпатична и посакувате да ги дружите. Единственото нешто што се променило, се вашите прифаќања и не прифаќања, тогаш станувате позитивни, се враќа желбата за комуникација и соработка, и вашиот личен напредок станува видлив и резултира со општ напредок.

Тогаш, како да го изградиме гардот кон токсичниот дел на луѓето, а да го воспоставиме инжениронгот на привлекување на нивната добра страна? Со себе контрола, себе дисциплина, сопствена животна енергија со страст за живеење, со простување, разбирање, благодарност и љубов, се е можно, вие ќе ја обоите средината во вашата боја. Колку е поголем вашиот раст во освестувањето, толку вам ви е подобро.

Во една врска мајка-син, синот во еден момент стана многу нервозен, задоцни во многу работи, се почуствува не реализирано и почна да го расипува односот со мајката, неговото нетрпение, не сакајќи да биде критикуван, направи тој да е гневен и постојано да ја обвинува мајка си, се со цел да се блокираат нејзините критики. Синот започна карактер, кој со напад ги блокира реалните очекувани напади кон себе.

Мајката одлучи да молчи, да почека „да стивне бурата“ во мислите на синот, и тоа траеше неколку години. Таа не го отстрани нејзиното присуство, таа не посака да се раздели од синот, едноставно остана во негова близина, но тивко. Таквата контрола на себе си и ситуацијата, која мајката ја воспостави, придонесе нивниот однос да се сочува, не дозволи да премине во болен однос, едноставно го остави синот, полека со тек на време, да се пронајде и да се состави. По некој период кога синот застана цврсто со возраста на свои нозе, односот со мајката се поправи.

Нејзината љубов и свесност не дозволија расправиите да ги разделат. Семејството се одржа.

Братот и сестрата во друго семејство го нарушија својот однос, при поделба на имот, најчеста причина за разминување на семејствата, во овој случај секој лош збор кој си го кажаа го вреднуваа како забивање на нож, нивните зборови го испресекоа нивното сакање, и врската се раскина. Тие се пропуштија, а лутината и гневот, незадоволството и неразбирањето оставија голем гнев и омраза еден спроти друг.

Ниту едниот од нив ја немаше свесноста да ја одржи врската, едноставно се сосекоа и откажаа еден од друг, но таа врска не застана, едноставно продолжи во негативен правец. Нивните деца, кои се најблиски роднини, се збунети и незнаат како да воспостават релација едни со други, болната комуникација и несвесниот чин да се раскине една ваква врска, донесоа бројни проблеми. И во овој случај очекувањата од двете страни ги нарушија сосема односите на братот и сестрата, односно лутината и гневот се поттикнати од очекувањата од другиот и сопственото не разбирање на себе си.

Истото го правиме и во општеството, судиме според нашите искуства и според личните очекувања каков треба да биде оној другиот. Најчесто на тој начин ги воспоставуваме релациите. Која страна сме научиле да ја гледаме кај луѓето по таа страна носиме заклучоци.

По изреката „не си бил во моите чевли“, кога се расте во освестувањето полесно се пребродуваат, надминуваат работите кога ќе се обидеме да влеземе во кожата, во ликот на оној на кого му судиме, можеби ако се замислиме на негово место и ќе го разбереме. Зошто не пробаме да го направиме тој чекор пред да донесеме заклучок, или одлука да ја прекинеме таа врска со луѓето.

Често среќаваме една изрека „опкружи се со добри луѓе“. Кои се тие? Знаеме ли да се опкружиме со добри луѓе? За да ни биде полесно, да ги препознаеме добрите луѓе, нели треба да ги познаваме таквите добри особини. Ако ние стануваме добри луѓе, која цена ја плаќаме на патот да станеме добри? Верувам ќе се согласите дека добрите луѓе се оние освестените кои научиле да прифаќаат, кои воспоставиле сопствен внатрешен инженеринг на себе прифаќање, и потоа го имаат оној однос на високо разбирање на луѓето и ситуациите и знаат да се носат низ времето.

Кога нашата свесност расте ние создаваме „противотров“ за токсичноста на другите, и во тој наш раст веќе нема лоши луѓе.