ЉУБОВТА ПО „SEEN“: КАКО ДИГИТАЛНАТА ЕРА ЈА РЕДЕФИНИРА БЛИСКОСТА

Во Битола, Свесност Live Sessions #5 отвори разговор за новата емоционална реалност, каде комуникацијата е постојана, а поврзаноста сè понеизвесна. А што се случува и со љубовта?

Во време кога комуникацијата никогаш не била полесна, односите никогаш не биле покомплицирани. Петтото издание на Свесност Live Sessions, со наслов „Љубов на seen“, не се обиде да понуди одговори. Наместо тоа, отвори простор за нешто што ретко се случува кај нас. А тоа е искрен, неуреден разговор за тоа што всушност ни се случува кога љубовта се пресели на екраните.

Настанот, кој се одвива во интимниот амбиент на Училница, ги собра различните генерации околу една тема што повеќе не може да се игнорира:

Дали сме повеќе поврзани од кога било или само подобро симулираме поврзаност?

Изборот на темата не е случаен.
Тој доаѓа директно од Gen Z генерацијата. Генерација која не го памети светот без интернет, но многу добро го препознава чувството на емоционална дистанца.

Парадоксот е јасен. Имаме повеќе начини да комуницираме од кога било. Но сè потешко ни е да кажеме нешто вистинско,“ вели Рената Димановска, психотерапевт и модератор на настанот. „Луѓето не бегаат од љубовта. Бегаат од ранливоста што ја бара.“

Во разговорот се отворија теми што досега постоеја како дигитален сленг… Но, сè повеќе се препознаваат како реални емоционални состојби: ghosting, breadcrumbing, situationships.

Горјан Атанасов, претставник на Gen Z перспективата, ја постави темата директно:
„Не мислам дека сме помалку заинтересирани за љубов. Мислам дека сме повеќе свесни колку може да боли. И затоа играме на сигурно, остануваме во нешто што не е дефинирано.“

Наталија Маневска како миленијалец го отвори прашањето за перформативноста на односите:
„Денес не само што живееме односи, туку и ги режираме. Понекогаш повеќе сме фокусирани како изгледа врската, отколку како реално се чувствуваме во неа.“

Од друга страна, Мими Марковски кој живее преку дигиталните медиуми како инфлуенсер и автор на поткастот “Мими со Југото”, зборуваше за технологијата како медиум, но и како филтер:

Алгоритмите не ни ја одземаат способноста за љубов. Но ни ја менуваат перцепцијата за избор. И кога мислиш дека имаш бескрајни опции, тешко е да се задржиш на една.

Она што ја прави оваа тема особено актуелна е фактот што повеќе не се однесува само на младите.

Искуството од терен покажува дека и возрасни луѓе, со изградени животи и емоционална зрелост, влегуваат во истите замки на дигиталната илузија.

Врските стануваат пократки, понејасни и често неименувани. Разговорите траат подолго од самите односи. А исчезнувањето без објаснување станува новата форма на завршување.

Свесност Live Sessions е една одлична иницијатива позади која се пет психотерапевти од платформата Свесност, која не се позиционира како место за решенија. Туку како простор каде што комплексноста не се поедноставува. И можеби токму затоа овој разговор е важен.

Затоа што зад сите нови зборови и нови форми на комуникација, останува едно старо прашање: Како да се биде блиску во време кога сите сме постојано достапни, но ретко навистина присутни.

[post_tags]