… И се започнува од желба. И слушаш како плаче, како се смее, а не ја гледаш. Сакаш да ја имаш. Ја имаш. Ти се исполнува таа желба и ете таа љубов те скокотка во стомакот.
Се радуваш на секое дишење и срцевите отчукувања кога одиш на преглед. Слушаш како таа желба расте, станува љубов. И кога ќе тропне ја галиш, и ѝ пееш, ја милуваш. И едвај чекаш да ја видиш во очи.
Се рааѓаат тие прекрасни малечки ситни и најубави очиња кои ги имаш видено. Преслатки црвени обравчиња кои ги допираат твоите и веднаш знаеш дека сакаш. Дека љубиш.
Веднаш знаеш дека сето тоа дотогаш не било љубов. Не било ништо слично.
Веднаш знаеш дека на ТИ си со ангелите и си се смешкате заедно кога ја гледате како дише, како ја покриваш со ќебенце кога ѝ студи. Како понекогаш мислиш дека ѝ студи иако знаеш оти си ја облекла доволно топло. Како со часови бдееш кога е болно тоа бебе, кога е немоќно.
Кога ја боли, тебе те боли уште повеќе. И сакаш тебе да те боли. Само да не ја боли неа. Се започнува од таа желба, од тие ноќи кога ја гледаш како тивко ти се смешка во малото бебешко креветче дури тебе ти тежат подочниците, ти тежат саатите умор, ама… Ја љубиш. Знаеш дека ја сакаш.
И се започнало од таа желба.
Желба која ја гледаш како расти. Ја учиш, ја гушкаш, ја милуваш, ја сакаш. И ете ти го првото: Те сакам! И те гушка таа желба и ти вели мамо, тато… Ве сакам! Ве сакам! Се до еден декември кој требаше да мириса на љубов. На празници…
… Кога љубовта би знаела да каже, би рекла дека се срами. Кога љубовта би знаела да се усрами, би рекла дека се усрамила од нас. И не, тоа не е платонска наивна срамежливост. Тоа е омраза. Омраза што доаѓа од љубовта. Ако ме прашувате кое е тоа дно, ете токму тоа е. Љубовта да мрази.
Заслужуваме ли да сакаме, да не сакаат, да љубат и да љубиме. Што знаеме за љубовта?
Од она што сме гости на оваа планета, можеме да кажеме оти ништо не сме научиле. Треба ли да ја сфатиме љубовта само кога боли? Кога е сурова и кога всушност прекинува да биде љубов и кога станува алчност и склучува ,,лонг трн” договор, пакт со ѓаволот. Што е љубов? Се вежба ли љубовта или доаѓа од внатре?
Може да зборуваме за човечно, но овде нема простор ни за првата буква од овој збор…
Почивај во мир ангелу!