Уфф тешка тема… „Леб нема да јадам, ама за цигари мора да има“ е позната изрека која ги илустрира незгодите на пушачите кога се соочуваат со идејата за откажување од оваа „немилосрдна“ навика. На Светскиот ден во борба против пушењето, ви претставуваме една (не)возможна мисија: откажување од пушењето.
Замислете го ова како холивудски трилер: вие сте главниот лик, агент на мисија на која дури и Том Круз би ви завидувал. Вашиот непријател? Не е некој супернегативец, туку обична, но опојна цигара. Се будите рано наутро и првата сцена од филмот е веќе тука: отворате очи и првата мисла што ве погодува не е „Добро утро“, туку „Каде ми се цигари те?“
Првата мисија
Одложете го утринското палење. Дури и само за пет минути. Почувствувајте ја тензијата додека влегувате во борба со својата непобедлива желба. За оваа акција не ви треба акробатски талент, туку чиста решителност и шолја силно кафе(со убава коцка шеќер за утеха).
Секојдневниот испит е како сцена од најдраматичен шпионски филм. Колегата ви нуди цигара? Вие смирено и категорично одбивате, небаре сте под мантрата:„Може кафе, ама цигара не.“
А што е со паузите на работа? Е таму ве чека најголемата битка. Замислете ги пушачите како зли агенти што ја контролираат кафетеријата. Вашата мисија, доколку ја прифатите, е да одолеете на нивните понуди. Лажирајте:пред неполна минута ја „допушив.“
Завршниот чин – вечерта
Имате силна желба да запалите за да се опуштите. Но, наместо тоа, замислете се како суперхерој што ја спасува сопствената иднина – белите дробови без чад, кожа без брчки и кожа која добива екстра, неоддолив сјај и насмевка без жолти заби. Звучи премногу добро за да биде вистинито? Па, баш затоа е мисија.
Светскиот ден во борба против пушењето е идеална шанса за сите нас да ја започнеме оваа мисија. Може да изгледа како невозможна мисија, но секој мал чекор е победа. Време е да бидеме во склад со европските критериуми.
И запомнете: вие сте ѕвездата на вашиот животен филм. Направете го најдобриот трилер и покажете карактер. Вие тоа го можете. Секој здив без чад е чекор кон подобар и поздрав живот. Секоја оставена цигара е победа над сопствените слабости – мисија достојна за респект На крајот, „хероите не се раѓаат – тие се создаваат.“
Нема извор…Освен твојата свест!