Лага или Вистина- на која и веруваме?

лага

Лага или Вистина- на која и веруваме?

Како да распознаваме што е ЛАГА а, што ВИСТИНА?

Зошто е полесно да се прелажеме, зошто најчесто избираме да и веруваме на лагата?

Клаудија Лутовска

Ако на човек му ги покриеме очите, дали ќе распознава темница или светлост? Ќе знае ли кога е ден а кога ноќ? Секако дека не. Но, со време ќе почне да ги разликува по некои особености. Во летна ноќ, штурците пеат погласно. Во текот на денот се слуша летот на птиците и нивното дневно пеење… A во ноќта пак понекој ут може да испушти крик.

Бидејќи за се треба искуство и свесност, со тек на време човек може да препознае лага и да препознае вистина.

Бидејќи сме се изначитале и изнаслушале за разни лаги, бели лаги, корисни лаги, спасувачки лаги, не би сакала да останеме во длабините на филозофирањето. Е едноставно целта на моето пишување е освестување. И секако дека сакам да помуабетиме за лагата која ни наштетува… Која не носи во заблуда, не пренасочува во погрешен правец… Не прави несигурни, нестабилни, не дефокусира, не забавува… И на крај, бидејќи ни создава мноштво очекувања, следуваат разочарувањата, па дури и депресии, револт, конфликти…

Секој од нас кога е запрашан какви луѓе сака во близина, прво нешто кое повеќето го кажуваме е „искреност“. И веднаш се надоврзува „мразам лажење“. Дури потоа, како најчест услов е „добар“, „човечен“, „комуникативен“. А во третиот блок на карактеристики доаѓаат „убав“, „педантен“, „вреден“, „смирен“, и ред други, но секогаш позитивни карактеристики.

Јас до сега, за цел живот не слушнав некој да каже „сакам лажго“, „преварант“, „глупак“! Едноставно скоро никој не сака таков човек во близина. Тогаш се поставува прашањето „Дали ние сме токму такви, какви што посакуваме да бидат другите?“

Лага

Колку мина од нас можат да кажат со факти и аргументи „не лажам“, „јас сум добар човек“, „смирен сум, и секогаш сум спремен да сослушам и помогнам“? Не има ли такви? Кога сакаме нешто да привлечеме и законите на универзумот да ни ја исполнат желбата, нели треба први ние да сме тие – добрите? А со тоа такви и да привлечеме. И кога ние бараме некој „добар“ не е ли вистина и дека тој – добриот за покрај себе бара некој таков, како него, „добар“? Еве уште еден предизвик. Нели на „доброто се враќа со добро“, ретко кој на „лошото враќа со добро“, иако е христијански и човечки, човек да биде добар, а под „добар“ веднаш се подразбира „човек кој не лаже“, а потоа и се останато, да не е раздразлив, бесен, гневен, и ред други негативни особености.

Верувам дека малку мина ја согледале поентата на добар и лош, преку парабола на лага и вистина.

Се вели „малкумина и се дораснати на вистината“. Повеќето сакаат или најчесто веруваат на лага- нереални ситуации, нереални верувања, нереални очекувања. Еве да се запрашаме што е она што ја иницира лагата, подлабоко размислувајќи излегува дека се тоа страстите, кои понекогаш ги криеме и од себе си, прикривајќи ги, ја даваме сликата која не постои, ветувања кои немаме сила и трпение да ги исполниме, а сето тоа не води до заблуда, прикривање, а кога нештата ќе се откријат до срам, бегство, и најлошото во се, очај, кој сам по себе е несреќа.

Тогаш, како да ја научиме техниката да живееме во вистината, како да ја препознаеме, како да го тргнеме превезот од очите и да прогледаме? Како да престанеме да бидеме лековерни?  Како да ја видиме калкулацијата која ја прават другите за нас, како да ја препознаеме мрежата која се плете? Нели откако ќе се осознаеме, секој ни пристапува со „математика“? Па дури и нашата наивност не е веќе така наивна, И ние правиме калкулации со другите околу нас.

Елена знаеше дека мnогу ќе си наштети ако ја каже вистината, зошто сите околу неа сакаа да бидат излажани, си веруваа во вредностите кои ги немаа, деспотски ја држеа ситуацијата под привидна контрола, но нема назад. Елена одлучи да се соочи, и со себе и со ситуацијата и со останатите. Знаеше дека осудата ќе биде тешка, зошто вистината, ќе ги повреди нивните фантазии, а таа ќе биде на нивната осуденичка маса.

Добро размисли, и одлучи, ја кажувам вистината, и заминувам, оставам се, нивните фантазии и нивните лаги не ги сакам повеќе, заминувам, и Елена се соочи, кажа, и ја осудија. Им рече: „ДА- сите сте во право, но, дозволете да ве напуштам“. И беше јасно дека кога некој одлучил да те осуди, нема назад, дури оправдувањето е само луксуз во таква ситуација. По многу години, Елена на виделина ја извади својата спремност да ја види вистината, да живее со неа, да биде на патот пополочен со вистини, и научи како сите рози и трње кои и излегуваа по тој пат да ја прават среќна.

„Вистината е секогаш гола, а лагата секогаш препокриена со превези“, од нас зависи дали сме и дораснати на лагата или на вистината, а од тоа зависи колку ќе сме среќни со самите себе.