На една клупа кај саатот!
Се сеќавам имав само 15 денари. Една книжна и една монета.
Уфф колку ужасно многу сакав да влезам во таа врата. Во таа огромна порта од каде се слушаше убава староградска музика, мирисаше на вино, скара и ладовинка во една исто ваква јунска вечер.
Ги гледав овие мои мизерни 15 денари, а патем видов оти и паричникот ми е искинат. Заедно со мене. Далеку од тие ефтини души кои се некако уште од почеток ми личеа на лисицата и волкот на Карло Колоди од Пинокио. Е сега овој Пинокио беше останат без буквар, без зборови, со празни џебови и украдени пари.
Се сеќавам колку бев жедна во таа густа јунска толку жешка и дури пиплива светлина од канделабрите кај паркот кај саатот. Се сеќавам оти тие 15 денари ги дадов за цигари (тогаш на парче). Запалив една, па уште една и…
Се сеќавам. Тогаш одлучив. Ова никогаш повеќе нема да сум јас!
И сега.. Ако ова е приказна за некој херој, ќе следеше содржина од типот: ,,И навистина. Од тој ден успехот сам доаѓаше. Упорноста се исплати и сега таа е светски популарно успешно име! “
Уфф клише. Далеку од тоа и далеку од се, се сеќавам како по само една година се најдов на иста клупа. Само што… Овој пат не се продаваа цигари на парче. Ги гледав како јадат, пијат, се смеат.. А јас толку сакав да сум внатре.
И дали бев упорна? Па не постои поупорен човек од мене. Дали верував? Вие, што мислите…?
Но, ете ти ја пак таа клупа во паркот.. Со ситни банкноти, раситнето пријателство, лисицата и волкот со луцидни насмевки и храна што ја грофтаат дури им течи низ забите плунка и… Ужасна слика на која тие се таму, а јас сум на оваа клупа. И по три години, а потоа и четири. Изброив многу лисици и многу волци. А јас сеуште, на една клупа во паркот кај саатот.
… И така врви времето и секогаш ќе ја носам таа клупа. Всушност за клупата и мојот заклучок ме инспирира син ми и тој негов фудбалски херој Роналдо. Има една бомбастична реклама каде поентата е колку тој замислил, визуелизирал и фала Богу се си исполнил… Следи и тоа американското с***ње или не, (убедување или како сакате) од типот:,,Dream big little one… “
И ја гледаме рекламата со оваа мојава ѕвездичка што трепка од кај и да се завртиш и ти се фаќаш во муабет како му солиш памет:
-Мама ова значи дека ако нешто толку силно посакуваш, ќе ти се исполни. Ако си упорен, ќе ти се исполни.
…И тогаш ми текна… На клупата. На цела поента на текстот и додадов:,,Ќе има мама моменти кога ќе те сопкаат, кога ќе се сопнеш, кога ќе мислиш оти не можеш… Ама важно е мама да веруваш. Да веруваш и тогаш кога не веруваш!”
Во негов детски сладок смешен и преслатко заводлив и допадлив сленг и чиста детска душа, син ми со прашање на кое веќе си го знае одговорот:
– И мама јак ќе бидам?
-Јак ќе бидиш мама. Силен ќе бидиш. Ќе бидиме…
… И секогаш ќе ја паметиме таа клупа кај саатот. Оти ни оставила простор за момент да застаниме. Да размислиме, да видиме до каде сме. Да пресечиме или да продолжиме. А јас? Па јас верувам во розово нели?!
Пишува: Елена Трпковска Наумовски