Критичко размислување, проверка на факти и одговорно користење на медиумите се основни вештини кои во услови на рапидна експанзија на дигиталниот свет треба да ги владеат и помладите генерации.
Зборот „писменост“ често го поврзуваме со способноста да читаме и пишуваме. Но денес, кога сме постојано опкружени со телевизија, интернет и социјални мрежи, потребна е уште една вештина – медиумска писменост.
„Медиумска писменост е способност за пристап, анализа, проценка и испраќање порака во различни форми и облици.“, гласи една дефиниција за медиумска писменост. Тоа значи дека медиумски писмените луѓе знаат што гледаат, читаат или слушаат, како и од каде доаѓа информацијата и дали е вистинита.
фотографија: vecteezy.com
Што значи да бидеш медиумски писмен?
Медиумите – телевизија, радио, интернет, социјални мрежи, печатени медиуми… Имаат огромно влијание врз тоа како размислуваме и како го гледаме светот околу нас.
Медиумите им помагаат на младите да научат да размислуваат критички. Да ја препознаат целта на авторот и да станат паметни потрошувачи на информации.
Но, медиумската култура има и своја позитивна и негативна страна.
Позитивна страна на медиумите: Медиумите овозможуваат брз пристап до информации и идеи од цел свет. Преку интернет и социјалните мрежи, луѓето од различни делови на светот можат да разменуваат идеи, ставови и искуства. Благодарение на медиумите, можеме побрзо и полесно да ги совладаме лекциите со видеа и презентации.
Темната страна на медиумската култура: На интернет има многу информации, од кои многу се лажни, со примамливи наслови за да привлечат повеќе луѓе. Тоа на креаторот му носи некаква корист – финансиска или друг вид корист, но кај нас создава погрешна слика.
Некои содржини можат да бидат и опасни. Прикажувањето на некои видеа на социјалните мрежи може да предизвика и повреди, па дури и фатални последици кај деца и возрасни што ќе се обидат да го симулираат прикажаното.
Како да се заштитиме?
Затоа е важно да бидеме медиумски писмени. Еве неколку совети:
– „Проверете дали авторот е признат експерт или новинар.“
– „Фокусирајте се на доверливост на изворот, проверете факти, барајте недоследности.“
– „Разгледајте дали изворот е пристрасен, можеби не ја кажува целата приказна.“
– „Истражете и на други страници, дали ја потврдуваат истата информација.“
Постои и алатка што може да помогне – Вистиномер, страница за проверка на факти што ја користат и професионални новинари.
Учиме со помош на наставници и родители
Никогаш не треба целосно да им веруваме на медиумските содржини пред самите да ги анализираме. Кога нешто не ни е јасно, најдобро е да се консултираме со родителите или наставниците.
Медиумската писменост треба да се учи
Учениците сметаат дека медиумската писменост треба да биде дел од наставата, зашто таа помага да разликуваме вистина од лага и да размислуваме со своја глава. Сите фактори медиумите, образовниот систем, родителите и самите граѓани би требало да создадат култура на свесно и одговорно учество
Ана Штраклевска VIII одделение Филип Петровски, VIII одделение
ОУ „Коле Канински“ – Битола, подрaчно училиште село Буково
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Младинска медиумска лабораторија“ во кој млади од Битола, Прилеп, Ресен, Крушево, Могила и Новаци низ серија обуки и менторска програма ги зајакнуваа своите капацитети во областа на медиумската писменост и учеа да продуцираат одговорни медиумски содржини.
Проектот го имплементира граѓанската организација „Граѓански Патеки“ во партнерство со здруженијата „ИКТ Свет“, „Журналист“, „Од млади за млади“, „Младинска Граѓанска Акција“ и „Еко герила Преспа“.
Активностите се спроведуваат во рамките на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“, која се имплементира со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
Илустрација за насловна фотографија: Adobe Express