Измами што вознемируваат: Учиме да препознаваме лажни вести

Во последните години, неколку пати се случија лажни дојави за бомби во училишта во Македонија. Некој испраќа е-пошта или порака дека има бомба во училиштето, што е целосна измама. Последиците беа сериозни, учениците беа уплашени и во шок, наставниците и директорите беа под притисок да реагираат веднаш, родителите панично доаѓаа да ги земат децат. Иако вестите за бомби беа лажни, тие предизвикуваа вистинска штета.

Дали си се запрашал некогаш дали се што гледаш на интернет е вистина? Денес секој може да напише или да сподели нешто на социјалните мрежи, но тоа не значи дека е вистинито. Токму тука ни помага медиумската писменост.

Што значи да си медиумски писмен?

Медиумски писмен си кога знаеш да препознаеш лажни вести, да провериш дали нешто е вистина, да не наседнуваш на измами и да не шириш омраза или паника.

Медиумската писменост е како штит. Таа те штити од дезинформации и лажни информации што намерно се шират за да збунат, измамат или раскараат луѓе, да предизвикаат поделби и поларизација.

Пример1: Лажна вест за поплава што создава паника

На социјалните мрежи се појавува фотографија од поплавена улица со опис: „Ова е денешната поплава во Скопје“.
Но, сликата е од претходен настан и не е направена во Скопје, туку во Токио. Со откривање на овие информации разбираме дека веста е лажна.

Со помош на Google Reverse Image Search можете лесно да дознаете дали една слика (а со тоа и веста) е вистинита или не. Но, луѓето не проверуваат, веднаш споделуваат и коментираат. Внимавајте, интернетот може да биде опасно место, ако не знаете како да препознавате дезинформации.

Пример 2: Лажни дојави за бомби во училиштата

Во последните години, неколку пати се случија лажни дојави за бомби во училишта во Македонија. Некој испраќа е-пошта или порака дека има бомба во училиштето, што е целосна измама.

Последиците беа сериозни:

  • Учениците беа евакуирани, уплашени и во шок.
  • Наставниците и директорите беа под притисок да реагираат веднаш.
  • Родителите панично доаѓаа да ги земат децата, мислејќи дека нешто страшно се случува.
  • Наставата беше прекината, многу ученици беа вознемирени и уплашени.

Иако вестите за бомби беа лажни, тие предизвикаа вистинска штета.

A teenage girl around whom there is darkness and shadows of hands, a symbol of phobia, fear of darkness and nightmares.

Илустрација: vecteezy.com

Како да провериш дали некоја вест е лажна?

-Види кој ја објавил веста, дали станува збор за доверлив медиум или пак се рабои за некоја непозната страница на која не ѝ веруваш.
-Дали веста има автор?
-Дали има конкретни факти и докази за она што го тврди веста?
-Можеш ли да ја провериш сликата или видеото?
Користи алатки како Google Reverse Image Search, TinEye или Snopes.

Да се биде медиумски писмен значи да не дозволиш некој да те излаже, да те испровоцира или да те натера да мразиш. Тоа значи да размислуваш, да проверуваш и да споделуваш одговорно.

Интернетот може да биде супер алатка, но само ако знаеш како да го користиш паметно. Биди паметен, провери пред да поверуваш!

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Младинска медиумска лабораторија“ во кој млади од Битола, Прилеп, Ресен, Крушево, Могила и Новаци низ серија обуки и менторска програма ги зајакнуваа своите капацитети во областа на медиумската писменост и учеа да продуцираат одговорни медиумски содржини.
Проектот го имплементира граѓанската организација „Граѓански Патеки“ во партнерство со здруженијата „ИКТ Свет“, „Журналист“, „Од млади за млади“, „Младинска Граѓанска Акција“ и „Еко герила Преспа“.
Активностите се спроведуваат во рамките на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“, која се имплементира со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.

[post_tags]