Убавината на Националниот парк Пелистер е богатство! Kако такво треба и мора да трае, да се негува за да остане и да раскажува. Авторката Симона Мирчевска со својата изложба во Офицерскиот дом во Битола! Мирчевска, пред публиката го долови овој спој на урбаното и сосема природното. Ова уметничко посебно доживување, го искусивме во рамките на она што би го именувале како еко-музеј.
Танформативното уменичко истражување под името „Пелистер“ вибрираше во фреквенција на културно-наследна, еколошка интеракција. Културното наследство и екологијата се артикулираат меѓусебно и како такви нудат спој на урбаното и природното. Или поинаку, холистичка (holos-целовитост) претстава на опипливото и нематирајалното. Симона Мирчевска, со својата изложба понуди проникливо патување. Патување во еден спој на световите на визуелните уметности, архитектурата, дизајнот и новата музеологија. Симона длабоко нурнала во недопрените предели на Пелистер, првиот национален парк во Република Македонија.
Настанот не беше само за поглед кон нејзиниот обид за уметност. Туку и за доживување на живата култура, традициите и сеќавањата на една територија.
„Преку нејзините мапи и нејзините слики, ние сведочиме истовремено и рефлексивна активност и метод, на начин на кој тие верно ја одразуваат стварноста и рефлективна активност и метод, на начин на кој овозможуваат размислување на постојното во алтернативно идно. Прoсторот во кој човекот се среќава со возвишеноста на пејзажот не е лесно да се претстави на парче хартија. Но, токму во тој простор помеѓу Симона Мирчевска и националниот парк Пелистер, каде ова значајно национално институционално и идентитетско прашање се претвора во лична преокупација и креативен белег, таа го добива сиот кредибилитет да го изгради и претстави пред нас овој хартиен и загадочен „еко-музеј“. Изјави Проф. д-р Мери Батакоја – вонреден професор на УКИМ.
Поделена на два сегменти, изложбата најпрво ги привлече гостите со синтетизираните мапи, раскажувајќи приказни за повеќеслојното наследство на националниот парк.
Тоа е еден сложен танц на картографија, материјални средства, дигитални 2Д цртежи и калеидоскоп на пејзажни вредности. Нијансираните слоеви, испечатени на проѕирна хартија за копирање, понудија уникатен пресек на убавината на паркот. Се истакнаа патеките, знаменитостите и различните аспекти на руралниот туризам. Но, она по што дојдоа посетителите на изложбата несомнено беа акрилните дела на Мирчевска на платно, инспирирани од естетските квалитети на Националниот парк Пелистер. Нејзните потези на четката, се приказ за тоа како таа ги гледа пејзажите, ендемичните видови на паркот, шумите од молика и духовноста на неговите елементи.
„Симона Мирчевска, својот ликовен монолог го започнува најмногу во контекст на првата генерација на современите битолски сликари, и тоа не во следење на формата и ликовниот елементариум, туку интуитивно или чувствено, како колективна меморија на предците, предочуваќи ја и продолжуваќи ја скриената суштина, што е можеби, единствена и посебна за ово ликовен Свет“ – истакна ликовниот критичар Владо Ѓорески Со оваа изложба Симона Мирчевска остава трага во уметничкиот простор како може да изгледа преминот од музејски згради на територии. Тоа е основата на овој проект во кој не треба само да ги цениме естетските вредности, туку и духовните аспекти на природата и да ги препознаеме како суштински дел од човечкото наследство.