,,Неверојатен уметник, брилијантен актер, секогаш емпатична, грижлива, со широка насмевка. Нејзината харизматичност во фузија од емоции и позитивна енергија, се препознава на сцена, но и приватно. Разговараме со Маја Андоновска Илијевски – актер во Народен Театар Битола, директор на Центарот за култура.
Одлучивме да направиме малку поинакво интервју, со поинакви прашања што го запознаа нашиот денешен соговорник подлабоко и открија една поинаква страна од Маја.”
Разбуди се: .„Кога другите те гледаат како силна жена, си мислат дека не ти е потребен никој и ништо, дека можеш да се носиш со сè и дека можеш да се издигнеш над секоја ситуација. Кога те доживуваат како силна жена, очекуваат од тебе да ги решаваш и нивните проблеми.“
Текстов е споделен на твојот фејсбук профил. Дали е Маја Андоновска Илијевски токму ова? Силна жена од која се очекува премногу? Како те доживува публиката како актер, како те доживуваат со деловниот аутфит на директор, како те доживуваат дома и како се доживуваш ти? Што ако за себе си зборуваме во трето лице и се гледаме од страна? Тогаш, што би рекла? Која е Маја Андоновска? Тешко ли е? Лесно ли ѝ е на оваа жена, мајка, актерка…?
MAJA Андоновска Илијевски: Животот многу рано ми покажа што значи да ти се сруши светот пред очи како кула од карти, кога го изгубив татко ми. И јас немав друга опција, освен на 9 години да престанам да бидам дете и да растам како силна жена. A и примерот кој го гледав пред своите очи од мојата мајка, ми покажа и докажа дека сѐ на овој свет се може, само ти треба трпение, упорност и постојана работа на себе. За мене, мајка ми е прототип на челична дама.
Јас во принцип сум многу емотивен човек, тоа е можеби мојата најголема предност, но и мана истовремено. Знам да си натоварам многу нешта на својот грб. Некогаш сакам да ги решам сите неправди и проблеми на овој свет и со глава мавам во ѕид, но упорна сум и тврдоглава сум. И тоа ми помага да не се откажувам лесно. Тоа исто така знае и да ме разочара, кога ќе се соочам со фактот дека мојата моќ како човек сепак има лимит. Но, не престанувам да живеам со ставот дека ни небото не е граница.
Како актер сум емотивна, темпераментна и препознатлива, како директор сум многу посветена. Како мајка сум потресена, грижлива, строга, но и најдругар на свет, обидувајќи се да го воспитам своето дете со вистински вредности. Најблиските ми се пред себе и сум секогаш тука…
Ако зборувам за себе во трето лице, би рекла дека Маја е човек кој го сака животот и му се радува. Го живее со 200 км на час. Обожава обични нешта кои ја топлат душата и својот мир го бара во зајдисонцата. Сака да другарува и да запознава нови луѓе, не спие, будно сонува, се бори, љуби…
Разбуди се: Да имаше животот реприза, ќе ја одбереше ли повторно Битола и овој живот?
MAJA Андоновска: Растењето ми донесе две сериозни животни раскрсници, каде на два пати требаше да одлучам меѓу Битола и Скопје…. еднаш приватно, еднаш професионално.
Два пати ја избрав Битола. Паметен избор или лудост оставам на времето да докажи. A животот нема репризи, со тоа одамна имам расчистено и затоа ЖИВЕАМ .
Разбуди се: Што е среќа?
MAJA: Среќа е син ми, затоа што ме научи што е безусловна љубов за која само мислев дека ја познавам и ме направи мајка. За мене, среќа е и семејството. Здрави, живи, сите на број собрани на ручек, на слава. Среќата ја гледам во средбите со моите другарки. Среќа е секое застанување на сцена, секое патување каде душата ми се храни со нови хоризонти, пијалокот испиен со колегите за крај на успешниот работен ден – седмица, успешно реализираните фестивали. Среќата е Хепи – моето куче кое секој ден ме дочекува со неверојатна животна радост…
Среќа се најобични мали нешта, кои често ги земаме здраво за готово, а не чинат ни цент…
Разбуди се: Ти си успешна жена. Репер за многумина. Сака ли Маја Андоновска да расти уште повеќе? Малку е или многу и доволно? Имаш ли уште поголеми амбиции?
МАЈА: Како што веќе споменав, јас сум исклучително темпераментна личност, но она што ми го дефинира животниот пат е мојата љубопитност и гладот за нови интелектуални и животни предизвици. Незнам да мирувам, постојано нешто истражувам, се впуштам често и во ,,авантури” кои се надвор од мојата конфор зона и искрено верувам дека тоа нема да се промени ни во иднина. Кога немам работа, јас си измислувам… Се трудам да го држам умот буден и креативен.
Разбуди се: Секогаш изгледаш беспрекорно. Маја и модата. Дали го уживаш модниот универзум или едноставно мораш да го носиш тој „дрес код“?
МАЈА: Ти благодарам. Но, морам да ти признаам, дека јас не почитувам никаква дефиниција која во себе го носи префиксот ,,мораш “. Ништо не морам, што не ми причинува задоволство.
Всушност јас сум иста и дома, и на работа, и на плажа, и на планина, и на црвен килим. Средена и комотна со себе. Имав од кој да учам, мајка ми од секогаш важеше за убава и средена дама, како физички, така и духовно. Во тој дух ме воспитуваше и мене. А и самата знам, првиот впечаток кој го оставаме како луѓе е многу важен. Најголемиот моден додаток кој еден човек треба да го носи е насмевката и убавиот збор, непосредноста и топлината. Ако зрачиш како човек, сѐ на тебе ќе изгледа прекрасно.
Разбуди се: Каде грешиме? Во што греши Битола? Будни ли сме кон културата, театарот, уметноста? А будни ли сме и како луѓе?
МАЈА: Ова е многу тешко прашање… Прашање на кое често размислувам кој е вистинскиот одговор. Битола живее на стара слава, како градот на конзулите. Од тој град денес нема ништо. И тоа не е нова состојба, туку долгогодишно уназадување на секаков основ. Има еден документарец кој на битолчани треба да ни биде како учебник за градот. Станува збор за филм посветен на браќата Манаки на режисерот Роберт Јанкуловски. Ако го изгледаме филмот, грутката во грло ќе ни се дозголеми на сите кои сакаме поубави улици, современи училишта и факултети, нормални паркинзи, спортски сали, стадион, велосипедски патеки, трговски центри, паркови, ски патеки, современ пат до националниот парк, чист воздух, светски имиња, опера, балет, театар, концерти, претстави… Можам многу да набројувам.
Битола пред 100 и повеќе години била град.
Сега за жал се радуваме на трошки, на ситници, на нешта кои природно треба да ни следуваат. На еден детски воз во паркот се израдувавме. Еј детски воз во 21 век… И чекавме редици со децата за да се повозат…
Каде грешиме? Па најверојатно многу често со поставување погрешни луѓе на погрешни раководни позиции. Во претерана политизација во секоја сфера. Во прескокнување на експерти (а богами и самите ние битолчани сме сите експерти на секоја тема). Mногу лутина е собрана во секој од нас, на различна тема.
Грешиме во тоа што се помалку си го сакаме градот. А дали сме будни? Би одговорила кратко и јасно – НЕ!
Разбуди се: Освен актер и освен цел тој наклон кон уметноста, што може да биде Маја Интервју со Маја Андоновска – Илијевски? Некој афинитет што не го знаеме и е спротивен на ова? вн квф в.
МАЈА: Музичар, новинар, ПР, менаџер…
Разбуди се: Кога е доцна за сѐ? Има ли „трката“ предвремен крај?
МАЈА: Знаеш дека е доцна за сѐ тогаш кога стануваш рамнодушен. За мене, најстрашната емоција која постои, слична на рамната линија која означува смрт.
Разбуди се: Што е пријателство?
МАЈА: Сѐ она што е вистинско и градено на здрави темели. Пријателите се семејство кое сами си го бираме, роднините ни се од бога дадени. Затоа кругот треба да е внимателно одбран, оти тие се и ѕид и ветер, како во бракот во добро и зло до крај. А јас сум среќна што во животот сум изградила пријателства кои се за век!
Разбуди се: Кога би имала златна рипка што би посакала?
МАЈА: Зависи дали би имала можност за една или три желби. Ако е една, мојата желба е да ми се здрави, живи и сите на број најсаканите.
За сѐ друго и онака, биковски се борам до крај !
Пишува: Елена Трпковска Наумовски