Интервју со Др. Ели Димовска: „Најважно е да ги сакате децата и да го љубите она што го работите!“

[et_pb_section][et_pb_row][et_pb_column type=”4_4″][et_pb_text]

Има нешто што се вика бесценета љубов, безусловна, безгранична. Љубов во еден збор. Во нашите деца. Се рекло, од грижата доаѓа храброста, а професијата ,,доктор”, можеби најповеќе ја заслужува оваа титула.

Нејзината енергија, алтруизам, страста кон својата работа и позитивниот импакт кон заедницата и нашите битолчани, ја дефинира како голем човек со огромно срце.
Со комплетно професионален пристап, чесност, достоинство и грижа кон своите пациенти, таа несебично ја множи љубовта
. Секогаш знае да го даде вистинското решение кога е во прашање здравјето на нашите деца. Разговараме со доктор Ели Димовска, почетоците и развојот на нејзината кариера, и совети кон родителите.

Разбуди се: Постојано достапни, грижливи и беспрекорно професионални.

Која е тајната за да престигнете со сите обврски, прегледи, совети за кои сте достапни во секое време? Како е да се биде дoктор Ели?

Доктор Ели Димовска: За да се работи било која професија потребно е многу љубов. Морам да признаам дека да се биде Др. Ели не е лесно. Работното време последните тринаесет години ми е секој ден по 8 часа. Немам никаква пауза, бидејќи децата особено малите, немаат трпение. Не можат многу да чекаат. По работното време, со мала пауза, секогаш сум достапна за моите пациенти во било кое време. Викенд , празник па и годишен одмор.

Да, напорно е многу, можете да си замислите… Имате приватен живот, семејтво, исто  како да немате. Сето ова го постигнувам како и што реков. Со многу љубов , трпение и многу голема подршка од мојот сопруг и моите деца, кои разбираат секогаш дека нивната сопруга и мајка има многу хумана професија. Има и нешто друго… Таа сила доаѓа од внатре. Тоа е карактер. Ако нешто правите со љубов не е тешко. Најважно е да ги сакате децата, да сте добар човек и да црпите енергија од нивната насмевка.

Разбуди се: Од каде желбата за токму оваа професија? Сте знаеле ли од секогаш дека ќе работите со дечиња или можеби некогаш сте имале други планови во однос на Вашиот кариерен развој?

Доктор Ели Димовска : Уште од основно одделение знаев дека ќе бидам доктор. Сакав да бидам гинеколог и акушер. Кога завршив медицина во далечната 2004 година, многу беше тешко за вработување затоа што имаше многу невработени доктори. Се нудеа вработувања по приватни амбуланти за без пари, а да се вработиш во државно здравство и да добиеш државна специјализација беше невозможна мисија. Јас, дете од семејство под стечај, конкурирав на секој конкурс и претрпував порази, но љубовта кон медицината и многу ама многу работа ме направи цврста и искусна личност. По две години од дипломирањето се вработив како млад општ доктор во Прилеп каде патував секој ден. Потоа продолжив наредните години во прилепското село Ропотово, па имав рурална амбуланта во с. Долна Бела Црква –Ресен (во тој период запишав и специјализација), понекогаш се шегувам велам од околината на Битола уште во Лерин немам работено.

Работата на село не можи да се спореди со работата во градот. Во село се стекнува такво искуство што никогаш не може да се добие со работа во град. Точно поради тоа, мислам дека и денес, пред да добие било каква специјализација, еден доктор треба да поработи барем две години на село. Конечно во 2011 се вработив во педијатриска амбуланта во Битола и до ден денешен како и што знаете работам со деца. Едноставно, се пронајдов во тоа. Децата особено бебињата се како природен седатив.

Разбуди се: Вие имате долгогодишно искуство. Колку од денешните родители водат грижа околу децата и дали можеби времињата се промениле?

Доктор Ели Димовска : Така е. Моето искуство е седумнаесет години, од кои тринаесет години работам со деца. Од секогаш мислам дека родителите водат многу грижа за своите деца, што е и природно да е така. Денес, последните десет години, многу се променија времињата. Мислам дека за тоа најголем удел има интернетот и достапноста на било какви информации точни и неточни. Интернетот како и се друго, влијае на сите нас и позитивно и негативно. Многу често се случува да се читаат одредени симптоми на некои болести и се создава непотребна паника кај родителите, но затоа сме ние тука како здравтвени работници да дадеме совет за сѐ. Родителите многу читаат, членуваат во најразлични групи по социјалните мрежи, но сепак ќе кажам: За сѐ треба да се консултираат со матичниот лекар на нивното дете.

Разбуди се: Дали градинките се извор на инфекции и бактерии според вас?

Доктор Ели Димовска : Би рекла градинките пред сѐ, се извор на социјализација, едукација кај децата над 3 години. Покрај тоа, има и мешање на децата и тие кога немаат симптоми на болест, кога нивниот организам е во период на инкубација, тие се преносители на одредени инфекции. Ние не знаеме дека во тој момент детето е болно и нема како да го прекинеме тој ланец на ширење на инфекции. Пример со Varicella (или народно кажано голема сипаница), едно дете е заразно за првите 3 дена пред да појави осип. Во тие три дена тоа ја шири инфекцијата на другите деца.

Ние луѓето се раѓаме со пасивен имунитет кој го стекнуваме уште додека сме во утробата на нашите мајки. По раѓањето, со мајчиното млеко се внесуваат одредени антитела. Сето тоа е пасивен имунитет. Потоа во првите 1000 дена од нашиот живот се стекнуваме со имунитет кој го добиваме откако ќе поминеме некоја инфекција. Децата кои растат во домашна средина имаат 6 до 8 респираторни инфекции во 12 месеци. Децата кои посетуваат градинки имаат до 12 инфекции годишно. Најчесто, првата година кога детето е во градинка, повеќе е во ординација на матичниот лекар отколку во градинка, но сето тоа е еден нормален процес за децата кои се во колективи.

Разбуди се: Светските медицински правила (или можеби трендови), светските клиники и нивните методи во споредба со нашите. Колку сме блиску до нив?

Доктор Ели Димовска : Не сме многу далеку, само ни фали медицински кадар и ред во здравсвениот систем. Светските трендови се кога детето ќе  има покачена телесна температура над 38,5 да се даде сируп за температура и ако нема други симптоми на болест да се почека три дена, бидејки најчесто се работи за вирусни инфекции со кои детскиот организам се справува сам. Многу често добивам прашања од родителите дали смеат да даваат сирупи за спаѓање на температурата повеќе од три дена, бидејки на нив пишува во упатство не повеќе од три дена. Одговорот на тоа прашање е: „ДА смеат, но после 72 часа задолжително да посетат доктор!“

Нашите болници се далеку од светските, бидејки некои не се реновирани на многу одделенија нема доволно персонал, а се работи со полна пареа за да се постигни да се сработи. Здравството е скапа работа, а ние не сме богата држава.

Разбуди се: Дали денешните родители ги држат своите деца во стаклено ѕвоно? Според нашите истражувања, доколку би го следеле примерот на скандинавските земји на пример,  нивните деца се ,,поослободени” од стегите во поглед на стекнување на имунитет. Една информација вели дека тие ги оставаат своите деца надвор и кога температурите се во минус. Колку е кoректна оваа практика и дали можеби ние грешиме со претераната грижа или колку е присутен стресот и паниката кај родителот?

Доктор Ели Димовска: Стресот и паниката кај родителот се многу присутни. Имам впечаток дека само кај нас уште се мисли дека се настинува од што му ,,достуделo на детето“. Да. Постои кај нас сеуште тоа дека треба децата да се држат во многу топло, дека треба да се облекуваат многу кога е студено времето. Но, мислам дека современиот родител е доста начитан и образован и знае дека детето треба да се изнесува на свеж воздух, сонце, да игра со кал и да биде на улица со своите врсници. Да, детето треба да се изнесува надвор и кога е многу студено, а тоа да е адекватно облечено. А она што не треба да се практикува е детето да не излегува кога е многу загаден воздухот или кога дува многу ветер.

Разбуди се: Која е Ели Димовска надвор од докторскиот мантил? Што ве релаксира и од каде црпите енергија и инспирација?

Доктор Ели Димовска: Доктор Ели надвор од белиот мантил е мајка, сопруга, сестра, пријателка. Слободното време кое многу малку го имам и незнам дали го имам бидејки постојано одговарам на повици, on line консултации, го поминувам со моето семејство. Батериите ги полнам кога сум со моите деца. Сакам прошетки во природа, добра музика, дружба со пријатели.

Разбуди се: Еден совет како апел кон родителите и дечињатa и уште еден животен совет за тајната на успехот за нашата публика.

Доктор Ели Димовска: Сакајте се, гушкајте ги вашите деца! Користете го секој момент за среќа! Нека ве води позитивна мисла во животот! Позитивна мисла носи позитивни моменти во животот.

Пишува: Елена Трпковска Наумовски

[/et_pb_text][/et_pb_column][/et_pb_row][/et_pb_section]