Илина Чоревска со награда за најдобра женска улога на ИФАД СТОБИ 2023
Илина Чоревска се закити со уште една награда за која жири комисијата на XX ИФАД Стоби, во состав: Јордан Витанов, актер, Љупчо Георгиевски, режисер и Катерина Момева, драматург, едногласно ја донесе следнива одлука – Награда за најдобра женска улога се доделува на Илина Чоревска за улогата на Медеја во претставата “My name is Medeja”, режија на Себастијан Хорват, а во продукција на Н.У. Народен Театар Битола. – известуваат од Народен Театар Битола.
Имено околу „My name is Medeja“, драматургот Рамшак Марковиќ, ќе рече:
–Toa e претстава за женската моќ. Главната хероина, e економска мигрантка од Балканот која заминала во Швајцарија,. Taa е вклештена помеѓу немилосрдната и безлична бирократија, од една страна, и расипаноста на поранешниот маж, од друга. Медеја се бори. Но, секој чекор што ќе го направи како да ја турка сѐ подлабоко кон дното и соочувањето со поразот. Во моментот на целосна немоќ, таа сепак пронаоѓа надеж, но надвор од координатите во кои се движела дотогаш (митска омнипотенција/тотална немоќ) – откривајќи дека вистинската сила секогаш се наоѓа во односот со другите. Твојата болка не е само твоја, исто како што и твојата борба не е само твоја.
Актерката ја искажа возбудата за наградата и се заблагодари на сите оние кои ја поддржуваа. Се заблагодари и на публиката, а и на оние кои не ја поддржуваа.
„Неизмерно сум среќна што во градот на моите претци, на мојот дедо ја добивам оваа награда, јас сум потомок на Трајко Чоревски. – забележа наградената актерка. – Претходната награда Војдан Чернодрински ја добив во градот на мојот друг дел од семејството. Еве некако го заокружувам тој пат. Благодарна сум на фестивалот што нашата претстава се одигра на јубилејното издание на фестивалот. Благодарна сум на жирито што ја додели наградата која ќе ја носам длабоко во мене во срцето.
Таа ќе ме поттикне понатаму да работам уште повеќе и уште подетално. Им благодарам на Себастијан и Милан што ми ја дадоа шансата јас да бидам таа нова Медеја која ќе го одбележи годинешниот фестивал. Им благодарам на мојот театар и директорот Иван Јерчиќ кои ни оставаат простор да бидеме автентични и свои. Да градиме улоги како што е мојата Медеја. Им благодарам на сите мои колеги кои ме поддржуваат. Но, и на оние кои не ме поддржуваат заради тоа што правењето на една улога доаѓа од различни правци. Оваа награда е за мајка ми со која поминавме една пеколна година“. – Изјави Илина Чоревска.
За актерката, ние како публика гласно тврдиме дека навистина брилира во улогите. Со посебен фокус кон автентично градење на ликовите, оваа актерка максимално се вложува и воодушевува на сцена. Нејзините улоги остануваат запаметени и долго живеат низ громогласниот аплауз. Како институција која долго време е бренд на македонската театарска сцена, Битола продолжува да пишува историја со големи актерски имиња. Имиња кои остануваат да сведочат како пример за идните генерации.
Исто така специјална награда за оригинално драматуршко толкување и авторство се додели на Билјана Крајчевска за “Жени во собрание”, режија на Ќендрим Ријани, продукција на Театар Комедија.
Уште пред самата премиера во описот за извонредната „Жени во собрание”, наградената Билјана Крајчевска, за приказната, текстот и идејата, во „умно“ ќе потенцира:
– Зошто тргнавме од Аристофан, 400 и кусур години пр.н.е.? Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нив. Се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата. Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја, итн.). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женска моќ е комедијата на Аристофан „Жени во Народно собрание“.
Комедијата ја претставува самоиницијативата на жените. Самоиницијативата да ја преземат политичката и државната власт, поткрепена со теоријата на Праксагора дека владејачкиот сталеж не треба да има приватен имот (карикирано од Платоновата „Држава“). Така, жените преправени во мажи влегуваат во атинското собрание. Придобиваат неколку мажи на своја страна и воведуваат своевидна „социјалистичка влада“ која се грижи за рамноправноста на атинските граѓани – до таа мера што одлучуваат „кој маж со која и каква жена треба да спие.