На велешкиот мерцедес, не се отвара вратата ко на Југото: Игор Андреевски во YUGO: фолк, љубов и муабет за мерак

Игор Андреевски во YUGO: фолк, љубов и малку алкохолче и муабет за мерак.

Со раце полни, но со трезно срце, Игор Андреевски, новиот гостин во YUGO, со се поклони влезе во олдтајмерот. Како вистински фраер од Велес, веднаш му кажа на Мими дека подарокот е симболичен. …За другите да знаат: во „Југото“ не се оди со празни раце, друштво!

Првиот комплимент од Игор во новата епизода од емисијата YUGO, летна како чалгиска нота: „Ми се допаѓа што си оргинал и што не работиш во студио, туку од овој автомобил направи бренд!“

Нескромно, би потврдиле и би ја пафалиле оригиналноста на Мими. Нема костим, нема феик, нема сценски ефекти. А на ова Мими, кон гостинот со скромна насмевка, одговори: „Ајде сега, за тебе сме тука. Кажи ни за тебе, да те поддржиме!“(Абе си бери и Мими поени, а си бериме и ние да не се лажиме, ама ајде.)

Игор Андреевски, инаку е дипломиран и магистриран пијанист (да, со класика!), свири и чалгиска и фолк и сè помеѓу. Роден е во Велес, а потекнува од Бистрица. Денес работи како репетитор во музичко училиште, а по 20 години свирење клавир, сега се посветува на традиционална музика, со кичевски стил. (Публиката дури мисли дека е од Кичево).

Игор Андреевски во YUGO

Иако нема издаден албум (уште), има десетина песни и сериозна намера да ја оформи својата музичка приказна – со поддршка од колеги како Златко Миладиновски. „Сега ми е време, не настапувам по свирки, туку на емисии.“ – нагласи Андреевски.

За Велес, можеби би забележал дека е до некаде пензионерски град со шеталиште, ама без свирки. А за Битола? Имал Игор и една голема љубов во Битола. Картите на маса и големо признание. Сега била омажена, ама срцето уште пее „Ако одам во Битола“.

Од дешавките по свадби, издвои оти фрлал емоции и по некоја маса… Ама не тој, гостите. Еднаш, кога му ја порачале „Ај излези Ѓурѓо“ – буквално, гостинот се фрлил на колена и ја скршил масата. Секако, публиката била во транс. А кога сме кај ова, гостинот потенцира дека знае да постави граници. Кога некој развеселен гостин му лепел пари на чело, Игор вешто избегнал повреда. „Добро е – вели. Па можело да останеш и без инструменти – и тоа го имам слушнато!“

Мими, како вистински Битолчанец, го повози покрај паркот и апла му фрли мисла: „Гледаш, тука трчаат убај чупиња – да те прајме битолски зет!“. Југото „јуреше“ и покрај Расчекор. (Јуреше… Хм… Така се вели де) И пак му наметна: „Ајде уште да најдиме чупе од Битола и сè е комплет.“

Инаку, Игор некогаш имал и Југо – „најбрзата кола“ на дедо му. Корал 45, боја трула вишна. „Можеби до бојата е,“ – искоментира Мими во негов стил, затоа и била најбрза. Денес, југото го нема, но споменот останува. За крај се „фрли“ и поздравот до фризерот кој се грижи за стајлингот на косата и брадата на Игор: „Се надевам дека изгледам симпатично“, рече Игор со широка насмевка и уште пошироко срце.

А ние, фала Богу издолживме и пак се замуабетивме, али видео си е видео. Така да ѕирнете го погоре во текстот и уживајте во муабетот на Мими и Игор Андреевски во новата епизода на веќе познатиот бренд, емисијата YUGO која од старт ја поддржуваме.

[post_tags]