I believe in pink! …Или „ЈАС ВЕРУВАМ ВО РОЗОВО!“
И така ги „мрдаш нозете“ (онака скрос на битолски) и пробваш да ослабиш две – три кила. Невозможна мисија со оглед на фактот што работам канцелариска работа. Ваљда и годините, ама не верувам во бројки. И тука некаде го сфаќаш тој факт, ама ајде некако упорен си. Како демек од еден круг околу Битола ќе ослабеш. Што ме води до прашањето: Зошто веруваме во она што не сме уверени? Во што веруваме навистина? Веруваме ли во розово?
И нормално прошетка не е прошетка без муабет (Барем за мене. Веќе аман, не се донаискажавме…) Влегуваме во дискусија за некогаш, за некое минато, за некои извесни луѓе… Некои што се претставуваат граѓани во оваа наша секогаш епска земја. Некои што со скакулски способности станале магистри, завршиле докторати… некои претставници на оваа земја на партиски и глобалистички газди , на фондови, фондации за култура, стартап компании, наметнат „избор“. Граѓани на оваа земја на трибини, на министерства и министри… На влади, на ќелепур џет-сет, на домашното воспитување што се „нишка“ на маргините, земја на плоштади и молови на секој чекор како еквивалент на наметнат консумеризам.
Кој е народот кој не претставува, пред сѐ како индивидуи, а потоа како земја, како македонци, како некои извесни интелекти? Дали овој народ знае што е розово, а не пак да верува во него?
Дали сме свесни за тоа „квази“? Колку сме се избориле со таа суетна луцидност што сите сѐ повеќе ја имаме и е особено евидентирана на социјални мрежи, тагирање… Се експонира како божемен верски или Секуларен Хуманизам. (А не може едното со другото. Квази? Знаеме ли што е?) За оние што не слушнале, поентата ми е знаеме ли во што веруваме и дали веруваме? Што значи хуманоста и кој е нашиот пристап кон неа? Верски или Секуларен Хуманизам? Етика или религиозна догма? Уф..комплицирам знам. Во живо не сум таква, бидете уверени!
Одиме на јога, а веруваме во Бог. Не знаеме ништо за јога освен дека е некое истегнување на мускулите и ете тоа „мрдање“. Во што веруваме? Во нас или во нешто над нас?
И дали над тоа „квази“ секогаш мислиме дека сме во право? Во што веруваме и колку сме уверени дека веруваме во она што си го даваме како преседан за идни случувања?
–Во право е – велам. – Не е се така црно. – додавам.
–Престани ти со тие розовите очила!
…Ова последново ме натера да мислам. Изгледа дека ова е најпогрешната реченица (за мене максима) што ни ја кажувале од малечки. Дека светот не е розов, дека светов не е бајка, дека постои зло… Но, ако сите не знаевме за тоа зло, дали тоа ќе не препознаеше нас, па апро по дали злото е инстиктивно? Нагон, животинска аспирација? Зборот ми е… Колку веруваме во розово? Дали луѓето по природа се добри односно вродено етични како што тоа го вели погореспоменатиот Секуларен Хуманизам? Што е разумно? Да веруваш во твојот разум и етички пристап или веруваш во натприродно?
И ваму, пак ме убедува пријателов:
– Не е се така розово како што мислиш. Колку пати те повредија, колку пати те изгориле, уште колку треба да се изгориш за да се жигосаш?! /Љубовта љубов раѓа. – велам – И ќе го докажам тоа! – тврдам кон другаров./Не е вистина – вели – Не се убедувај во таа глупост. Треба сурово во овој свет, сурово во бизнисот, те газат!/… Значи според тебе (вас) треба да ги газам?
Замолчивме. И јас и тој. И јас и вие. Заќутивме по битолски пријателе. Колку ли им треба полтронство и дали после секое лигавење ќе очекуваат да мирисаат на парфем?
Дедо ми ми велеше едно: „Ако некогаш почнуваш нова приказна, немој за инат на друг чедо!“
И знаете ли што? Најлошо е ако им веруваш дека розовите очила се погрешниот чекор. Веројатно не е важен начинот, етичноста или религијата, важно е човек само да верува дека она што го наумил ќе се случи. Кој е противникот или помошникот за да се оствари целта? …Но, дајте…Важно ли е тоа?
Арно ама доаѓаш во некоја фаза во животот, каде веќе сѐ ти станува јасно. Имаш еурека, конклузија. Имаш идентитет. Знаеш кој е човекот кој го носиш во себе. Како да ви кажам, се облекуваш, но знаеш да го носиш тој костим. Едноставно те претставува. Еве на пример, Марк Џејкобс, eден од најпознатите американски дизајнери со експлицитно бурно минато, порочливо „типче“ од по кафичи, денес на самиот врв на бизнисот во модерниов свет, рекол: „Облеката не значи ништо додека некој не живее во неа.“
Епа знам сега што носам. Само верба. Верба во тие розови очила. И што ако? На кого му сметаат со нив? Што ако вашите камења ги гледам како локуми?
Чевлите драги мои. Чевлите се најважни. Облечете ги на другиот и верувајте во розов свет! Верувајте дека сите имаат причина зошто станале токму такви какви што се. Верувам дека и најзлобните не започнале веднаш така. Не верувам во злоба! Едноставно е! Верувам во розово. Верувам во љубов. Во многу бакнежи. Верувам во прегратка. Верувам во живот и сакам да верувам и верувам дека еден ден таа стара госпоѓа(ако ја дочекам), ќе ми се насмевне и ќе ми рече: Јас сеуште верувам во твоето розово! Ајде да го обиме уште малку!
„Repetitio mater studiorum est” или „Повторувањето е мајка на знаењето!“ Па нели не учеа тоа од малечки? Повторувајте дека верувате во розово. Ќе се изненадите колку навистина е!
I believe in pink! (Верувам во розово!) И ете ти ја Одри Хепберн со истиот цитат инспиран за текстот:
„Верувам дека насмевката најдобро ги топи калориите, верувам во љубов, во многу љубење. Верувам дека треба да се биде силен кога се’ ќе тргне наопаку и верувам дека среќните девојки се најубави девојки. …Дека утре е нов ден. Верувам во чуда.“
Пишува: Елена Трпковска Наумовски